Додека да се родат, бебињата се опколени со звуците од човековата интеракција. Исклучок се оние што имаат значително нарушување на слухот, но преостанатите слушаат и реагираат на човечките гласови уште додека се во утробата на мајката. Кога се раѓаат, продолжуваат да одговараат на оние што им зборуваат – ги вртат главите за да покажат интерес, гледаат со интерес и ја движат устата како да ќе се вклучат во разговорот во секој момент. Тие вештини покажуваат дека бебињата доаѓаат на овој свет не само подготвени да го учат јазикот, туку подготвени и да разговараат.
Се разбира, потребно е време пред да почнат да користат зборови и реченици во комуникацијата со другите, но тоа не значи дека не учествуваат во интеракциите уште од првите недели од својот живот. Кога се правилно охрабрени, тие ги координираат своите движења и звуци со возрасните. Гледаат активно кога возрасното лице им зборува, а потоа реагираат на начини типични за нив. Тие рани интеракции се од големо значење за нивното јазично развивање.
Важноста на одговарањето
Јасно е дека нивниот јазичен развој е обликуван од видовите интеракции што ги доживуваат од раѓањето. Бебињата треба да слушаат и да бидат слушнати. Потребно е возрасните да им зборуваат, но еднакво е важно бебињата да знаат дека може да имаат ефект врз другите, дека нивните движења, експресии и вокализации ќе го привлечат вниманието на возрасните и ќе предизвикаат одговор. Со тоа, на децата им се обезбедува утеха, радост и емоционална поврзаност со своите родители или старатели, па тоа ги наведува да продолжат да ги развиваат своите комуникациски способности. Неодамнешна студија потврдува дека двонасочната комуникација е важна за силен јазичен развој. Други студии откриваат дека новороденчињата што постојано остваруваат интеракции со возрасните имаат побогат речник од оние што не искусуваат комуникациски моменти толку често. Не е само родителот тој што го контролира процесот. Истражувачите истакнуваат дека кога новороденчето вокализира додека гледа во лицето на родителот, родителот најчесто реагира и одговара на соодветен и навремен начин. Поважно, комбинацијата од вокализациите на новороденчињата и координираните одговори на родителот не прекинуваат откако детето ќе почне да користи вербално изразување. Истражувачи анализирале целодневни аудиоснимки од разговори и зборување со новороденчиња и мали деца во нивните домови. Се открило дека децата од 18 до 24 месеци кои се вклучувале во чести конверзации со членовите на семејството имале значително посилни јазични и когнитивни развиени вештини, 10 години подоцна, во споредба со оние што учествувале во доста поретки конверзации. Не само што моќта на раната конверзација продолжува и во училишните години кај детето, туку се појавуваат придобивки и за неговиот когнитивен и јазичен развој.
Што можат родителите и едукаторите да научат од овие студии?
Овие студии ја истакнуваат важноста на зборувањето и интеракцијата на децата уште од нивното раѓање. Им помагаат да се вклучат во светот на јазикот – звуците, ритамот, функциите – со што се овозможува градациски да се приспособуваат на комуникацискиот процес и да им се приклучат на оние околу нив. Со текот на времето, децата придонесуваат повеќе во овие разговори преку користење звуци и гестови за да искажат емоции, желби и идеи.

Како родителите и едукаторите да охрабрат рана комуникација?
Понекогаш е тешко да се знае што да му се каже на детето кое сè уште не зборува. Следните совети може да им помогнат на возрасните да ги вклучат новороденчињата во раните комуникации:
-Зборувајте им на децата за она што го правите, гледате, чувствувате или искусувате и зборувајте им како да ве разбираат.
-Кога тие вокализираат, прават фацијални експресии и го движат телото, одговарајте им како да се обидуваат да ви кажат нешто – „Сакаш да те земам?“, или „Ох, ова марамче ти предизвика студ, гледам дека не ти се допаѓа“. Вашиот одговор ќе им помогне да разберат дека се слушнати.
-Гледајте ги в лице кога зборувате со нив и паузирајте откако ќе кажете нешто. Тоа ќе ви помогне да забележите суптилни одговори, како фацијални експресии или движења на телото. Можете потоа да одговорите на тие знаци со уште малку повеќе зборување.
-Поставувајте едноставни прашања. Иако не добивате одговори со зборови, прашањата прават да застанеме, паузираме и да повикаме на одговор, па потоа можете и да одговорите самите – „Дали ја слушна птицата?… Слушај! Мислиш дека се крие во дрвото?“
-Играјте игри – пеење и игри со задевање, криенки и слично, кои ги охрабруваат децата да одговараат. Конверзациите тогаш се поддржани од блиски и обострани односи, каде што и возрасните и децата не само што сакаат да дадат придонес во конверзацијата, туку и очигледно се интересираат за она што другиот сака да го каже. Овие конверзации не само што ги збогатуваат животите на децата туку и ги водат напред кон свет каде што ќе ги користат своите јазични вештини во целост.
Автор: Шила Деготарди