Јасно ни е колку општеството истрајува во ставот дека момчињата не смеат да ги искажуваат своите емоции. Една мајка ни кажува зошто тоа не е добро

Како прво, да разјасниме една работа – на ниту едно дете не треба да му се вели да не плаче, без оглед на полот. Велејќи им да не плачат, само им даваме до знаење дека не е во ред да го чувствуваат тоа што го чувствуваат. Им велиме дека нивните емоции не се важни. Тоа не е она на што сакаме да ги научиме нашите деца.
Особено на момчињата често им се праќа порака дека плачењето е знак на слабост, или уште полошо – дека момчињата не треба да го прават тоа, само девојчињата смеат. Се разбира, оваа порака ги понижува девојчињата во однос на момчето што го слуша тоа. Пораката не е едноставно – „Ти си како девојче“. Вистинската порака е – „Девојчињата се слаби, а и ти си таков“.
Притоа, ниту девојчињата што плачат се слаби ниту момчињата.

Постои едноставен доказ дека спречувањето момче да плаче води кон нездраво покажување на емоциите. Тоа е затоа што емоциите нема едноставно да исчезнат. Тие се како енергија, која ниту може да се создаде ниту да се уништи, туку едноставно поминува низ нас, расте низ комбинацијата од ситуацијата и мозочниот систем, па пронаоѓа начин да излезе. Ако не излезе низ солзи, ќе излезе како гнев и насилство. Не можеме едноставно да избереме да не ја покажеме емоцијата. Таа самата ќе најде начин да излезе.

Мојот дванаесетгодишен син Лукас пред извесно време имаше тешка ноќ обидувајќи се да ги заврши сите задачи што не ги направи навреме. Признавам, неколкупати му реков дека не ми е жал бидејќи самиот се довел во таква ситуација. Мораше да го голтне тоа, самиот да преземе одговорност за своите грешки и да ја заврши работата со позитивен став. Мојот сопруг се криеше во заднина, собирајќи ги моите емоции. За мене, колку и да бев напорна во тој момент, фрустрацијата на Лукас ми изгледаше како класичен темперамент на едно детиште.
Не сум сигурна што ме натера да престанам и да поставам прашања наместо да држам лекции, но го направив тоа. Седнав покрај Лукас и му реков да разговара со мене. Тој единствено низ заби промрмори неколку неразбирливи реченици колку го мрази училиштето. Молчејќи, сопругот седна до Лукас од другата страна.

Тогаш се сетив на нешто што Лукас ми го рече неколку дена претходно: „Јас се трудам, мамо!“
Можеби и сега се случува истото. Прашав: „Дали е ова затоа што толку се трудиш и даваш сè од себе, а се чувствуваш како да не е доволно?“
Тогаш се случи тоа. Го изразив токму она што го чувствуваше тој. Тогаш почна да плаче и сопругот и јас видовме колку навистина се бори – колку е исфрустриран од себеси и од недостатокот на трпение кај другите за него. Лукас, кој се бори и со синдромот АДХД, константно е потсетуван од некого дека не е доволно добар.

Тогаш сопругот направи нешто што засекогаш ќе ми остане во сеќавање – и самиот почна да плаче. Солзите на неговиот син го потсетија на времето кога од Перу се досели во Америка за да студира и колку му било тешко да се вклопи со другите деца чиј мајчин јазик бил англискиот, па затоа им било полесно. Барем тој така мислел.
…Му го раскажа сето ова на Лукас. Мојот сопруг немал АДХД, но почувствува емпатија со чувството на осаменост кај Лукас, фрустрацијата дека секогаш го пропушта важното, чувството дека без оглед колку многу работи, неговиот труд останува незабележен. Бидејќи Лукас се трудеше! Даваше сè од себе.

Секако, тој сè уште требаше да ја подобри својата работа, затоа што тоа е лекцијата која се обидуваме да му ја дадеме – направи ја работата како што треба. Заврши го она што си го почнал. И кога е тешко, и кога не е совршено, биди истраен.
Лекцијата на која дефинитивно нема да го учиме е дека не му е дозволено да плаче. Неговите фрустрации се сосема во ред. Која би била поентата ако го тераме Лукас да ги голта своите солзи и да ги потиснува своите оправдани емоции? Каде би му отишол мозокот ако татко му наместо сочувство, му кажеше: „Слушај, момчињата не плачат!“

Едноставно, тоа не е точно. Во спротивно, момчињата… не би плачеле. Очигледно е дека плачат, тоа секојдневно го гледаме и единствената причина поради која престануваат е тоа што им велат дека мора да престанат. Но, зошто? Тоа секому му помага. Потиснатите солзи подоцна се искажуваат низ гнев. Момчињата плачат. Сите. И малите, и тинејџерите, и мажите. Тоа е сосема нормално и здраво.
Крајно време е да се погреба тој мит дека момчињата не плачат. И јас прва нема да пуштам солза по него.

 



912

X