„Социјалните мрежи не се исклучиво лоши. Можете да ги користите и за некои добри цели, како што е воспоставување контакт со луѓе кои се далеку, а сакате да одржувате врска со нив. Но, проблемот настанува во оние домови каде што семејствата се одвојуваат, па секој во своето ќоше сурфа, четува, лајкува…“ – тврди д-р Влајко Пановиќ, клинички психолог на Воено-медицинската академија во Белград.

Неговите текстови, предавања, знаења што ги споделува со родителите навистина просветлуваат, а понекогаш дури и можат да повредат затоа што не е лесно да се погледнете во огледало.

– Постои еден лицемерен однос кај родителите. Сите тие социјални мрежи поставуваат некаква старосна граница. И многу родители, можеби сакајќи нивните деца да не заостануваат зад групата, лажеле во име на своите деца и ги фалсификувале нивните години. Во тој момент, почитувани господа, вие сте го изгубиле авторитетот. Можеби тоа ќе го оправдате со некоја рационална или каква било друга причина, но всушност – родителите се најважниот пример за децата. А децата гледаат што прават нивните родители, а не што зборуваат. Душко Радовиќ велеше: „Тепајте ги вашите деца кога ќе забележите дека личат на вас“, бидејќи всушност сите стапици на растењето во кои паѓаме се НАШИ, а не детски стапици. Должни сме да ги препознаеме бидејќи децата немаат никој подобар од нас – изјавил д-р Пановиќ.

Зборувајќи за начинот на живот денес, овој клинички психолог вели дека не е точно оти животот се забрзал. Настаните се забрзале, а ние избираме дали ќе се согласиме да живееме брзо или не.

„Еден од најголемите проблеми на современиот човек е недоволната организација во времето и просторот. Човекот треба да биде господар на своето време. Ако гледаме телевизија, тоа нека биде со некаква цел и не без употреба на никаков филтер. Треба да знаеме кога лежиме, кога јадеме, што правиме во текот на денот. И децата треба да имаат свои одговорности во сето ова бидејќи со тоа им даваме цврста основа, за полесно да ги препознаат сите тие замки на зависноста“.

Извор



912

X