Денес, ние сме нова генерација на родители. Разгалени од технологијата, секогаш во трка со времето. Генерација која постојано се обидува да најде начин да го подобри своето родителство, а некако не успева да го види „дрвото од шумата“. Ние постојано се стремиме кон најдоброто и во тој стремеж забораваме да застанеме и да го погледнеме своето дете.

Враќањето на фокусот кон малите и секојдневни радости и благодарноста што сте родители е единствениот вистински стил на родителство.

Ова го вели д-р Шефали Сабари, која на Универзитетот „Колумбија“ докторирала клиничка психологија. Таа е авторка на повеќе наградени книги и предавања на тема свесно родителство.

Веб-страницата „Парент сајкл“ направи интересно интервју кое ви го пренесуваме во продолжение.

Го воведовте и дефиниравте поимот „свесно родителство“. Што значи тоа?

– Идејата за свесно родителство произлезе од комбинација на моето искуство како мајка и искуството на моите клиенти. Сфатив дека традиционалните пристапи, како строга дисциплина или оние други пристапи засновани на идејата „што ќе биде ќе биде“, едноставно не функционираат. Додека се приспособував на клиентите, почнав да забележувам проблеми и ситуации и сè се вртеше околу недостигот на свест и разбирање. Без свесност, ја губиме способноста за поврзување со децата бидејќи го слушаме она што сакаме да го слушнеме. И неможноста да се поврземе со нашите деца е основата на сите проблеми во однесувањето што ги имаат.

Свесното родителство е всушност процес во кој растеме, дозволувајќи им на децата да ни се покажат во светло кое можеби не ни е најпријатно. За возврат, како родители добиваме шанса да ја развиеме нивната креативност, издржливост и карактер. Сè што им е потребно на децата за среќен и успешен живот е всушност во нив. Нашата задача е да обезбедиме негувачка и поддржувачка средина во која тие ќе можат да растат, наместо да ги принудуваме да бидат она што општеството го очекува од нив.

Секогаш велите дека секое дете е различно. Дали ова значи дека не постои рецепт за правилно родителство?

– Секое дете е навистина уникатно, што значи дека треба да му се пристапи индивидуално, а не универзално. И токму тоа ви го овозможува свесното родителство! Слушаме, гледаме, внимаваме. И така ќе знаеме како да се однесуваме во секоја ситуација. Ние работиме со нашите деца без да ги контролираме, туку им даваме шанса да бидат тоа што се и им помагаме да растат.

Работата на родителот НЕ е да го воспитува детето според сликата што тој ја создал за него. Нашата цел треба да биде да им помогнеме да го најдат својот пат.

Како можат родителите станат „подобри“?

– Најдобар начин родителите да ја исполнат својата улога е да бидат отворени за учење и развој. Тие мора да имаат храброст да се погледнат себеси во огледалото што нивните деца го држат за нив. Ако сме навистина отворени наместо да го негуваме своето его, самите деца ќе ни го покажат сето она што не успеваме да го видиме.

Родителите многу често ги споредуваат своите деца со други. Какво влијание има тоа врз нивниот емоционален развој и нивната психа?

– Споредувањето ја уништува индивидуалноста и ја намалува способноста на детето да развие внатрешна мотивација. На децата не им требаат надворешни мотиватори, постојани закани, казни и поткуп. Наместо да ги негувате личноста и карактерот на детето, споредувајќи го со другите деца, ја крши нивната уникатност.

Во повеќето ваши презентации може да се види дека не ја сакате дисциплината во смисла во која денес се перципира. Зошто?

– Дисциплината во сите нејзини форми е всушност обид да се контролира детето и да се принуди да постапува според нашите норми. И, да, секако сите ние треба да се погрижиме нашите деца да пораснат во цивилизирани луѓе за да можеме да живееме во општеството и со други луѓе.

Свесното родителство не поддржува контролирање на децата, туку им овозможува да учат. А тоа најдобро се реализира преку негување на семејната рутина. Кога работите се прават на одреден начин во семејството, а децата се охрабруваат да се однесуваат на ист начин, порано или подоцна тие ги прифаќаат тие практики.

Стилови на родителство

Често слушаме дека родителите треба да бидат многу внимателни за начинот на кој разговараат со своите деца. Дали има одредени теми или обрасци што се забранети?

– Со децата треба да разговараме онака како што сакаме тие да зборуваат со нас. Како разговараме со колеги, пријатели или други важни луѓе во нашите животи? Нашите деца ја заслужуваат истата почит и внимание. Ако сакаме да нѐ почитуваат, мора да почнеме први.

Наметнатата дисциплина, пак, доведува до огорченост, ја разбива детската креативност, имагинација и инвентивен дух. Исто така, кога дисциплината вклучува казни кои често погрешно ги нарекуваме „последици“, кај детето се развива анксиозност.

Кој е вашиот личен стил на родителство?

– Како што опишувам во моите книги. Јас и ќерка ми сме многу блиски и навистина се трудиме да се приспособиме една на друга. Таа има свои мисли и е своја личност и ја охрабрувам да го каже тоа гласно. Дозволено ѝ е да биде тоа што е, на секој начин. Тоа значи дека таа може да разговара со мене, да не се согласува и да се бори за својата позиција толку силно колку што мисли дека треба. И јас ја слушам, почитувајќи ја. Заедно, постигнуваме решенија и компромиси преку искрени преговори во кои нема игри на моќ или манипулации; само искрена дискусија каде што секој има право да каже што мисли и чувствува.

Кој е вашиот совет до родителите што го читаат ова?

– Оставете ги настрана сите идеи за родителството, сите техники за кои другите ви кажале дека се толку успешни затоа што им помогнале. Почнете да ги слушате вашите деца, обидете се да разберете што зборуваат. Бидете родител кој ја работи најтешката работа, а тоа е РАБОТАТА на себе, за да можете зрело да одговорите на потребите на вашите деца, наместо да реагирате на начините што родителите, за жал, премногу често ги користат за воспитување на своите деца.

Извор



912

X