Д-р Ранко Рајовиќ гостувал во телевизија во соседна Србија каде што зборувал за интелигенцијата кај децата, наследниот фактор, развојот, влијанието на околината, како и за тоа како родителите можат да препознаат надарено дете.

На прашањето дали интелигенцијата се наследува, д-р Рајовиќ вели дека се наследува потенцијалот, односно дека тоа што мајката и таткото се многу интелигентни значи дека детето има потенцијал да биде интелигентно, а дали навистина ќе биде, зависи од околината и од стимулациите. Тој истакнува дека три фактори се од исклучително значење, а тоа се потенцијалот, околината и внатрешната мотивација за учење.

А ако родителот рече: „Немој сега да ме прашуваш, немам време“ и го вклучи ТВ, тука нема стимулација

Д-р Рајовиќ бил и претседател на Комитетот на светската организација МЕНСА за талентирани деца и истражувањата што тогаш биле направени покажале дека многу деца, иако имаат вроден потенцијал да развијат талентираност, нема да ја развијат бидејќи немаат поттикнувачка околина. Само 3 од 20 потенцијално талентирани деца ќе го искористат вродениот потенцијал, па д-р Рајовиќ се прашува – каде ги изгубивме овие 17?

– Надареноста на децата се покажува на повеќе начини. Тие деца можеби почнале да зборуваат порано, покажуваат интерес за географија, енциклопедии, животни, рано покажуваат желба да научат да гледаат на часовник. Тие интереси се покажуваат веќе некаде од 3-4 години. Тие се обидуваат да научат многу работи. А ако родителот потоа рече: „Немој сега да ме прашуваш, немам време“ и го вклучи ТВ, тука нема стимулација. Гледањето во екран ги намалува длабоките регии во мозокот, па така и когнитивните способности. Вие имате интелигентно дете кое не може да седи, да учи, да чита подолго од 5 минути, но може да игра игри. Тоа е проблем кој денес го имаме и кој се нарекува хипервнимание – вели д-р Рајовиќ и додава дека ако детето ја совлада најтешката работа во животот, а тоа е говорот, до 3. или 4. година, тоа значи дека може многу повеќе ако има добри методи и поттикнувачка средина.

– Детето од 3 или 4 години што научило да чита не мора нужно да биде поинтелигентно од врсниците, бидејќи често тоа родителите му го наметнуваат. Многу се поважни мисловните процеси. Ние мораме да го активираме детскиот мозок на природен, биолошки начин – објаснува д-р Рајовиќ. Тој вели дека учењето нови работи за децата е извор на среќа. Кога детето ќе научи да оди, да вози велосипед или да прави нешто друго што порано не умеело, во неговиот организам се лачи ендорфин, хормонот на среќа, и детето се радува на тоа. И кога, на пример, дете од 3-4 години ќе ги научи знамињата од државите, па симболите на автомобилите, бидејќи тоа го интересира, потоа им го покажува тоа на мајката и таткото, тие се воодушевуваат и тука се застанува. Не се оди чекор понатаму. Ништо не се презема. Д-р Рајовиќ го истакнува ова како голем проблем на нашето општество.

Кинеските држави функционираат поинаку. Кога чита, Кинезот мора да мисли бидејќи мора да чита симболи и да ги поврзува со нивното значење. Тие од најрана возраст учат да поврзуваат и на тој начин да развиваат регии во мозокот.

– А ние кога читаме, некогаш не знаеме што сме прочитале – вели Рајовиќ и додава дека тоа не значи оти нашите деца треба да почнат да учат кинески, како што разбрале во некои градинки, па го вовеле тоа.
„Кинески е за Кинезите, не е за нас. Тој ќе ги гледа тие симболи на работа, во продавница, во секојдневниот живот, нашите деца нема. Затоа и рековме дека околината е важна 100 проценти, па децата треба да се развиваат во согласност со своето опкружување.

Дивергентното мислење е клучно за развој на надареноста

Треба да ги учиме децата на симболи не за детето да знае 100 симболи, туку за да научи да поврзува. Па така, кога родителите одат до градинка, можат на децата да им покажуваат симболи од автомобилите – ова е „фиат“, ова е „тојота“… Па следниот чекор би требало да биде да зборуваат за тоа дека „фиат“ се прави во Италија, а „тојота“ се произведува во Јапонија. „Така децата се учат да ги поврзуваат работите, па вие кога ќе прашате дете од 5 години со кое се работело што ги поврзува чизмата и пицата, тоа ќе ви рече Италија. Тоа се нарекува конвергентно мислење. Следен чекор е детето само да почне да поставува прашања кои бараат да поврзува работи. Тогаш се работи за дивергентно мислење. Ранко Рајовиќ вели и дека не значи оти детето кое е интелигентно задолжително е и талентирано. Дури кога интелигенцијата се развива и детето ќе дојде до тоа да умее да мисли дивергентно, тоа е развојот на надареноста. Тоа значи дека мораме да ги менуваме методите уште од градинка, а особено на училиште, а не од 20 интелигентни деца да успееме да извлечеме потенцијал само од три.

– Мора да се работи со нив. Тие веќе знаат логички задачи, тоа ништо не им значи, треба да им ги дадеме оние нелогичните – тврди д-р Ранко Рајовиќ. Објаснувајќи што  мисли под тоа, се потсетува на еден пример кога истата задача им ја поставил на учителите и децата во градинка, а тоа е да нацртаат дека мајката одлетала. Учителите, се разбира, нацртале мајка во авион, а децата мајка која лета со крилја што и излегуваат од главата. Упатувајќи пофалба на вториот цртеж, Ранко е запрашан како може да го учи детето дека крилја растат од главата. „Знаат децата дека крилјата не растат од главата, но пуштете ги! Нека цртаат така, ако велиме не може вака, не може така – ние ги затвораме асоцијативните регии во мозокот, а тие се одговорни за дивергентно мислење, а тоа е надареност и креативност. Затоа се вели дека училиштето ја убива креативноста“.

Ако на детето му го одземете движењето – сте го спречиле неговиот развој

Иако за тоа многу пати зборувал, Рајовиќ не се откажува од тоа да ги едуцира родителите. Говорејќи за немирните деца, тој вели дека на детето му е дадена енергијата за да се движи. Тоа е негова потреба и затоа детето треба да биде во природа.

– Кога не се во природа, тие во куќата скокаат, од кревет на фотелја, од фотелја на стол, па возрасните велат детето е хиперактивно. Не е хиперактивно, туку има природна потреба за движење која му е одземена бидејќи не е надвор. Ако му ја одземеме на детето можноста за движење, сме го спречиле неговиот развој. Јас се залагам за тоа одморот на училиште да трае 15 минути, децата за тоа време да се истрчаат, да не носат телефони. Но, тука ни се проблем родителите – како ќе го оставите детето без телефон? Па добро, нека го носи до училиште, а таму нека го остави. Тоа е одлука која треба да ја донесе советот на родители на ниво на училиштето. Не би им давал телефон на деца до 10 години. Цртани филмови кратко да, но гледање во телефон повеќе часови – не.

Родителите сакаат и да го решат проблемот со досадата на детето, сега и веднаш. Ако детето се пожали дека му е здодевно, тука има безброј канали и игри кои родителот ќе му ги стави на располагање. Нашите деца не се движат, 50 отсто од нив имаат рамни стапала кога поаѓаат на училиште поради недоволно движење. Ние така создаваме неспособни деца – заклучува д-р Рајовиќ.

Извор



912

X