Мозокот на децата кои од најрана возраст биле изложени на разни екрани не се развива како што треба бидејќи овие комуникации не се соодветни за рано разбирање на светот, предупредува д-р Анте Багариќ, психијатар од Хрватска.

Поразителниот број зависници од видеоигри, во толкава мера што ги потиснуваат сите други интереси и активности, но и оние што целосно ја загубиле способноста за поимање на реалноста, па продолжуваат дури и поинтензивно да играат и покрај штетните последици, беа доволни за аларм во Светската здравствена организација да ја прогласат оваа зависност за ментална болест. Околу 2,5 милијарди луѓе во светот секојдневно играат игри, а тука е и цела војска луѓе што на различни начини се забавуваат во виртуелниот свет. Иако нема службени податоци, се проценува дека во овој момент во Хрватска има барем сто илјади зависници од интернет.
Лекарите се согласуваат дека оваа зависност е потешка за лекување отколку зависноста од алкохол, дрога или коцка, бидејќи мобилните, компјутерите и другите екрани не можат да се отстранат од секојдневниот живот. Освен тоа, луѓето се целосно несвесни дека зависноста од интернет е болест како и секоја друга и дека треба да се лекува.

Како воопшто се лекува зависноста од интернет?

Зависниците од интернет се лица што имаат емоционални пречки, како и сите други зависници. Алкохолот, дрогата, коцката и интернетот се обид за самомедикација. Таквите лица се вклучуваат во разни терапевтски програми преку кои треба да се откријат внатрешните конфликти во личноста и да се разрешат. Ако се допре до нив, тоа е патот на излекувањето, а ако не се постигне тоа, зависникот се враќа во вообичаеното зависничко однесување. Најтешките случаи се хоспитализираат, се вклучуваат во групни терапии за да се уочи кои се човечките потреби, да ги чујат другите луѓе, особено терапевтите, да почувствуваат дека се наоѓаат во безбедна средина каде што никој не ги обвинува или критизира. Во работата со зависниците многу е важно да се разберат нивните проблеми. Зависноста од интернет не е мрзливост и денгубење, туку е болест, и тоа многу тешка.

Кога некој пет години е затворен во својата соба, тогаш е веќе доцна за терапија. Иако не смее да се каже дека е доцна, факт е дека на лицата што со години живеат само во виртуелниот свет емоционалниот систем им е распаднат. Семејството треба да ги направи вистинските чекори, а тоа е можно само ако сфати дека на тоа лице му треба стручна помош.

Дали секоја зависност со себе носи и други психички нарушувања?

Зависноста речиси секогаш се јавува во комбинација со депресија, анксиозност, паника… Таа се „лепи“ за една личност која има тешкотии да се прифати себеси и која тешко комуницира со други. За жал, денес има многу такви млади лица.

Колку зависници се хоспитализираат поради овој проблем?

Бројот е мал бидејќи ваквите луѓе не се сметаат себеси за болни, туку за натпросечно интелигентни. Мислат дека се отворени за комуникација, иако со никого не комуницираат. Меѓутоа, и нивната околина, која би требало да реагира, не го гледа проблемот, барем не навреме.
– Кога детето не излегува од дома, не се дружи и по цел ден игра видеоигри, тоа е многу опасно. Треба да станеме свесни за тоа. Постојано се обидувам да развијам свест дека технологијата секојдневно ни носи одлични работи, дека таа е неизбежна, дека и натаму ќе се развива, но се обидувам и да предупредам дека може да биде и многу опасна, особено за младите луѓе. Додека детето не тргне на училиште, не би требало ниту да допре мобилен телефон, таблет или компјутер. Тоа е препорака од мене до родителите – вели д-р Багариќ.

Тој додава дека лично би сакал истото да важи барем до 12-тата година од животот на децата, но знае дека не е реално да се очекува тоа. Децата на претшколска возраст би требало да си играат со вистински играчки и да го развиваат својот внатрешен свет без виртуелност. Ако постојано се изложени на впечатоци кои доаѓаат од разни екрани, мозокот ќе им се развива полошо бидејќи ваквиот вид комуникации не се соодветни за рано разбирање на светот. Детето треба да биде вклучено во реалниот живот, 10-15 часа да ги набљудува луѓето и нивните емоции на лицето, бидејќи на тој начин ќе научи што е среќа, лутење, тага, а не да живее во виртуелен свет каде што емоциите се дигитализирани. Ако не го научи тоа во раното детство, во психолошка и во емоционална смисла ќе остане неразвиено.

Кога треба на родителите да им светне црвената светилка за тревога?

– Прв индикатор е времето поминато во виртуелниот свет. Штом детето поминало три до четири часа пред компјутер, а тоа не е поврзано со училиштето, би требало да биде знак за тревога. Десет часа дневно пред екран, тоа веќе е дебело црвено светло. Родителите треба да имаат увид што работи нивното дете на мобилниот или на компјутерот… Надзорот, соработката, договорот се важни работи. На пример, можете да воведете ден без мобилен телефон, правило дека за време на ручекот треба да се разговара, а мобилните да се забранети – и слични мали акции кои на големо можат да спречат развој на зависност. Ако детето не комуницира, ако ги запоставува дружењата со врсниците, ако се исклучува од семејните настани, го занемарува училиштето и останува будно до доцна во ноќта за да игра игри, тој мозок јасно говори дека постои проблем. Без добра групна и социјална терапија при најтешките случаи, не е можно повторно да се вклучи во секојдневието. Кога некој е две-три години исклучен од секојдневниот живот, не може да се очекува да се врати во него без стручна помош. Што повеќе време поминало во зависност, толку е потешко лицето да се лекува и стручната помош ќе му биде неопходна“, истакнува д-р Багариќ.

 



912

X