Изминатите пет години бев заинтересиран набљудувач на огромен неименуван таен клуб: голем број жени во нивните 30. години, кои се бремени, или се обидуваат да забременат, но не сакаат и никој друг да знае за тоа.

Овие жени одненадеж добиваат интерес за пиење џин и тоник во барови кога сите знаат дека „Менхетен“ е нивниот пијалак. Имаат иновативни нови диети кои ги презентираат како одговор на поканите за забави („Станувам веган од јануари“). Одбиваат да одат на скијање или на возење велосипед, тврдејќи дека имаат недефинирана болест. Најпаметната меѓу нив дури и крие сок од калинка во фрижидерот – во чаша за вино и често оди да дополни „вино“.

Пред неколку дена открив дека сум бремена. Според апликацијата, пресметав дека сум во шестата недела. И покрај неизвесноста, стравот и можеби дури и реакцијата која може да се појави што толку рано објавувам јавно, сепак го одбивам членството во клубот „Тајна бременост“.

Повеќето од бременостите не се откриваат барем во првото тримесечје, а понекогаш и понатаму. Причините се многубројни. Некои жени тоа го прават бидејќи се плашат од спонтан абортус или други компликации. Овие можности се навистина реални бидејќи 10 до 20 отсто од бременостите завршуваат со спонтан абортус, па затоа жените сакаат да молчат на почетокот, за да не дојде до ризикот од рано споделување, а потоа и споделување на болните вести.

Други се плашат и од ризиците поврзани со кариерата. „Њујорк тајмс“ известува дека дискриминацијата против бремените жени е голема и неконтролирана. Жените често велат дека имаат закажани термини на забар или некои состаноци надвор од работното место, со страв дека ако ја кажат вистинската причина, може да бидат отстранети од проекти и дека може да изгубат многу можности за напредување. Сепак, поради бременоста ќе мора да одат на породилно отсуство.

Други, пак, се плашат од самата бременост: промените на телото, болката од раѓањето дете и многуте последици во целиот процес. Молчењето може да е механизам за справување со сите тие стравови. Некои жени, пак, се плашат дека ќе бидат дефинирани од таа бременост. Себеси се вбројувам во оваа категорија – се сметам за длабоко амбициозна и професионална жена и сакам луѓето да знаат повеќе за мене отколку само фактот дека јас и сопругот ќе имаме бебе. Жените дури може да се плашат и од самото мајчинство, сепак, примате странец во вашето семејство кој сè уште не сте го запознале. Дали ќе ви се допаѓа вашето дете? Овие стравови се вообичаени. А, за некои може да бидат и ослабувачки. Никој не сака да зборува за тешките аспекти од својот живот повторно и повторно. Овие стравови се дополнети од осудите што ги добива жената кога светот ќе дознае дека очекува бебе. Бременоста почна да предизвикува и чувство на вина, па жените се на некој начин принудени да се двоумат во врска со која било нивна одлука што не го поставува детето на прво место. Постојано ќе се соочува со загрижени погледи, а може и да добие чувство дека светот повеќе се грижи за нејзиното неродено дете отколку за неа.

Со сите овие притисоци, трендот за чување на бременоста во тајност носи свои ризици. Жените ги губат можностите да си дадат поддршка една на друга во тешките периоди. Анонимните онлајн-форуми се замена за вистинските разговори со пријателите и членовите на семејството кои ги имаат сличните искуства. Згора на сè, може да се натераат работодавците да ги земат предвид вистинските трошоци од бременоста, ако жените почнат јавно да зборуваат за лекарските прегледи, мачнината, измореноста и другите тешки аспекти од справувањето со бременоста додека жената работи.

Ова не е незначаен проблем: 70 отсто од мајките учествуваат во работната сила и многу жени се чувствуваат најлошо додека се во првото тримесечје, особено ако ја кријат својата бременост. Можеби е најважно тоа дека мораме да се спротивставиме на стигмата за спонтаните абортуси и другите компликации во бременоста. Ова се многу лични и трауматични искуства, а сепак многу чести. Ако и јас се најдам во таа категорија, ќе бидам многу благодарна на поддршката од другите што веќе се соочиле со такво нешто пред мене.

Како и многуте други одлуки што ги носат жените за своите тела, и објавата за бременоста треба да биде избор, а не одлука наметната од социјална конвенција. Па, затоа објавувам дека сум бремена, со надеж дека ќе придонесам и другите жени да се чувствуваат пријатно ако јавно кажат дека се бремени. Среќна сум што нема да се соочам со ризици во врска со кариерата, како што е случај со многу други жени. Но, сепак, се соочувам со значајна промена – во моето тело, во кариерата, во животот. Група жени со кои можам да ги споделам моите стравови, да добијам совет, да се справам со очекувањата? Ете тоа е клуб во кој со нетрпение сакам да се приклучам.

Автор: Бетси Купер



912

X