Игротека

Бремена и сама

Се случува сè да е идеално и да ви се чини дека не може да биде подобро, но еден ден сè ќе се сруши и ќе се случи невозможното. Можете да пронајдете личност со која сакате да имате дете и таа желба ја споделувате и двајцата. Почнувате да го уредувате заедничкиот живот, да живеете заедно, да планирате заедно бидејќи никако поинаку и не сте замислувале да имате дете. Иако бременоста е благословена состојба, често не е ниту мирна ниту пријатна. Од многу мајки што ги познавам, повеќето доживеале разни проблеми во бременоста.

Жените кои на прв поглед имаат уреден семеен живот и внимателен сопруг, знаат и себе и него да го доведат до лудило бидејќи во тие месеци хормоните навистина дивеат. Некои имаат мачнини проследени со повраќање, што ги отежнува секојдневните обврски. Некои жени се ужасно сонливи и исцрпени во првите три месеци, што едвај преживуваат. Често имаме и засилено сетило за мирис и ни се јаде поинаква храна.
Многу брзо откако открив дека сум бремена кај мене се појавија првите симптоми кои многу влијаеја врз моето однесување и моите дневни рутини. Телото се подготвуваше за она што ме очекуваше. Требаше да го забавам ритамот на обврски и да почнам да консумирам здрава храна. Не го сфаќав тоа премногу сериозно, па продолжив со истото темпо, а паралелно со тоа имав многу голема потреба за внимание од другите луѓе. Бев возбудена и среќна, но истовремено се плашев од сето она што ќе треба да го направам за да му обезбедам на детето сè што ќе му треба. Читав, симнував апликации и барав информации на интернет. Моите активности двојно се зголемија и тоа почна да се одразува врз моето расположение.

Хормоните никако не ми помагаа, ретко кога бев смирена и сталожена. Од тогашниот партнер барав љубов и внимание кои самата не си ги давав. Тој не знаеше да се носи со тоа и кавгите се таложеа, а моето расположение беше сè полошо. Не размислував за тоа дека бременоста и тоа што доаѓаше и за него беше шок, само што неговото тело беше секојдневно и без хормони, и за него доаѓањето на детето беше нешто што ќе се случи, некогаш – подоцна. Се разделивме, и детето и јас останавме сами.

Ако поминувате низ нешто слично, обидете се да мислите на себе, да побарате помош од други луѓе во кои имате доверба дури и кога нема да ви биде пријатно. Побарајте психолошка помош ако сте преплашени. Треба да знаете дека и на мајките што имаат сопрузи им е тешко и дека повеќето работи ги прават сами.

Ќе ви недостига друштво на возрасни, па затоа најдете пријателки на кои ќе можете да им пратите порака и на полноќ кога ќе најдете некој смешен напис кој ќе сакате да го споделите со некого. Испраќајте им ги сликите од детето на вашите роднини, особено на постарите тетки и чичковци, кои ќе бидат воодушевени дека сте се сетиле на нив, а со нив ќе ја споделите и радоста од првите чекори и насмевки. Откажете се од стерилизација на цуцлите и мислете на исхраната на детето, но и на вашата. Детето нема да се сеќава какви работи имало кога било мало, па затоа направете сè да ви биде што поедноставно. Сè ќе помине, и околу првата година ќе ви биде најтешко, а подоцна физички ќе ви се олеснува, но психолошкиот напор допрва доаѓа. Сетете се да уживате во босите ножиња, а не само да стравувате дали треба брзо да му облечете чорапчиња за да не настине.

Најважно од сè, бидете свесни дека сте одлична мајка!

 

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top