Пред неколку години во автобус на јавниот превоз ми се случи крајно апсурдна ситуација. Ја станав од седиштето својата седумгодишна ќерка за да може да седне една стара жена. На следната станица, влезе мајка со ќерка на речиси иста возраст и ја стана таа стара жена за да седне нејзиното дете.

Нема подобар пример за конфузијата што владее во денешниот систем на вредности и начин на воспитување. Навистина, кој има предност? Веројатно во некоја анкета мислењата би биле поделени. Моето е јасно – на дете од седум години, здраво, право и полно со енергија, освен во некој голем метеж кога постои опасност некој да го турне или притисне, многу му е полесно да стои отколку на некој стар и изнемоштен. Впрочем, колку стари луѓе познавате кои кога ќе излезат од автобус весело потскокнувајќи одат во паркот и таму со часови трчаат и си играат, сè додека членовите на семејството едвај не ги натераат на спиење, чудејќи се како никогаш не се заморуваат?…

На оваа епизода се сетив неодамна, откако на уличната тезга со воодушевување ја пронајдов книгата „Бонтон за деца“ од 1970 година, истата книга што како дете ја позајмував од училишната библиотека…

Читајќи им ја сега на моите деца со носталгија, налетав на еден многу интересен извадок. Имено, Снежана, јунакот во оваа книга, во трамвај учи лекција за убаво однесување. Не ѝ станала на постара жена, што предизвикува негодување кај останатите патници. Ова е веќе доволно егзотично за денешни стандарди, но сега следува клучниот дел:

„Девојче, дали некогаш си била во трамвај со својата мајка?“, прашува постарата жена со благ тон.
Снежана потврдува.
„Дали во трамвајот седеше ти или твојата мајка?“
Снежана ја наведнува главата.
„Мама седеше, се разбира“, продолжува жената. „Замисли како би се чувствувала кога некое девојче или момче ја одбие твојата мајка, уморна од одење, да ѝ отстапи место за седење. На децата им е многу полесно да стојат отколку на постарите“.

Се обидувам да ја замислам денешната мајка како седи во автобусот додека нејзиното злато стои! Не само што таа не би можела да поднесе таква „суровост“, туку и огорчените патници најверојатно би кренале револуција… За почеток, веднаш некој свежо опериран деведесетгодишник со пумпа за дишење, бастун и дрвена нога би скокнал за да му отстапи место на кутрото дете кога веќе бездушната мајка не сака да го направи тоа. Срам да ѝ е, овој вози како манијак, а детенцето уште не е ни полнолетно!

Автор: Јована Папан



912

X