Децата растат, се развиваат и постепено го „поплочуваат патот“ кој води до независна единка. Родителите мора да бидат подготвени и да прифатат дека повеќе не се работи за мало дете кое ја бара само нивната физичка присутност, туку се работи за адолесцент на кој му е потребно сознанието дека родителот го поддржува дури и кога не е присутен.

Ова е период кога релацијата родител-дете се реорганизира во нов процес, проследен со голем емоционален набој. Најбитно од сѐ е родителите да бидат спремни дека е невозможно да го задржат авторитетот над детето како во претходните фази на неговиот развој.

Во периодот на адолесценција во семејството се воведуваат нови вредности и пријателства, а околината и врсниците имаат големо влијание врз изградбата на идентитетот на детето како индивидуа. Во овој период родителите тешко ги канализираат импулсивните реакции на адолесцентот затоа што осцилираат помеѓу состојбите на зависност и независност.

Успешното поминување низ оваа адолесцентна фаза во голем дел зависи од стилот на родителство. Однесувањето на адолесцентот може да биде непредвидливо и променливо, но родителите мора да бидат претпазливи, трпеливи и да внимаваат да не го заземат ставот на т.н. контролирачки стил на родителство и однесување (висока психолошка контрола, проследена со ниско ниво на прифаќање).

Овој стил на родителство може да го забави осамостојувањето на детето, да се појават проблеми во комуникацијата со врсниците, а исто така може да се наруши и врската родител-дете. Најчесто адолесцентите што се веќе свесни за психолошкиот притисок извршен од страна на родителите полесно потпаѓаат под надворешни влијанија на други лица и имаат понизок степен на самодоверба.

Голем број истражувања покажуваат дека авторитативното родителско однесување (висока контрола и високо прифаќање), поттикнува здрав психосоцијален и академски живот, добро приспособување на адолесцентот во средината и висок степен на самодоверба. Со стиловите на родителство тесно е поврзан стилот на афективно поврзување, кој доведува до автономија на адолесцентот и зајакнување на односот со родителите врз основа на обострана доверба.

Конфликтите во никој случај не смеат да се избегнуваат и да се ставаат под тепих. Родителите и адолесцентите имаат еднакво право да ги искажат своите мислења и ставови и отворено да разговараат за настанатиот проблем, барајќи рационална опција за негово решавање. Доколку родителот смета дека адолесцентот размислува во погрешна насока, во тој случај не смее да му пристапи со напаѓање и упатување критики затоа што со тоа може да се предизвика контраефект, односно може адолесцентот да се затвори во себе и да „напушти терен“.

Моќта на родителот во конфликтни ситуации е кога своето мислење ќе го истакне во облик на сугестии, каде што му остава на адолесцентот одреден простор за поставување прашања и анализирање на целосната ситуација од почеток. На тој начин адолесцентот ќе ја почувствува вашата поддршка и добронамерност, така што ќе успеете да формирате сигурна и комфорна зона за разговор, исполнета со самодоверба, емоционална поврзаност, топлина и соработка.

Така ќе успеете да му останете најдобриот пријател на вашето дете, меѓусебно да се надградувате и да се спротивставите на многубројните предизвици што ни ги задава модерниот и брз начин на живот.

Автор: Ангела Икономоска, педагог



912

X