Сигурно веќе сте му рекле на вашето дете дека никогаш не смее да влезе во автомобил со странец или да му ја отвори вратата на непознато лице. Но, тоа не се сите правила што детето треба да ги научи за да биде безбедно. Одредот за потрага и спасување „Lisa Alert“ е доброволно и непрофитно јавно здружение кое од 2010 година трага по исчезнати лица. Имаат големо искуство и практично знаење, кое волонтерите го делат со сите. Но, самото читање на овие препораки не е доволно, важно е да ги искористите. Важно е, исто така, да се сфати како правилно да се постапува ако веќе се случила некоја неволја и детето се изгубило.

1. Ако одите со детето на некој културен настан каде што се очекува да има многу луѓе, пред самото тргнување направете фотографија од своето дете. Луѓето што го изгубиле детето понекогаш го губат и остатокот од разумот и свеста, не можат да кажат што носело на себе детето, која боја била маицата или панталоните. Ќе биде полесно да го побарате детето ако покажете фотографија.

2. Ако знаете дека детето би требало да се движи од училиштето до дома, од училиште до тренинг, од дома до куќата на бабата и дедото, а потоа по 60 минути не се појавило, можете да почнете да барате. Морате да почнете да пишувате и да ги барате речиси сите: поранешни партнери, баби и дедовци, родители од пријатели од училиште, наставници. Немојте да мислите дека тоа е знак на паника и дека е непријатно. Ќе биде непријатно ако никогаш не го најдат. А потоа, кога детето ќе се пронајде, не заборавајте да ги повикате сите, да им јавите дека сè е во ред и да се заблагодарите на нивната грижа. Зошто се прави тоа? Па, никогаш не се знае што би можело да се случи. На пример, детето би можело од нешто да се исплаши, би можело да побегне од некого, а кога би било во условно позната област, би можело да оди барем на некоја позната адреса.

3. Повикајте полиција, дајте изјава за исчезнатото дете – мора да ја прифатат и веднаш да почнат со барање.

4. Важно е да го научите детето да ви се јави кога од некаде ќе тргне и да се јави кога ќе пристигне. И на ова мора да се навикнете преку покажување пример. Мајката и таткото меѓусебно да се јавуваат пред детето и да се известуваат дека тргнале дома од работа – „Ќе бидам дома за половина час“. Можете да му објасните на детето дека родителите не се контролираат меѓусебно, туку едноставно се грижат еден за друг. Бидејќи ако детето не види како тоа го прават возрасните, ќе мисли дека тоа било само ваш начин да го држите под контрола.

5. Корисно е и за адолесцентите и за постарите лица да инсталираат апликации на телефонот што ја следат локацијата. На пример, за Андроид постои апликацијата „Френдс локатор“, во која може да се формира семејна група и во секој момент да се види кој каде се наоѓа. Меѓутоа, сите овие програми бараат телефонот да биде поврзан со интернет. Имајте на ум и дека услугата не работи ако се испразни батеријата на телефонот. Затоа е важно што порано да се почне со потрагата.

6. Ги учиме децата да велат „не“ и да не слушаат непознати возрасни луѓе. Дома ги учиме децата да ги слушаат мајката, таткото, дадилката, бабата, учителката, сосетката, домарот, познајникот, да не се расправаат со сите тие луѓе, да бидат пристојни. Како резултат на тоа, добиваме деца што заминуваат со непознати возрасни лица. Во еден експеримент во кој учествувале 50 деца на кои им пришле непознати возрасни луѓе само едно дете не отишло со странец. Тоа не значи дека децата треба да ги заплашуваме и да им всадиме верување дека сите странци се закана. Не. На децата работите треба да им се објаснат вака: нормалните возрасни луѓе не ги прашуваат децата за помош, не бараат нешто да им земат, децата да појдат со нив, не им нудат никакви слатки кога родителите не се тука, ниту им ветуваат дека нешто ќе им дадат. Се разбира, треба да ѝ се помогне на старата баба да ја носи тешката торба од продавница до влезот или да ѝ се отвори врата на госпоѓата што турка количка. Но, на сè друго треба да се каже: „Мајка ми не ми дозволува да продолжам“.

7. Дури и ако вашето дете одело по улица и го сретнало соседот или познајник кој се нуди да го однесе дома, научете го во тој момент да ви каже: „Чичко Мишо ме сретна по пат и се нуди да ме врати дома“. Вие тогаш јавете му се на Мишо и уверете се дека детето е со него“.

8. Ако вашето дете или постар роднина ви се јави и ви каже: „Дојди по мене, те молам“, во тој момент станете и тргнете. Можеби детето не може да каже дека некој упорно го гледа, бидејќи тоа лице е во близина.

9. Научете го детето да вреска. Многу деца и возрасни лица не знаат да врескаат. Одете во парк, во шума и почнете таму. Покажете му. Потоа пробајте во град, дури и на плоштад.

10. Социјални мрежи: во никој случај на детето не смее да му биде забрането да ги користи социјалните мрежи. Оставете го да отвори свој профил, така што пред ваши очи ќе се појават информациите за тоа што го интересира, кој вид музика слуша, со кого е пријател. Еднаш месечно погледнете ја неговата листа со пријатели бидејќи би требало сите да ви бидат познати. Водете сметка за преписките и сомнителните профили што го следат вашето дете. Главно, ако се обидете да забраните, детето веројатно сепак ќе ги користи социјалните мрежи, само вие нема да знаете.

11. Порнографијата е најбезопасната работа што може да се најде на интернет. Исто така, може да се најдат информации за самоубиство, дрога, интернет-насилство.

12. Во животот важно е детето да знае дека никому ништо не должи. Многу е важно оваа идеја да се всади во размислувањето на детето. Ако странците нешто побараат, секогаш да се запраша: „Зошто би го направил тоа? Зошто би ви испратил фотографија и би ви го кажал телефонскиот број?“

13. Поминете неколку часа со детето на компјутер, па преку личен пример покажете што треба да прави кога е онлајн и како треба да се користи компјутер и интернет.

14. Ако детето се изгуби, кога ќе го пронајдете, ве молам не викајте му. Објаснете дека сте биле загрижени и зошто тоа што се случило е опасно.

Извор



912

X