Во името на сите ќерки и сопруги:

„Зетовци и баби, спуштете ја топката барем малку! Бидејќи вашиот однос не е ривалитет и натпревар за нашата наклонетост, туку резултат на нашата љубов кон вас“.

Ситуацијата е следна. Седиме на неделен ручек. Сите педантно и бесшумно ја јадеме чорбата, гледаме во чинијата и зборуваме, онака неврзано. Зборуваме за убавото време бидејќи која било друга тема хипотетички би можела да доведе до паѓање на метеори и крај на светот. Ете каква беше тоа попладне атмосферата во мојот сакан момински дом. Затегнатоста на семејните, односно фамилијарните односи можеше да се почувствува и од авион. Се сеќавам само дека во еден момент зборовите почнаа да пукаат како петарди. И тоа преку мојот грб. Или тоа само мене така ми изгледаше.

Ајде, оставете ме на мир! Не сакам да одбирам страна! Не сакам да одлучувам помеѓу мајка ми и сопругот! Ве сакам и двајцата! А како сè почна? Беше приближно вака – детето седнато на трпезариската маса од својата баба посака оброкот да го замени со игра со својот омилен автомобил. Бабата, како и секоја баба, рече: „Да!“, без никаков пардон и трепкање. Детето, како и секое дете, ја прифати дозволата и почна да прави Дакар-рели помеѓу чиниите. Таткото, како и секој татко, му рече дека сепак би било подобро да ја одложи играта за крајот од ручекот и прво да заврши со оброкот. А јас, како и секоја мајка, слушајќи го здравиот разум, го повторив истото. Потоа бабата почна да изнесува теза дека кај бабата важат други правила и дека кај неа сè е дозволено. И дека сме премногу строги кон нашето, сега веќе расплакано дете. Јас во моментот, опиена од неговите солзи, почнувам да се колебам обидувајќи се да одлучам дали сепак да попуштам и да му дозволам да игра, заради мир на масата. Со својата дилема предизвикав револт кај сопругот, а ликување кај мајката. „О не! Само тоа не! Па дали е можно ништо да не смееш да ѝ кажеш“ – рече тој, тивко, за сите да слушнат, а да можат да се прават дека ништо не слушнале. „Мислам, имаш 40 години, време е да добиеш свое мислење“. Овие мои 40 години постојано ми ги сервира пред нос кога има потреба да го крене нивото на драма и сериозноста на моментот.

„Не се премислувам заради неа, туку заради детето. Единствено што сега сакам е на мир и во добро расположение да го јадеме оброкот и на сите да ни биде пријатно, особено на нашето дете. И немам 40 години“.

По овие зборови, кои „никој не ги слушна“, страстите почнаа да се смируваат. Детето си ги избриша солзите со ракавот, го остави својот автомобил и ја зеде лажицата в рака. Оле! Другите, како по наредба, продолжија со јадењето. „Зете, знаеш ли дали ќе има невреме следниот викенд, мислев да направам сармички во летната кујна?“, изусти бабата, како ништо да не се случило. Неверојатно е со која брзина таа ја ресетира и ја менува плочата, кога сака. А кога не сака, баш не сака и точка. „Мислам дека рекоа оти ќе има снег, тамам за еден мал снешко“, одговори зетот, видливо со помек тон, но и понатаму без онаа своја препознатлива насмевка. И така, малку по малку, ја продолжија неделната идила, додека единствено јас останав напната како пушка. Веројатно затоа што ми е тешко секојпат кога ќе дојде до спротивставување на мислењата помеѓу нив двајца, бабата и зетот. Тоа е затоа што секој од нив „со право“ очекува да застанам на негова страна, а јас не сакам да одбирам никаква страна. Јас само сакам да формирам став врз основа на здрав разум, а не врз основа на моите чувства кон нив двајца. Бидејќи мајка ми ја сакам како мајка, а сопругот како љубовта на мојот живот и невозможно ми е да одбирам помеѓу нив двајца. А нема ни потреба за тоа. Секој има свое место во моето срце.

И да не дојде до некоја забуна: „Ве сакам и двајцата најмногу. Тоа што не сте секогаш со исти ставови не е крај на светот. Не е ниту тоа што моите ставови понекогаш се разликуваат од вашите. Важно е она што нè врзува. Тоа се љубовта, семејството, заедничката цел и сонот за среќа. Без вас не би можела да бидам целосно среќна. Да драги, знам дека мојата мајка може да биде тврдоглава. Верувај ми, го знам тоа многу подобро од тебе. Но, таа и понатаму ми е мајка. И секогаш ќе биде. И јас ја обожавам таква каква што е. Да мамо, знам дека мојот сопруг се држи строго до своите родителски принципи и дека понекогаш и двајцата сме премногу строги, но понекогаш и премногу попустливи за твој вкус. Ти си, всушност, секогаш добредојдена да даваш совет, предлог и сугестија, но ние сме тие што го имаме главниот збор, ние сме родителите. Не знам зошто е толку тешко да се прифати тоа без замерки и она: „Добро, вие како сакате, но…“ Нема веќе „но“, од ниту една страна/само љубов, молам! Ништо повеќе, но и ништо помалку од тоа! Само љубов!

Извор



912

X