Членувам во танцовиот клуб „Степ ап“ во Битола, кој има долга традиција и многу членови. Таму разбрав дека всушност станува збор за вид спорт и со мојата партнерка Матеја вежбаме и настапуваме на натпревари како спортски пар за латино и стандард-танци,  вели Ангел, кој е осмоодделенец во ОУ „Св. Климент Охридски“ 

Медали од државни првенства, но и од меѓународни натпревари во латино-танци во Скопје гордо донеле дома Ангел Мицевски и Матеја Соколовска од Битола. Веќе шест години тие ги изучуваат латино-танците во танцовиот клуб „Степ ап“. Тешко е момчињата да навлезат во танцувањето зашто сè уште сме средина со многу предрасуди, дека тоа е само за девојчиња. Го запознавме Ангел, кој е осмо одделение во ОУ „Св.Климент Охридски“. Токму во новата претстава на Народниот театар од Битола, „Сонот на детето“ во режија на Итаи Дорон од Израел, Ангел доби улога.

Почнал на 7 години

Емисијата „Танц со ѕвездите“ го измотивирала Ангел да почне да ги изучува латино-танците кога имал 7 години.
– Тогаш ги видов сите танци и посакав да научам да играм така. Разбрав дека покрај латино, постојат и стандардни танци и дека треба многу вежбање за да се совладаат сите десет танци. Танцовиот клуб „Степ ап“ во Битола има долга традиција и многу членови. Таму разбрав дека всушност станува збор за вид спорт и со мојата партнерка Матеја вежбаме и настапуваме на натпревари како спортски пар за латино и стандард-танци – ни раскажа Ангел.
Заедно со членовите од клубот, Ангел тренира трипати неделно, но по потреба, за посебни настапи, тренира и дополнително. Ангел е среќен што има голема поддршка од своите родители.
– Имам голема поддршка од родителите, кои ме следат на сите настапи, но особено од мојот татко (костимографот Благој Мицевски, н.з), кој ме носи на сите тренинзи и е задолжен за мојата специфична гардероба, која ја изработува, освен чевлите кои специјално се нарачуваат кај мајстори што ги прават по мерка. Исто така, имам голема поддршка од другарите на училиште, од кои неколку дури и се зачленија и успешно танцуваат во клубот во парови или во групи – вели осмоодделенецот.

Ангел и Матеја

Ги сакам натпреварите

Го замоливме да ни издвои еден настан што му е особено значаен. Ангел ги сака натпреварите и настапите зашто таму може да се среќава и со други танчари, но и да ги види поискусните со нови кореографии.
– Убаво е што имаме можност да одиме и во повеќе градови во Македонија, но и во странство, на пример, учеството на Интернационалниот танцов натпревар во Солун, Грција. Од досегашните натпревари имаме многу дипломи, медали и пехари, од кои најдраги ми се оние од интернационалниот Танцов натпревар во Скопје кадешто учествуваат парови од повеќе држави, а повеќето од судиите се од странство. Повеќе пати сме победувале на натпреварите по градовите, но и неколку пати сме државни прваци и во двете категории – ни сподели Ангел, кој вели дека веќе размислува каде да го продолжи своето образование.
– Во моето училиште „Св.Климент Охридски“ имам прекрасни моменти со сите наставници и ученици, од кои повеќето ми се и соседи, па се дружиме и надвор од училиштето – вели Ангел.
Неговите родители се радуваат на успесите.
– Пред танцувањето беше цртањето, па интересот за театар и некои предмети на училиште, но на танцот навистина му се посвети и напредува, така што и успесите доаѓаа и се редат еден по друг. Сепак, најважно ни е тоа дека активно и редовно се занимава со спорт, а тоа само по себе веќе е успех. Се радуваме на победите, но и на помалку успешните настапи затоа што и тие се дел од оваа сега веќе неколкугодишна кариера на танчар – вели татко му Благој.

Ангел со своите родители

Во оваа уметност момчињата ги има во мал број.
– Тоа, за жал, сѐ уште е факт и има многу голем недостиг на машки танчари, но, од друга страна, се прави и природен филтер за оние што навистина сакаат да го прават тоа. Во нашиот случај тоа одеше уште полесно затоа што јас доаѓам од светот на театарот и танцот, па и Ангел имаше можност досега да биде дел од некои претстави или да биде на проби и на многу танцови претстави. Јас дури и замолив некои од пријателите кореографи да погледнат дали тој навистина има талент затоа што за така специфична работа глупаво е некој да троши толку труд и време ако нема определени предиспозиции за тоа – ни раскажа Благој.

Танчар во Македонија е неблагодарна професија

Убавата страна на танцувањето е што со него може да се занимавате повеќе години, а не само како дете.
– Со овие танци може да продолжи до кога сака, затоа што има логичен след на категории и каде и да реши да студира, секаде ќе најде соодветни студија и клубови. Јас многу добро знам колку е тешка и неблагодарна професијата танчар во Македонија, но доколку навистина сака, ќе го поддржам во идејата да стане современ танчар или можеби кореограф во иднина, зошто да не. Но, и доколку не биде тоа, мислам дека танцувањето сепак ќе зазема голем дел од неговиот живот и понатаму – вели Благој.

Ангел многу се интересира за филмови на тема танц.
– Мислам дека нема конкретно некој идол, но гледам дека многу се интересира за филмови поврзани со танцот и, секако, денес постојано гледа настапи на други танчари на интернет. Важно е дека е комуникативен и дека ги познава, гледа и комуницира и со другите натпреварувачи на настапите по натпреварите. Иако можеби не му се идоли, сепак, некои од нив сигурно му се пример за како подобро да танцува – објаснува татко му.



912

X