Ако денот по утрото се познава, верувам дека по почетокот на јануари се знае каква година нè чека. Јас, на самиот почеток, сретнав пријателка од детството што ја гледам секоја престапна година и беше ред традицијата да продолжи и оваа година. Судејќи по оваа средба на самиот почеток, ова ќе биде бурна година во борбата да го вратам угледот на мојата професија.

Се разбира, се гушнавме и се бакнавме. Среќни што се гледаме по толку долго време, среќни што сме добро и што се добро нашите најмили. Заклучивме дека добро се држиме, па почна стандардната приказна за работата. Со оглед на тоа што навистина не знаев каде работи, ја прашав и направив кардинална грешка.

– Катастрофа, не работам по струка. Работам во администрација во едно министерство. Многу работа што мора да се заврши за кратко време, даваат неразумни рокови за решавање, па имам само еден месец да ги завршам.

Наутро кога се пие кафето, мора сите е-пораки да се проверат, да се одговори на сите. Па потоа цело време состаноци, час тука – час таму. Одам на комисии, работам на извештаи. Тоа го работам до четири, влегувам со картичка, излегувам со картичка.

Излегувањето на пауза, тоа ми е сè. Тогаш одам нешто да каснам и да испијам кафе на мир со колешка. Потоа гледам по излози, па се враќам назад. Таму повторно време да се напијам кафе, па да се договорат други состаноци, да се одговорат е-пораки или така нешто. Ако надредениот има состанок, мора да го подготвам целиот материјал.

А телефонот постојано ѕвони, пошта, факсови…

Катастрофа. Ова е многу напорна и одговорна работа. Знаеш, имам голема одговорност. Од мене зависат многу работи. Мислам, да не ти досадувам, многу сериозни проблеми.

Едвај успевам да одам на фризер еднаш месечно. Катастрофа, тотално сум незадоволна и барам нешто подобро. Секако, и нешто за кое ќе бидам подобро платена. Бидејќи оваа плата е мизерна. Па не се мачев за џабе да завршам факултет.

Уште кај таа „голема одговорност“ почна да ми брмчи во ушите, но цело време ја слушам, изгледам изненадено и го чекам крајот за јас да ги кажам моите проблеми. За ужасното образование и уште поужасната состојба во која се наоѓа нашето образование.

Само што се подготвив да кажам дека никаде не е сјајно, тамам да го испуштам моето незадоволство, затоа што тоа беше карактерот на нашата средба, таа ми вели:

– Извини, паузата ми заврши, брзам на состанок. ЛЕСНО ТИ Е ТЕБЕ, ТИ СЕГА СИ НА РАСПУСТ И УЖИВАШ, ИМАШ МНОГУ ВРЕМЕ. ЈАС МОРАМ ДА СЕ ЗАНИМАВАМ СО СЕРИОЗНИ ПРОБЛЕМИ.

Замина како ветер. Да се разбереме, подобро за неа што ми се тргна од пред очи. Бидејќи во моментот се видов себеси како ѝ скокам, како во филмовите на Рамбо. За среќа, се разидовме цивилизирано. Среќа што ѝ заврши паузата, а јас имав време на претек да стојам на улица и да се приберам.

Се чувствував како канта за ѓубре во која некој го ставил својот нерециклиран отпад. Сакав да ѝ кажам многу работи. Но не стигнав. И за сè се помирив што не ѝ кажав, но никако себеси не можам да си простам што не ѝ кажав дека не сум на распуст и дека не уживам, дека немам време ни желудник за такви разговори ни секоја престапна година. И она најважното:

– Јас, госпоѓо, се занимавам со многу сериозни работи. Ги учам децата да бидат луѓе.

Е сега не знам дали ова да ѝ го испратам по е-пошта, факс или да ѝ се јавам на телефон за малку да ѝ ѕвони додека таа решава сериозни проблеми? (Изгледа во канцелариите почнаа да работат операции на отворено срце).

А можеби треба да направам сè од горенаведеното бидејќи сум на распуст, имам време на претек и уживам?

Автор: Селма Кариќ



912

X