Секое дете, колку и да се спротивставува на родителските барања, бара од нив структура и всушност несвесно посакува граници. Колку се тие граници навистина важни во одгледувањето, открива Миа Роје Ѓапиќ, психолог од Поликлиниката за заштита на деца и млади на град Загреб.

– Советот на Европа ги дефинира четири стапки на родителството од кои секогаш сакам да почнам кога зборуваме за воспитувањето на децата. Тоа се: грижливо однесување, давање структура и водство, признавање на детската индивидуалност и зајакнување на детето. Накратко, родителската одговорност е безусловно прифаќање и зајакнување на детето како личност, со нежност, но и јасни правила на однесување. Еднакво како што на детето му треба љубов и грижа од родителите, му треба и споменатата структура и водство. Еднакво како што детето од родителите учи емпатија и емоционална регулација, учи и правила на однесување, одговорност и фактот дека нашите дела имаат последици – како позитивни така и негативни – вели психологот напоменувајќи дека желбите и потребите на децата неретко се неусогласени. Имено, иако често сакаат да нема правила, детската потреба е сосема спротивна.

Дали генерално сме попопустливи во воспитувањето отколку претходните генерации и зошто тоа (не) е добро?

– Ако се водиме само по желбите на децата, веројатно тие не би оделе редовно на училиште, на лекар, би јаделе само слатки, би биле пред малите екрани по цели денови и слично. Детето има право да се лути, да биде тажно и разочарано кога родителите поставуваат граници. Детето има право да ги тестира тие граници и силата на рамката што ја поставиле родителите. Притоа секогаш можеме на децата да им ги вреднуваме нивните емоции и да ги утешиме, да им покажеме дека се сакани и прифатени, меѓутоа, дека тоа нема да влијае врз промените на правилата и попуштањето. Еднаш кога родителите ќе покажат недоследност и ќе попуштат на знаците на детското незадоволство, без разлика дали така им било полесно или не можеле да го толерираат детскиот негативен афект, расте веројатноста дека детето посилно и повеќе ќе се бунтува против поставените граници, за да не дојде до остварување на своите моментални желби – вели психологот и напоменува дека родителите често погрешно ги толкуваат советите на психологот, во смисла дека психолозите пропагираат подлизување на децата. И навистина, неретко се стекнува впечаток дека многу родители се плашат од своите деца и им го препуштаат „кормилото“ за да се чувствуваат добро и за да не би биле повредени нивните чувства. Дали генерално сме попопустливи во воспитувањето отколку претходните генерации и зошто тоа (не) е добро?

– Традиционалното воспитување во голема мера е различно од современото. Порано ретко се преиспитувале воспитувачките методи како што тоа се прави денес, така што современата доба носи многу чекори кон напред. Меѓутоа, во исто време родителите се преплавени со информации, совети, насоки од доверливи, а често и недоверливи извори. На детските права многу родители гледаат преку отпор бидејќи поради површното прикажување на струката, лесно може да се стекне впечаток дека денес децата ги имаат сите права, а немаат обврски, дека претерано се штитат децата, а нималку родителите итн. Всушност, ако навистина навлеземе подлабоко во детските права, ќе видиме дека апсолутната пермисивност и ставањето на децата во улога на водичи во семејството се во целосна спротивност со детските права. Некои родители од најдобри намери запаѓаат во таа замка и важно е стручно да ги поддржиме, како заради нив самите, така и во интерес на здравиот развој на децата – советува Роје Ѓапиќ.

Многу родители, кога не знаат што да прават, подлегнуваат на ултиматуми во смисла: „Ако не го направиш тоа, нема ни тоа и тоа…“ Кога се зборува за ултиматуми, тој израз има силна негативна конотација. Се разбира дека не е препорачливо децата да се изложуваат на ултиматуми или закани, меѓутоа, сосема е во ред, па дури и пожелно, да се запознаат со последиците од нивното однесување и да им се даде развојно соодветна одговорност за нивните избори. На пример: „Можеш да напишеш домашна задача сега и потоа да одиш со брат ти на фудбал. Можеш да одлучиш да ја оставиш домашната за подоцна, но во тој случај нема да одиш со брат ти на фудбал“.

– Важно е доследно да се држите до она што го кажувате и да прифатите дека детето може да направи избор кој ни се чини погрешен, додека објективно не се загрозува себеси или другите – советува психологот.

Последиците од однесувањето се делат на поткрепувања и казни. Главната разлика е во тоа што поткрепувањата ја зголемуваат веројатноста од појава на некое однесување, а казните ја намалуваат веројатноста за појава на некое однесување во иднина. Поткрепувањето може да биде позитивно, како давање нешто што на детето му е пријатно како награда (на пример, „Ако ја средиш собата, ќе добиеш дополнителен половина час игра надвор со пријателите), или негативно, односно скратување на некоја од најнепријатните активности на детето (на пример: „Иако вечер е твој ред да ги измиеш садовите, бидејќи ја среди твојата и дел од собата на брат ти, ние ќе ги измиеме“). Казната исто така може да биде позитивна, со која на детето му се воведува некоја непријатна активност (на пример: „Со оглед на тоа дека не го прошета кучето кога требаше, оваа недела ти ќе го шеташ кучето секое утро“), или негативна, односно одземање нешто што на детето му е пријатно (на пример: „Со оглед на тоа дека задоцни дома, овој викенд нема вечерни излегувања“).

Кога одбираме награди и казни за децата, тие треба да се однесуваат на детските желби, а не на потребите

Пожелно е последиците од однесувањето да имаат поврзаност со вистинското однесување, па на детето, колку што е можно, да му се даде шанса да ја „поправи“ штетата, на пример, шетање на кучето цела недела бидејќи не го сторило тоа кога требало, па другите членови го завршиле наместо него. Важно е, исто така, да се обрне внимание и на посакуваните однесувања што треба да се наградат. Некои родители велат дека тоа секако е задача на детето, па не треба посебно да се истакнува, но тоа не мора да бидат големи награди – некогаш било доволно родителите да забележат, да упатат пофалба и да му посветат внимание на детето кога направило сè како што треба. Вниманието на родителите е најсилна поткрепа за однесувањето на детето и ако не може да го добие со добри методи, тогаш ќе го сврти кон лоши. Конечно, важно е децата да ги разберат правилата и последиците ако сакаме нешто да научат од искуството – вели Роје Ѓапиќ.

Кога одбираме награди и казни за децата, тие треба да се однесуваат на детските желби, а не на потребите. Укинувањето контакти, љубов и достапноста на родителите или, од друга страна, потребата детето да ги заслужува, не се примерна последица на однесување. Сакаме децата да имаат сигурност, да се чувствуваат вредни за љубов и почит за самите себе и сите понатамошни односи во животот. Исто така, важно е да се одвои детето од однесувањето. Иако нам не ни се допаѓа некое однесување на детето, не значи дека не ни се допаѓа детето или дека детето е „лошо“. Иако нам тоа некогаш ни се чини јасно само по себе, на децата им е важно постојано да им го повторувате и нагласувате.

Автор: Данијела Петров

Извор



912

X