Секое дете е родено како различно од другите деца, од бебешките денови реагираат различно, иако истите родители ги родиле и воспитале. Понекогаш родителите мислат дека помалото дете е поразлично од постарото, бидејќи и тие, родителите, се поразлични, оти се постари, поискусни и помудри. Или, пак, имаат помалку сила или трпение отколку што имале со постарите деца. Можеби велат дека друштвото во кое расте помладото дете е поразлично.

Сето ова може да биде точно. Но, јас одгледувам близнаци, различна генетика, но веројатно најприближно можно на слично воспитување и многу се разликуваат. И слични се, нема да кажам исти, но сепак едно дете совршено реагира на една порака, додека на другото дете му одговара нешто сосема друго. Едното дете многу сака наутро рано да се буди и да дојде кај нас во кревет, додека другото најмногу го сака своето креветче. Едното сакаше да пие прилично топло млеко во шишенце додека беше бебе, а другото само млако млеко. И така натаму. Едното бара друштво и некој често да си игра со него, а другото сака нешто да испробува, комбинира, прави. Ќе видиме какви ќе бидат кога малку ќе пораснат и кога нашите родителски вештини ќе бидат на поголем тест. Верувам дека лесно ќе пронајдеме добри начини да допреме до секој од нив, бидејќи јасно ни даваат до знаење што на секој од нив му одговара и бидејќи од раѓање ги набљудуваме и учиме од нив за нив самите.

Поширока слика се вредностите

Родителска грешка е кога слепо верува во сопствените воспитни методи. Не треба да се држиме до методи, туку до вредности. Вредностите се она што е важно, а не начинот како ќе ги постигнеме. Вредностите ја претставуваат пошироката слика, нашите уверувања за тоа како е добро да се живее, што е потребно детето да знае и да усвои, да може да стекне добри пријатели и да ги одржува тие пријателства.

А воспитните методи се конкретен начин како ние го водиме нашето родителство во секојдневието. Една воспитна метода ќе доведе до тоа едното дете да усвои некоја посакувана животна вредност, додека на другото дете, на патот кон истата вредност, повеќе ќе му одговара некоја сосема друга метода. Од сите страни стигнуваат совети за воспитните методи како да е тоа нешто напишано во камен. А не е. Работете со децата вака, постапувајте така. Ако го направите ова, последиците ќе бидат тие и тие. Па нема, не е секогаш така и не баш со секое дете. Некое дете може да го казните и неговата самодоверба нема ниту за трошка да биде размрдана, а некое дете бара разговор и на многу разбирање и приказни реагира совршено убаво, додека казната го боли и го навредува.

Во тие родителски совети предност имаат оние што уште не станале родители и имаат чесно срце, но немаат искуство и уште не виделе колку всушност не знаат, а се заведени со уверливи теории од книги додека сè звучи толку лесно. Веднаш зад тие идни родители се родителите што имаат едно дете и тоа се однесува како дете од некој учебник. Тоа нивно дете уредно спие уште од раѓање, секоја ноќ, јаде сè што ќе му се даде и не одбира. Брокулите и прокељот еднакво ги сака како и бананата. Почнало да зборува и да оди навреме. Во кафуле седи со неговата мајка и бои во боенката додека неговата мајка чита. Никогаш не бара телефон. И така натаму и така натаму. Ги знаете таквите. Тие родители се уверени дека тие се заслужни за толку добро дете, па сакаат да им даваат совети на другите родители. Тие велат дека треба само да се работи на тоа и тоа, никако на ова и ова, сè е многу едноставно.

Се разбира, другите родители го пробале сето тоа со своите деца, па пак ништо.

На социјалните мрежи кружи еден крајно симпатичен цитат кој зборува токму за тоа. Вели вака: „Ако првото дете ви било прекрасно и мирно, просто совршено, немојте премногу да се воздигнувате себеси поради тоа и да се фалите. Тоа е само трик на мајката природа да ве натера да родите пак. Второто дете ќе биде целосна спротивност од првото“.

Важно е да не ги испуштаме од вид вредностите, она заради кое го воспитуваме детето така како што го воспитуваме. А конкретните начини и постапки, нив приспособувајте ги на своето дете. Набљудувајте го своето дете, зборувајте со него, запознајте го до толку што ќе го знаете секое негово движење –  значи своите зборови и постапки ќе ги приспособувате на него и неговиот темперамент. И не слушајте ги советите на другите мајки ако ви се чини дека немаат смисла за вас и вашето дете.

Автор: Жељка Станиќ, психотерапевт

Извор



912

X