Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Сакам да ви се обратам за соодветна насока за еден проблем со моето дете кое има 3 години. Живееме јас, сопругот и синчето, кое е навистина послушно и разбрано дете. Не е дека тој е дете без маани, но навистина и јас и сопругот многу работиме со него .Односно кај нас нема лаги, туку само објаснување и договарање. Забрани, ќотек и казни не постојат. Заспивањето е со некој цртан или читање, а во текот на денот кога е дома, се црта, се слушаат песнички, измислуваме наши игри, готвиме заедно. Единствен проблем што би рекла дека го имаме и со кој се бориме е околината. Тој оди во градинка од свои 9 месеци, важи за дете кое е многу темпераментно, но знае да си игра, споделува играчки и брзо се заигрува.

Како поминува време, особено сега кога и многу зборува и раскажува, нè навраќа на нешта кои сметаме дека сме ги објасниле и дека убаво сме ги решиле. Па така од дете кое сака да оди кај својата матична докторка и тоа со љубов и желба да ја гушне бидејќи лош збор за неа дома нема слушнато, тој ме прашува дали ако не ја изеде целата супа, ќе го боцкала докторката и ќе го болело?! од приказните за добра ноќ да биде во дилема: дали ако не заспиел, ќе дошол волкот?!, од безбедносното седиште во кое седи во автомобилот за да биде безбеден прашува: дали и ако не е умен, ќе дојде полицаецот?! и уште многу други слични прашања. Суштинскиот проблем е во тоа што во градинката во која оди има поплаки дека е насилен, дека се тепал, се туркал… Се обидов да разговарам, го потпрашувам зошто се тепал, но тој го негира тоа, дури и кога кажува дека некое дете паднало или дека се туркале и се смееле поради тоа, тој во ниеден момент не го доживува тоа како тепање или дека направил нешто лошо. Во ниеден момент не сакам да го занемарам сето ова само затоа што тој така кажува или, пак, затоа што знам дека е добро дете. Свесна сум дека тоа се можеби фази и дека е дете, но јас се запрашувам од каде би потекнувала таа агресија? Како да ја дознам неговата мака ако ја има или како јас да работам на оваа тема со него? Ви благодарам, навистина за многу прашања и теми сте ми дале правилна насока, посебен поздрав затоа што сте ни достапни дури и во време на пандемија.

Почитувана мајко,

ОДГОВОР: Ви благодарам на вашиот допис и гласното актуализирање на прашањата што ве мачат, а кои честопати, поради својата суптилна природа, остануваат неогласени, иако сум сигурна дека често пати се во мислите на многу родители.

Најпрво сакам да ја поздравам вашата посветеност, како и сите ваши заложби како родители во растот и развојот на вашето дете. За жал, како што детето расте и сè повеќе се отвора за поголема интеракција со својата околина, сè повеќе и почесто е изложено на различни влијанија кои доаѓаат од оваа околина. Во некои од овие интеракции детето почнува да добива информации кои се поразлични, дури понекогаш и сосема спротивни на информациите што тоа е навикнато да ги добиваа дома, што резултира со тоа детето да се почувствува збунето. Оваа збунетост е природна, но одлично е што вашето синче таа своја збунетост многу отворено ја носи во својата комуникација со вас барајќи поврзување и појаснување. Разбирам дека како родители сте природно загрижени за тоа на какви сè информации и влијанија е изложено вашето дете надвор од домот, но истовремено треба да бидете свесни дека тоа не може да живее во стаклено ѕвоно и дека порано или подоцна ќе се судри со тие влијанија од околината.

Затоа, неопходно е да најдеме начин што поскоро да се поставиме како родителски авторитети кон овие влијанија од околината кои не ги одобруваме, со цел што подобро да го воспитаме своето дете и соодветно да го подготвиме за да може да се носи со реалноста на светот во кој живееме.

Кога следниот пат вашето синче ќе ви ги довери своите дилеми, прашајте го од каде ја чул таа информација. Од каде му е идејата дека ако не ја изеде супата, ќе го боцка докторката? Од кого го слушнал тоа? Проверете како се чувствува во однос на ова? Дали е збунет, загрижен, исплашен? Исто така, проверете кое чувство го препознавате кај него додека зборува? Вклучително, каква потреба носи кога ви ја изнесува својата дилема? Дали ви изгледа дека има потреба од проверка на вистинитоста на оваа нова информација со вас, потреба од разјаснување или можеби потреба за утеха? Потоа полека објаснете му ги нештата приспособено на неговата возраст и на начин на кој тој може да го сфати тоа. На пример, дека супата е здрава и дека ни помага да бидеме и да останеме здрави, дека докторката може да нè боцне ако сме многу болни и ако сирупот не ни помогне, дека ова боцкање малку боли, но дека ни помага побрзо да оздравиме и сл. На овој начин му помагате да направи логички след и поврзување на нештата во кохерентна целина соодветна на неговата возраст, но истовремено го поставувате и темелот на она што понатаму ќе почне да се развива како способност за дивергентно и критичко размислување. Понекогаш ќе биде неопходно и комплетно да ја негирате информацијата со која ви доаѓа, исто како што можеби во еден момент ќе биде неопходно и да му објасните дека не сè што кажуваат возрасните секогаш е вистина.  

Во однос на другото прашање, а кое е поврзано со агресивното однесување на вашето дете, најпрво би ве запрашала дали забележувате елементи на вакво однесување кај него кога е дома или во ситуации кога си игра со врсници? Какви се тие елементи на однесување? Вклучително какви емоции распознавате кај него во тој момент? Лутина, фрустрација или можеби преголема возбуда? Очигледно е дека вашето синче е бистро и динамично дете кое сака да биде активно и да го открива светот околу себе. На тригодишна возраст децата влегуваат во нова фаза на својот локомоторен развој и имаат зголемена енергија, како и зголемена потреба да ги вежбаат своите дотогаш совладани локомоторни вештини, како трчање, скокање, искачување, провирање, туркање и сл. Тие сакаат да се вклучуваат во активности кои им носат физички предизвик и да ги тестираат границите на своите способности, најчесто во натпреварувачки игри помеѓу врсниците. За жал, поради својата возраст, тие често пати не се свесни за сопствената сила, како ни за последиците кои манифестирањето на силата може да ги има, па играта може мошне лесно да се претвори во плачка. Затоа, неопходно е прво да разјасните дали неговото однесување е навистина облик на агресивно однесување кое носи одредена лутина и фрустрација зад себе, или станува збор за спонтан изблик на енергија и возбуда кои детето, согласно својата возраст, сè уште не умее соодветно да ги контролира. Доколку станува збор за агресивно однесување, тогаш е неопходно да дознаете што го предизвикува ваквото однесување, за соодветно да го адресирате и надминете. Доколку, пак, станува збор за несвесна реакција, тогаш неопходно е да му помогнете на своето дете полека да почне да учи и да развива способности кои ќе му помогнат полесно да ја канализира својата енергија.

Во рамките на фазата од локомоторниот развој во која се наоѓа вашето дете (од 3 до 5 години), потребно е детето да научи и да развие свесна контрола на мускулните реакции на грубата моторика (на пр., скокање, клекнување, трчање, туркање, фрлање и сл.), како и да ја развие фината моторика која ќе му биде неопходна кога ќе започне на училиште (на пр., моториката на прстите која овозможува боење, пишување, обликување пластелин и сл.). Децата на оваа возраст најдобро учат низ искуствено вклучување, затоа наместо да му кажувате како треба да се однесува од типот „немој толку силно“ и слично, помогнете му да ги открие различните степени на користењето на својот локомоторен систем низ игра. Доколку живеете во стан и немате двор, тогаш претворете ја дневната или детската соба во полигон. Поставете предизвици кои тој треба да ги совлада, вклучувајќи прескокнување, искачување, фрлање и сл. Играјте си на тој начин што некои од активностите ќе треба да ги извршува брзо и импулсивно, како на пример фрлање меко топче (или пар термо чорапи завиткани како топче) кон наредени коцки со цел да ги сруши, но некои активности ќе треба да ги извршува побавно, повнимателно и понежно, на пример, да го фрли истото топче многу полека помеѓу коцките, но на тој начин што тие да не се поместат и растурат. На овој начин ќе му помогнете да искуси и да разбере дека постојат различни начини како да направиме една иста активност, како и различни степени на мускулна ангажираност кои можеме да ги користиме согласно ефектот кој сакаме да го постигнеме. Како што детето расте и ги совладува потребните способности, така можете да му задавате сè покомплексни предизвици кои ќе го стимулираат неговиот понатамошен развој. Убав ефект од ваквите игри е тоа што ако детето ужива во нив, веројатно понатаму ќе сака да ги сподели со своите врсници, на тој начин поттикнувајќи игри во кои натпреварот не е помеѓу играчите, туку помеѓу секој од играчите и играта во рамките на предизвикот кој таа го носи. Ваквите игри не само што го поттикнуваат натпреварувачкиот дух кај децата стимулирајќи ги да го дадат најдоброто од себе, туку истовремено го зајакнуваат и тимскиот дух овозможувајќи повеќе победници од тимот кои успешно ќе го совладаат предизвикот.

Одговара: Ивана Маринчек, лиценциран психолог и психотерапевт, практичар по игровна терапија во „Психотерапика“
е-пошта: ivana.marinchek@gmail.com/ psihoterapika@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X