Адолесценцијата е сложен развоен период сам по себе. Во него младите се соочени со предизвици за пронаоѓање свој начин за опстојување на овој свет, спознавање кои се и по што се разликуваат од другите, па како да воспостават и да одржуваат квалитетни односи со другите. Се чини дека адолесцентите имаат веќе доволно работа со постигнувањето цел во овој флуиден свет, а сега пред нив е уште една тешкотија во облик на пандемија од коронавирусот. Неможноста за функционирање на нормалниот живот, особено за интеракција со врсниците, тешко им паѓа, па од Здружението „Рода“ од Хрватска наведуваат 5 совети како да им се олесни ситуацијата и функционирањето. Времето на криза воедно отвора нови можности, па можно е во целата ситуација да се создаде простор за јакнење на врската помеѓу младите и членовите на нивното примарно семејство.
1. Поддржете ги во изразувањето на чувствата
И во тоа дека можеби чувствуваат различни емоции – од страв, паника, вознемиреност, збунетост, до лутина, фрустрација, бес, а понекогаш и рамнодушност. Сите емоции се во ред и важно е да се дозволи (дури некогаш и да се поттикнат) да ги чувствуваат. Бидејќи адолесценцијата е бурен период, и емоциите што ги доживуваат се интензивни. Можно е да бидат анксиозни и да имаат тешкотии, особено кога се соочени со две кризни и непредвидливи ситуации, за кои истовремено се прашуваат: „Како сега би требало да се чувствувам? Кои емоции е во ред да се покажат?“ И за да не почнат да се грижат уште повеќе, важно е да се нормализираат нивните реакции и чувства, па можеме да кажеме: „Во ваква ситуација сосема е нормално да се чувствуваш така“ или „Многу луѓе се чувствуваат како тебе, и тоа е сосема нормално за оваа ситуација“.
2. Покажете разбирање за фактот дека им е тешко
Како што претходно споменавме, на адолесцентите оваа ситуација може да им претставува поголем предизвик, со оглед на развојната фаза во која се наоѓаат, кога им е потребно повеќе простор и дружење со врсниците. Некогаш можеби и нема да сфаќаат зошто е потребно да се остане дома, па обидете се да им објасните како нивното однесување влијае на другите и што може да направат за да помогнат. Помогнете се и себеси и на нив да излезат од „мораме…“ во „избравме да останеме дома бидејќи така ги штитиме другите и себеси“. Иако дружењето со пријателите во живот и надвор од домот не може да се спореди со виртуелното дружење, сепак поттикнете ги да останат во контакт со пријателите и да пронајдат начин на кој ќе останат поврзани. Поставувајте им прашања кои ќе ги поттикнат да размислуваат критички и креативно, отколку да им давате совети или да им држите лекции. Младите „не слушаат“ добро кога им говориме од високо и кога им кажуваме дека знаеме подобро од нив. Насочувајте ги, не им наредувајте.
3. Поттикнете ги да се ангажираат за помош на другите
Истражувањата покажале дека адолесцентите се чувствуваат подобро и покорисно кога им помагаат на другите. Замолете ги да ги проверат старите соседи во зградата дали им треба нешто, договорете се со нив да им помогнат на бабите и дедовците, поттикнете ги да размислуваат за она што може да го направат за да им ја олеснат ситуацијата на најранливите. Насочувајте го фокусот кон други работи што може да помогнат за намалување на анксиозноста и стравот. Исто така, се препорачува да се избегнува константно гледање и читање вести. Нека го насочат вниманието кон нешто што ги весели, опушта и забавува, а ако сакаат да ги следат вестите, тоа нека го ограничат на 2-3 пати дневно и нека читаат проверени информации од релевантни извори.
4. Дозволете им сами да се грижат за својот распоред и обврски
Нека го одредат својот ритам, кога ќе се будат, кога ќе извршуваат обврски и кога ќе спијат. Објаснете им дека е важно да имаат дневна рутина и структура, но дозволете им сами да одредат како тие ќе изгледаат. Младите имаат различен ритам на спиење и сега кога нема настава на која мора физички да присуствуваат, дозволете им да го одредат своето темпо.
5. Погрижете се за своите чувства и однесување
Децата и младите гледаат како ние се однесуваме, што чувствуваме и што се случува со нас, дури и ако ние тоа добро го криеме. Важно е да работите на вашите чувства, да земете време за себе ако е потребно, да разговарате со некого за тоа како ви е, бидејќи младите учат од нас и голема е веројатноста дека ако ние сме анксиозни и исплашени, и тие ќе бидат. Размислете за тоа кои начини ги користите за стресната ситуација, во што се променило вашето однесување во изминатиот период. Размислете на кој начин тоа ви користи вам, а на кој на вашите блиски. Како што во авион нè упатуваат на тоа дека во случај на опасност, прво се грижиме за себе, а потоа за децата и другите ранливи категории, така истото важи и за оваа кризна ситуација.