Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Имам ќерка од 2,5 години, паметна е, зборува многу, си игра најнормално, дури и послушна е, ама многу е инаетлива… Многу лошо се чувствувам во врска со некои испади што ги има, на пример, многу често се буди со плачење и неутешна е… Некогаш ме турка, некогаш сака да ја држам в раце, ама не престанува да плаче, а и нема некое објаснување зошто плаче. Не кажува ништо, само плаче и ако ѝ понудам да ѝ ги избришам солзите – вреска. Пробувам разни работи, дури и ја оставам да плаче, но тоа станува бескрајно, со многу солзи, викање, нервозно однесување, нервозно тркалање по кревет. Некогаш дури и повраќа од плачење. Дури и кога ќе се смири, не кажува зошто плаче. Тоа ѝ се случува од бебе. Толку многу плаче што тоа прераснува во траума за целото семејство, психички е неиздржливо да немаш решение за плачење… Имам поголемо дете, кое е нејзина спротивност, да го гушнеш, се смирува, разговара, кажува што го мачи, се утешува… Како мајка сум немоќна да ја утешам, а сум посветена на двајцата исто. Дали нешто не е во ред со нејзиното психичко здравје, како да си помогнеме сите? И големото дете се трауматизира од нејзиното плачење.
ОДГОВОР: Ме радува што вашето девојче е паметно, дека е зборлива, си игра убаво, дека е послушна и, ете, понекогаш малку повеќе плаче. Децата немаат други начини како да се искажат, и тоа го прават со плачење. Имам чувство дека кога ќе почнат овие моменти на тантруми, вие уште повеќе се вознемирувате и секако дека сте збунети, не знаете што да правите и правите сѐ што побрзо да престане, но се случува обратно, плачењето продолжува.
Сите овие испади на лутина и бес се развојно нормални, па и плачењето како дел од самиот развој.
Тантрумот е ненадеен излив на гнев и агресија што се манифестира со викање, плачење, фрлање на под и удирање предмети, промена на расположението, односно, ненадејна промена на инаку нормалното емоционално изразување. При тантрум детето се „крши на многу мали делови“.
Децата обично паѓаат во вакви состојби кога се уморни или гладни, вознемирени, кога им е страв итн. Исто така, детето гради својот идентитет со сите расположливи средства, а во исто време мора да се приспособува на некаков ред кој го има во семејството. Во тие моменти детето се бори за моќ и се спротивставува.
Верувам, бидејќи многу зборува, дека имате чувство дека малку повеќе ги разбира работите и ако ја споредувате со постарото дете, влегувате во круг на очекувања од неа, а таа сепак е толку мала.
Секако дека е тешко да се истрпи и гледа кога вреска, удира, вика, но едноставно треба да почекате и да ѝ дадете време сѐ да исфрли од себе. Прво нешто што прави родителот во овие ситуации е да го смирува своето дете или да одговара со добро, да прашува, дури и да се налути, да возврати и да подвикне. Многу често родителот се чувствува немоќен, тажен или се срами што не умее да се справи со оваа ситуација и чувствува неуспех. Дури кога детето ќе почне да се смирува, тогаш ќе можете и да зборувате и да го утешите за тоа што се случува со него (на пример, беше многу лута, ти било жал, не го сакаше тоа итн.)
Но како да им помогнеме?
Децата учат преку набљудување. Ја следат реакцијата на родителот. Начинот на кој ѝ се обраќате покажува како ги контролирате и регулирате своите емоции.
Затоа е многу важно во тие моменти да останете смирени и да не реагирате, но сепак да сте тука. Понекогаш, во зависност од што е вознемирено вашето дете, ќе му бидат потребни и утеха и галење, понекогаш ќе треба да се занемари и да се сврти кон некоја нова активност. Понекогаш е доволно само да молчите и да не зборувате, да оставите моментот да помине.
Реагирајте во моменти доколку се однесува деструктивно, агресивно или ако ја сврти агресијата кон себе. Не дозволуваjте да фрла работи, да ја удира главата од под или да клоца. Исто така, држете се до границите, тие им се потребни на децата.
Кога велите дека уште како бебе многу плаче на овој ист начин, како да има научено како да добива внимание и сѐ што ќе посака. Децата треба да поминат фази во кои го обработуваат својот „стрес“. Потребно им е време и рамнотежа, а трпението на родителите најмногу помага.
Без разлика што исто сте посветени кон двете деца, секое од нив е посебен свет и не можеме да очекуваме тие исто да се однесуваат, ниту пак дека исто ќе растат.
Постепено таа ќе учи да ги разбира своите чувства и да управува со ситуациите на поприфатлив начин.
Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.
912