Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам 5-годишен син кој е многу интелигентен, но имаме еден проблем – одеднаш станува агресивен, нѐ тепа, вика и не се смирува со ништо. Подоцна, откако ќе се смири, се обидувам да разговарам со него, но тој ми вели: „Доста, ушите ми ги дупна.“ Другиот ден е добар, но потоа пак истото. Што да преземам?

ОДГОВОР: Справувањето со детскиот гнев и лутина е можеби најтешкиот дел од родителството. Како емоција е секако добредојдена, но проблемот е во тоа како се изразува. Кога детето ќе се налути, тоа е прилично ограничено во начинот на кој го изразува својот гнев. Има само два избора: да го изрази гневот со однесување или со зборови.
Ако не му дозволиме на детето да ја изрази лутината на некој начин, тоа мора да ja турка сè подлабоко и подлабоко, што може да предизвика деструктивни проблеми подоцна во животот. Ако детето е казнето за изразување на лутината со зборови или однесување, нема друг избор освен да го потисне гневот и да го затвори во себе. Во таква ситуација, очигледно е дека детето не е научено да се справува со фрустрацијата, стресот и гневот на конструктивен начин. Поради тоа и реагира на наједноставен начин – експлодира.

Полесно е да се контролира детската агресија ако ја третираме како слабост, а не како симптом на сила.

Лутината покажува дека детето не може да се справи со сопствените чувства. Кога детето ве удира, може да се случи да го прави тоа поради голема напнатост во семејството или некој од вас е поагресивен кон него, или пак вашите граници се попуштени… може да е поради многу причини.
Многу пати кога зборуваме за доследноста и границите велиме дека тоа им е потребно на децата бидејќи тие граници значат љубов. На овој начин децата се чувствуваат сигурни. Да се биде доследен значи да се постават некои граници преку кои детето не може да оди, а за возврат му даваат чувство на сигурност. За тоа што смее, што не смее и тие правила треба да се почитуваат.

Кога детето се однесува агресивно, прво треба да се запрашаме: Што му недостига? Дали е уплашено, депресивно, физички или психички исцрпено?
Би требало да ја најдете причината зошто вашето дете се однесува така. Поради што се поместени границите па ве удира и да враќа на тој начин?
Зошто не можам да му поставам граници?
Дали детето ве плаши со ваквиот однос? Што е тоа што му е потребно? Што можам да сторам за да го сменам неговото однесување? Дали премногу заштитнички сте настроени?
Многу родители сметаат дека со поставувањето граници му земаат нешто на детето и тогаш не се чувствуваат добро.
Сѐ додека не ја разбереме причината на ваквото однесување, нема да можеме да му помогнеме на детето на адекватен начин.

Научете го полека да препознава што се случува со него, на пр: „Во ред, ако си лут, не смееш да нѐ удираш, еве перница, удирај ја неа“.
Можете да го запишете на спорт и таму да ги празни своите емоции. Спортските активности, особено тимските спортови ќе му овозможат на детето да стане физички подготвено, но и да практикува социјална комуникација со врсниците. Исто така, со заеднички физички активности со детето можете истовремено да го зајакнете вашиот однос.

Не казнувајте го физички, не навредувајте го и не понижувате го.
Бидете добар пример. Решавајте ги конфликтите со разговор и со аргументи. Имајте на ум дека „бидејќи јас така велам“ – не е аргумент.
Научете го на самопочит и почит кон другите. Развијте позитивен став кон него и кон вас, како и кон другите. Научете го да ги препознае своите чувства и чувствата на другите луѓе и децата и да ужива во нив.

Никогаш не барајте безусловна послушност од вашето дете.
Дајте му чувство дека сме слободни да го изразиме своето мислење и дека да не се согласува со вас е клучно за развивање позитивна слика за себе. Децата растат и ја градат својата личност, меѓу другото и спротивставувајќи им се на своите родители, но со почитување и граници.
Ограничете го гледањето на агресивни содржини, но обидете се да го направите тоа ненаметливо, нудејќи му на детето алтернативна содржина, објаснувајќи го вашето гледиште со аргументи.

За да го научиме нашето дете да сака, мора да го сакаме на начин што ќе го поттикнува неговиот развој. Дисциплината и љубовта не можеме да ги разделиме, тие секогаш одат заедно.

Доколку ви е потребна дополнителна помош за тоа како да постапувате, како и за развојот на вашето дете, можете да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com.

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X