Ќе звучи смешно, ама кога бев многу мало дете, четири-пет години, сакав да бидам поп. Ако ме прашате зошто, не знам. Потоа ракометот ги промени моите амбиции и размислувања за иднината, раскажува ракометарот Димитар Димитриоски

Ден или ноќ, лето или зима, на нашиот млад ракометар Димитар Димитриоски не му правело никаква разлика кога бил дете во желбата постојано да го минува времето надвор. Едноставно најважно му било да биде со топката в раце. Ама кога ќе го искомбинирате тоа со желбата што ја имал како мал – еден ден да станете поп, тогаш доаѓаме до оваа негова колоритна и палава детска приказна.

Фото: Горан Анастасовски

Дваесет и тригодишениот Димитриоски е роден во Прилеп, но од десетгодишна возраст живее во Скопје, откако поради работните обврски на неговите родители се преселиле во главниот град. Ракометната, а воопшто и спортската жичка ја влече од родителите Оливер и Тања, кои се поранешни ракометари. Оливер до неодамна беше и тренер на ракометниот клуб „Металург“. Димитар ја имал честа да игра под тренерската палка на татко му, но и во тој случај бил прв на отстрел кога се воспоставувала дисциплината во тимот.

Најмил на баба

За тоа каков бил Димитар како дете, има две поделени мислења. Родителите ја држат построгата страна, додека за баба му, секогаш ќе си остане „најмилата бабина гордост“. Сепак, генерално Димитар бил примерно дете, на кое едноставно игрите со топка на отворено му биле сè во детските денови.

– Ако ги прашате моите родители, ќе ви кажат дека сум бил немирно дете кое цело време со топката в раце било во школскиот двор и по цел ден не се прибирало дома, но ако ја прашате баба ми, ќе ви каже дека сум најмирното, најдоброто и најубавото дете на цел свет. Генерално не бев немирен како дете, но нонстоп сакав да сум надвор. Ја сакав слободата на отворениот простор и другарувањето со топката, без разлика дали надвор беше плус четириесет степени или минус петнаесет и имаше снег до колена – вели Димитар.

Го украдов тренерското свирче на татко ми и сите ги преплашив

Димитар е пораснат на спортските паркети, за време на тренинзите и натпреварите на неговите родители. Затоа е логично што во неговите омилени детски игри секогаш ја имал топката во својот арсенал. Ракомет, пред сè, но и други спортови. Едноставно на Димитар секогаш му било важно само да се тркала топката и да се биде надвор со другарчиња.

– Со оглед на тоа дека сум пораснат во сала, на тренинзите на моите родители кои беа ракометари, повеќе од логично е дека топката и ракометот беа мојата најомилена игра во детството, во сегашноста, а и во иднина. Кога имав три-четири години, татко ми беше тренер на екипата „Прилеп“ и уживав кога ќе ме земеше со него на тренинг. Најинтересен момент од тој период што ми останал во сеќавање е кога еднаш на сред тренинг го зедов свирчето на татко ми и додека тој со играчите вежбаше некоја акција, јас се качив на највисокиот ред на трибината и силно свирнав. Сите, вклучително и татко ми, застанаа како закочени. Потоа малку ме искара, ама битно сите се смееја и долги години потоа го споменуваа и раскажуваа тренингот кога ги преплашив – додава Димитриоски.

Секој летен и зимски распуст во Прилеп

Задниот двор од семејната куќа на Димитар во Прилеп се наоѓа веднаш до училишниот двор, така што тоа само ја зголемило фреквентноста на деца што поминувале покрај неговиот двор. Со голем дел од нив Димитар сè уште другарува и одржува контакт при секое враќање во родниот град.

– Со оглед на тоа што задниот двор од куќата каде што живееме во Прилеп е веднаш до школскиот двор, може да замислите колку деца во тоа време имаше надвор преку ден и колку многу се дружевме. Имав и сè уште имам многу другари од школскиот двор во Прилеп, бидејќи и откако се преселивме во Скопје, јас секој летен и зимски распуст ги поминував во Прилеп. Со голем дел од нив сè уште сум во контакт и секое мое одење во Прилеп максимално го користам за целодневни дружби со другарите од детството. Другари од детство, од училиште и од ракометот имам и во Скопје. Тука се преселивме кога бев четврто одделение и тогаш почнав да тренирам во едно од училиштата на „Металург“ – кажува Димитар.

Денешниве деца се некако „свилени“

Димитар смета дека неговото детство, иако поедноставно во споредба со она на денешните деца, сепак било многу поубаво. Причината за тоа, според него, е што тој кога бил дете, постоела слобода да се биде цел ден на улица, да се игра без да се знае колку е часот, додека денеска тоа поретко се прави. Тој смета дека дел од тие навики треба да се вратат кај децата бидејќи се ексклузивни за само тој период во животот на еден човек и треба да се искусат.

– Нашето детство беше многу поубаво. Ретко кое од денешниве деца знае да излезе на улица и цел ден да игра, да трча надвор, без да погледне колку е часот или да почувствува умор и глад. Денешниве деца се некако „свилени“, а благодарение на нивните родители, затворени се дома, со телефони или таблети во рацете само за да им бидат пред очи и да немаат обврска да излегуваат надвор со нив или да ги контролираат одвреме-навреме. Нивна забава надвор од дома се игротеките во кафулињата, каде што нивните родители излегуваат за сопствена разонода, а не за нивните деца да поминат квалитетни активности надвор, да се социјализираат, да научат да се дружат. Трчањето во парк, во училиштен двор, на улица пред зграда, не може да се споредува со трчањето на ФИФА видеоигра на плејстејшн. Секоја чест на исклучоците, кои ги има сè помалку – вели Димитар.

Татко ми е најголем авторитет во семејството

Зборот на Оливер, татко му на Димитар, бил секогаш последен во нивната куќа. Димитар го почувствувал тоа и на професионално ниво кога играл за татко му во „Металург“, со тоа што кога било време да се воведе дисциплина во тимот, тој секогаш бил прв за казна, иако не секогаш ја заслужувал.

– Татко ми е најголемиот авторитет во нашето семејство, но и на тренинг. Ја имав таа „среќа- несреќа“ да ми биде тренер во „Металург“ и поради тоа јас секогаш бев прв за казна. Не дека не работев како што треба или нешто слично, туку така авторитетски, прво мене, а потоа сите други во строј. Не паметам дека некогаш сум имал ограничено време кога да легнам в кревет. Често знаевме со сестра ми Ерика, која исто така тренира ракомет, навечер, откако ќе си легнат мајка ми и татко ми, да земеме топка и на вратата од дневната да си шутираме пенали – се сеќава Димитар.

Како многу мал сакав да станам поп

Пред да го касне спортската бубачка, Димитар имал сосем различна желба околу тоа што ќе биде кога ќе порасне. Сакал да стане поп. Ни самиот не знае од каде му дошла таа желба, но тоа траело до првото запознавање со ракометот, кога целосно се менуваат неговите амбиции.

– Ќе звучи смешно, ама кога бев многу мало дете, четири-пет години, сакав да бидам поп. Ако ме прашате зошто, не знам. Потоа ракометот ги промени моите амбиции и размислувања за иднината. По завршувањето на основното образование се запишав во средното фискултурно училиште „Методи Митевски-Брицо“ во Скопје, а потоа и на Факултетот за физичка култура. Спортот, ракометот и сите работи поврзани со ракометот се моја животна определба. Не бев голем љубител на учењето. Со оглед на тоа што најголем дел од слободното време го поминував надвор со другарите и на тренинзи, не ми беа сите петки, но немав слаби оценки. Годините ги завршував со многу добар успех. Исто беше и во средно – вели Димитриоски.

Фото: Приватна архива



912

X