Јулија Борисовна Хипенрејтер е познат руски психолог и семеен психотерапевт, како и автор на многу книги за родителство. Во своите книги таа ги советува и подучува родителите како да градат однос со децата и како да разговараат со нив. Ова се основни точки од нејзиното учење за психологијата на родителите и децата и подоброто меѓусебно разбирање.
Прифатете го детето безусловно
Тоа не значи да го сакате затоа што е убаво, паметно, способно, одличен ученик, им помага на другите и слично. Треба да го сакате само затоа што постои.
Не мешајте се во она што детето го бара ако не бара помош
Со тоа што не се мешате му порачувате: „Сè е во ред со тебе. Се разбира дека ќе се снајдеш!“
Ако на детето му е тешко и е подготвено да ја прифати вашата помош, задолжително помогнете му
Притоа, преземете го само она што детето не може да го направи самото, а остатокот нека го заврши тоа. Како што освојува нови работи, така постепено препуштајте му повеќе задачи.
Детето утре ќе го прави само она што денес го правело со мајката и токму затоа што го правело со мајката
Количината од она што сме го направиле „заедно“ станува златна резерва за детето, неговиот потенцијал за блиската иднина.
Полека, но сигурно оттргнувајте ги од себе грижата и обврските за личните работи на детето
Личноста и способноста на детето се развива само во онаа област во која самото избрало бидејќи баш тоа го сакало и бидејќи тоа го интересира.
Не постои ситуација во која детето треба да се удри
Можете да изразувате незадоволство поради некоја постапка на детето, но не поради самото дете. Можете да ги осудите постапките на детето, но не и чувствата на детето, колку и да се непожелни или недопустливи. Незадоволството од детските постапки не би смеело да биде систематско, инаку се претвора во детска мака.
Прегрнувајте го детето повеќе пати дневно
Четири прегратки се неопходни за преживување, а за убаво расположение потребни се најмалку 8 прегратки дневно. И тоа не само за децата, туку и за возрасните.
Осмислете неколку активности со детето или неколку семејни акции кои ќе формираат зона на радост. Нешто од тоа нека стане „ритуал“, детето нека го чека знаејќи дека сигурно ќе дојде ако не направи нешто лошо. Откажете ги тие активности само ако навистина „направило прекршок“.
Најдобрата казна за детето е да го лишите од нешто убаво, а не да му направите нешто лошо

На децата им е многу потребно да се движат, да истражуваат предмети, да ја пробуваат силата. Да им се забрани такво нешто е исто како да се прегради надојдената река. Подобро ќе биде да се погрижите текот да биде соодветен, а коритото безбедно.
Не само што на децата им е потребен ред и правила на однесување, туку тие ги сакаат и ги очекуваат. Така полесно го разбираат животот и се снаоѓаат во него, тоа им дава чувство на сигурност.
На детето му е мило кога ги разбираме неговите потреби
Една од најважните е да го истражува светот и да добива впечатоци. Детето ги истражува своите можности и полека ги поместува границите. Кога е мало, сака да се качи на дрво, кога малку ќе порасне, сака да побегне со пријателите во туѓ двор, потоа да се врати дома подоцна од вообичено итн. Многу нешта зависат од тоа како се однесуваат родителите. Држењето лекции и забраните се немоќни.
Сè што би сакале да промениме кај детето најпрво би требало внимателно да го провериме да не е тоа всушност она што би било добро да го промениме кај нас самите.
На пример, нашиот педагошки ентузијазам. Веројатно подобро е да го насочиме кон себеси.
Автор: Весна Смилјаниќ Рангелов