Розита Андонова, психолог

Розита Андонова, психолог

Психодрама психотерапевт под супервизија
е-пошта: rozita@5.net.mk
тел. 078 331 351

Повеќе од авторот

Приспособувањето е процес, па оттука мора да ни е јасно дека кон децата треба да пристапуваме внимателно и со нежност

Пандемијата на коронавирусот донесе многу промени во нашето секојдневие и животи. Живееме во постојана неизвесност, со чувство на загрозеност и промена на животните околности. Се приспособуваме на промените, кои се нови и непознати. Една од тие промени е учењето од дома, што за многу родители и деца претставува стрес. Поголем дел од образовните институции се затворени и се воведе сосема нов начин на настава, онлајн. Децата не одат на училиште и речиси по цел ден се дома, слободното време е подолго и неструктурирано со значително намалени воншколски активности. Новите навики и начини на функционирање бараат време и многу успешни и неуспешни обиди во нивното формирање. Ниту од возрасните може да се очекува на промените да се приспособат за неколку дена ниту, пак, од децата. Не смееме од децата да очекуваме да бидат воодушевени и целосно послушни. Подобро е да бидеме подготвени дека ќе наидеме на многубројни препреки и извори на фрустрации. Приспособувањето е процес, па оттука мора да ни е јасно дека кон децата треба да пристапуваме внимателно и со нежност. Континуитетот во извршувањето на училишните обврски и учењето е од особено значење, но не е единствен императив во овие тешки времиња. Од многу поголема важност е да го сочуваме нашето здравје, телесното и менталното.

Како родителите да им помогнат на своите деца што учат онлајн да го прифатат новиот начин и да имаат помалку тензија?

Децата на училишна возраст се навикнати на структура, тоа е нивниот начин на функционирање. Спротивно на ова е хаосот, каде што работите се непредвидливи и неорганизирани. Структурата може да вклучува јасни упатства за децата во врска со она што се очекува (планирање и распоред на активностите), предвидливите последици (што се случува кога браќата и сестрите се расправаат за нешто) и постојана рутина. Истражувањата за справување со кризи и катастрофи упатуваат на тоа дека структурата е особено важна затоа што примената на предвидлив и постојан распоред и ритам може да помогне да се смири вознемиреноста, а на децата да им овозможи да се чувствуваат дека имаат одредена контрола над нивниот живот. Разговорот и договарањето се од големо значење, особено во ова стресно време.

Прв чекор кон прифаќање на новите навики е да се разбере ситуацијата. На децата треба да им се објасни зошто мора да се функционира на овој начин. Исто така, можеме да им кажеме дека не очекуваме сè да оди лесно и без проблеми, но дека е многу важно, и за нив и за нас, да си ги извршуваат училишните обврски.

Како да се креира структура?

Заедно со нашите деца можеме да ја креираме структурата на начин на кој би се чувствувале пријатно и ние и тие. Вклученоста на детето уште во фазата на осмислување на структурата ќе му даде поттик и ќе го мотивира ефикасно да ја применува. Треба да се има предвид и дека од клучна важност е рамнотежата на училишните обврски и слободното време.

• Се препорачува организирање така што ќе се одвои соодветно време и простор за училишните обврски, односно на детето да му се обезбеди тивко и удобно место за онлајн-настава, а исто така и време и простор за игра и слободни активности.

• Воспоставување редовен распоред за будење, лична хигиена, јадење, започнување со часови, пишување домашни задачи, слободно време пред компјутер, гледање телевизија, време за игра, време за спиење итн. Дневниот распоред може да се напише на лист хартија или во планер и да се постави на видно место.

• Да се дадат јасни упатства за времето поминато пред компјутер и кои содржини можат да се следат.

• Да се создаде рутина во извршувањето на секојдневните активности за кои секој член од семејството има одговорност.

• Во рутината да се вклучи забавна активност што децата ќе ја изберат.

При креирањето на структурата секој член од семејството може да го искаже своето мислење и одлуките да се донесат заедно. На децата можеме да им дозволиме одреден избор во нивните одговорности и распоред.

На крајот од денот со децата да поразговараме како им поминал денот. Тие сигурно ќе имаат и моменти кога ќе бидат фрустрирани и немотивирани, но и тоа е можност да им покажеме дека можеме да се справиме и со непријатните емоции. Никој од нас не знае колку време ќе трае оваа неизвесност и колку долго ќе живееме со непознатото. Да бидеме благи и емпатични едни кон други, да внимаваме на себе и на другите. И на корона-кризата ќе ѝ дојде крајот.



912

X