Љубица Димовска, дефектолог, специјален едукатор, рехабилитатор

Љубица Димовска, дефектолог, специјален едукатор, рехабилитатор

е-пошта: d_ljubica@yahoo.com
тел: 072 214 191

Повеќе од авторот

Кога ќе се појави сомнеж во поглед на развојот на детето, првиот чекор што се презема е развојно тестирање (процена)

Термините развојно доцнење и развојна попреченост се разликуваат меѓусебно, иако често се користат за означување една иста состојба, што не е коректно. Причина зошто постои нивно поистоветување е тоа што и едната и другата состојба се проценуваат со исти развојни тестови. Сепак, постои разлика, првенствено во исходот на секоја од овие состојби.
За да ги разграничиме, прво ќе ги објасниме следните термини:

1.Развојно ниво (скалило) е збир од способности во физичкиот, менталниот, говорниот развој, како и социо-емоционалното функционирање на детето, кои се поврзани со конкретна календарска возраст (се очекува да се појават во даден временски период). Со цел да се процени развојното ниво, се користи серија мали активности, или развојни задачи, кои му се поставуваат на детето согласно календарската старост во моментот на процена.

2.Развојно доцнење е задоцнето постигнување на очекуваното развојно ниво за возраста, во физичката, когнитивната, говорната или социо-емоционалната сфера на развојот. Понизок скор на развојните тестови во овој случај не значи давање на детето некаква дијагноза, туку е ориентација во неговата состојба и можеби упатување на подетални медицински испитувања, кои ќе ја разјаснат истата. Доцнењето може да биде во една област, или глобално доцнење (за да го наречеме глобално, треба да се евидентира во минимум две сфери). Со соодветна, навремена интервенција детето го надминува проблемот и се развива во правец на нормалниот, очекуван развој.

3.Развојна попреченост е губење на функција како последица од настан пред, за време или по раѓањето, поради што постои тешкотија или пречка во усвојувањето на когнитивните, јазичните, моторните и социо-емоционалните вештини. Овие деца покажуваат константно доцнење во поглед на достигнувањето на развојните скалила, некои дури нема да успеат да достигнат некои скалила. Разликата со развојното доцнење е што оваа состојба трае за цел живот, а интервенциите што се применуваат имаат цел да го оптимизираат функционирањето на лицата во согласност со капацитетот што го поседуваат.

Причини за развојно доцнење

Постојат повеќе причини што доведуваат до доцнење во развојот или евентуално развојни попречувања, а групирани се во пет главни групи:

1.Генско влијание

Наследниот материјал од двајцата родители се смета за една од главните причини за развојно доцнење. Најчести состојби се синдромите и метаболните состојби, како фенилкетонуријата.

2.Срединско влијание

Тука се вбројуваат несреќните случаи, растење во многу сиромашни семејства каде што исхраната е со лош квалитет и е оскудна, болести во раното детство, изложеност на штетни материи (труење со олово), трауми на глава и инфекции.

3.Пренатални фактори

Состојби што настануваат во текот на бременоста, на пример, инфекции, крвна некомпатибилност меѓу мајката и плодот, изложеност на дрога и алкохол и сл.

4.Перинатални фактори

Состојби што настануваат во текот на породувањето. Доколку породувањето е тешко и долго трае, можно е да дојде до недостиг на кислород во мозочето на бебето. Исто така, доколку се премине кон инвазивно породување со примена на форцепс или вакуум-екстрактор, може да настане физичка траума, како крвавење во ЦНС. Исто така, во оваа група се вбројуваат и децата родени во термин, но со многу мала тежина.

5.Постнатални фактори

Исто така, чести причинители се и запоставувањето на бебето од страна на мајката, трауми на главата поради физичко малтретирање, појава на тумори во мозочето на бебето, епилептични напади итн.

Кога ќе се појави сомнеж во поглед на развојот на детето, првиот чекор што се презема е развојно тестирање (процена). Тоа се тие серии од мали вежби или активности што му се задаваат на детето, а кои се приспособени на неговата календарска возраст. Значи, доколку развојот ја следи календарската возраст на детето, тоа без проблем ќе ги изврши задачите. Понизок скор на овие тестови е знак дека треба да се направат дополнителни испитувања, со кои се одредува точно која му е слаба страна на детето, кои му се јаки страни, дали постои доцнење во една област, дали е тоа глобално и уште понатаму се прават серија медицински испитувања кои имаат цел да потврдат или да отфрлат постоење на дефинитивна состојба, која резултира со развојно попречување.

Доколку се установи доцнење само во една област, се прави план за стимулација на развојните способности од таа област (во развојните советувалишта). Во зависност од видот на отстапувањето, се вклучува физикална терапија, логопедски третман, окупациона, сензорна терапија и сл. Некогаш е доволно и ако само се зголеми времето кое детето (бебето) го поминува во играње на под. Некои состојби бараат примена и на лекови, тука се вклучуваат специјалисти од медицинската област.
Развојот не е праволиниска функција, ова важи за сите деца. Функциите најпрво се јавуваат, но некако срамежливо, несигурно. Потоа се случува и да ги снемува, па повторно се јавуваат, но сега веќе утврдени, со сигурност може да се каже дека ги има. Поради ова, често се наидува на тешкотии при примената и анализата на резултатите од истите. Во тој случај се закажува повторно тестирање за кратко време и за тоа време на родителите им се даваат насоки за стимулација во домашни услови. Раното проценување, дијагностицирање и раната интервенција во целост се суштински за долгорочните стратегии за решавање на проблемите на децата со развојно доцнење и развојна попреченост.

Развојната процена ги опфаќа следните области:

1.Физички развој – растењето на телото, тежина и висина, јакнење на мускулите.
2.Когнитивен развој– начинот на кој детето мисли, решава проблеми, го разбира и користи говорот.
3.Социјален развој– начинот на кој создава врски, игра и им се обраќа на другите.
4.Емоционален развој– како се доживува себеси, како се чувствува, како ги изразува емоциите и како се грижи за себе.

Овие области се тесно  поврзани меѓу себе и често проблем во една област повлекува проблеми во другите области. Развојот тече по одреден редослед, од наједноставни секвенци кон комплексни вештини. Знаењата и вештините стекнати во раниот развој се основа за многу понапредни вештини во понатамошниот живот. Најдобар начин на стекнување знаења и вештини е преку практична изведба, или во најраната возраст тоа е играта. Врз стекнувањата на развојните вештини големо влијание имаат трите најголеми фактори – наследен фактор, семејство и околина.

Постојат повеќе табели во кои се дадени развојните чекори и предвиденото време во кое се очекува тие да се достигнат. Треба да се знае дека развојот е предвидлив и се одвива по одреден редослед на појава на способностите, но исто така дека секое дете е посебно, уникатно и има свое темпо на усвојување на тие развојни скалила. Исто така, важно е да се знае дека само 5% од децата ги усвојуваат бараните вештини на почетокот на развојниот период, а 95% на крајот од истиот. И едните и другите влегуваат во групата на деца со уреден развој. При процена, доколку се уочи развојно доцнење, вниманието треба да ни е насочено кон тоа дали детето има прогрес, напредува кон развојното скалило, или пак подолго време се задржува на истото ниво.

Во првата година процената на развојните постигнувања ја вршиме на секои два месеца, а доколку се посомневаме дека постои доцнење во некоја област, тогаш ја закажуваме порано повторната процена. Доколку во две последователни процени нема никаков напредок во одредена област, го упатуваме во специјализирани медицински установи за дијагностика и третман, каде што ќе бидат извршени дополнителни медицински испитувања кои ќе ги дефинираат состојбата и потребите за натамошен третман.

Моториката е област која најочигледно се развива во првата година, а сите останати области се надоврзуваат на неа. Во продолжение ќе наведеме примери за развојно доцнење во моториката, од раѓање до третата година. Овие параметри се ориентир за генералната состојба на развојот на детето и ни даваат основа за упатување во специјализирани дијагностички установи, доколку во моментот на процена бидат регистрирани кај него.

Од раѓање до 2 месеца:
• На крајот од вториот месец не прави минимум напор да ја задржи главата кога го подигаме од лежечка положба (главата буквално виси наназад).
• На крајот од вториот месец бебето е екстремно млитаво или стегнато.
• На крајот од вториот месец, кога го држиме в раце свртено со лицето кон нас, телото го извива во лак наназад.
• На крајот на вториот месец (некогаш и подолго) при подигање со држење под пазуви, нозете се стегнати, дури може и да се вкрстени.

Од 3 до 6 месеци:
• Помеѓу 3. и 4. месец пасивно не задржува предмет в рака (ние ако му го ставиме).
• Помеѓу 3. и 4. месец не ја задржува доволно главата (се клати или паѓа нанапред).
• До крајот на 4. месец не става предмети в уста.
• До крајот на 4. месец нема никаква реакција на туркање или потпора во стапалата кога го држиме вертикално (држење под пазуви).
• Перзистенција на Моро рефлексот по 4 месец (т.н. рефлекс на гушкање кога на пример му ја изместуваме подлогата, го повлекуваме ќебенцето и други механизми на провокација на рефлексот).
• Перзистенција на асиметричниот тоничен рефлекс на вратот по 5. или 6. месец (ако му ја свртиме главата на една страна, раката од таа страна се исправа, а другата се свиткува во лакт како да држи меч).
• До крајот на 6. месец нема обид за седење со поддршка.
• По 6. месец посега само со една рака, а другата е стегната и дланката е свиткана во тупаница.
• Нема обид за вртење до стомак или од стомак на грб до крајот на 6. месец.

Од 7 до 9 месеци:
• До крајот на 7. месец има недоволна контрола на глава кога ќе го повлечеме во седечка положба.
• До крајот на седмиот месец не прави обид да ги стави предметите в уста со цел да ги истражува.
• До крајот на седмиот месец не посега по предмети.
• До крајот на седмиот месец не носи нималку тежина на стапалата при поставување во вертикална положба.
• До крајот на деветиот месец не седи самостојно.

Од 9 до 12 месеци:
• Со полни 10 месеци, лази само се едната половина на телото, пример лева рака и нога, а десната рака и нога ги влече покрај телото.
• Со полни 12 месеци не е постигната ползечката положба.
• Со полни 12 месеци не може да стои со поддршка.

Од 13 до 24 месеци:
• Со полни 18 месеци не оди самостојно.
• Доколку е проодено, наредните неколку месеци не оди сигурно или постојано оди на прсти.
• По вториот роденден расте помалку од 1,5 см годишно.

Од 24 до 36 месеци:
• Често паѓа или не може да се качува и симнува по скали.
• Постојано лигавење (слаби фацијални мускули).
• Не може да ракува со мали предмети (одбива поситни играчки).

Доколку станува збор за предвреме родено бебе, тогаш се ориентираме според коригираната развојна старост, а не според календарската старост.



912

X