Димитар Чучанов

Димитар Чучанов

Општа Болница со проширена дејност - Гевгелија

Повеќе од авторот

Имајте на ум дека децата не се трудат да се однесуваат некултурно, да бидат несоработливи или мрзливи

За време на пандемијата транзицијата од учење на училиште, клупа, во домашно учење е неизбежна. Децата, како и родителите, се соочуваат со еден нов предизвик. Улогата на родителот како наставник влијае врз промената на врската со своите деца.

Децата веќе се под стрес поради ситуацијата во која се наоѓа светот, како и прекинот на нивните секојдневни активности. Тие може да се чувствуваат анксиозно од тензијата што се наоѓа околу нив. Имајте на ум дека децата не се трудат да се однесуваат некултурно, да бидат несоработливи или мрзливи во оваа ситуација, туку сето тоа е одговор на нивниот мозок, кој си ја врши својата функција програмирана да се одвива за време на висок стрес – а тоа е да се бори. Ваквата реакција родителите може да ја видат во сосема поинакво светло.

Работите поврзани со моменталната ситуација и учењето во домашни услови кои може да предизвика емоционална нестабилност кај децата може да вклучуваат:

Фрустрација од неразбирање на материјалот кој им е зададен на децата преку интернет или од извршување на активности кои за нив се веќе монотони или често повторувани. Во вакви ситуации во кои се активира стрес-одговорот кај децата може да се видат повеќе негативни однесувања, како зголемена кавга, непочитување, одбивање и слично. Во таква ситуација родителот треба да дознае што го фрустрира детето и да му даде до знаење дека не е негова вина и потоа заедно да најдат решение за справување со фрустрацијата.

Друг предизвик на емоционална нестабилност кај детето може да биде социјалната изолација од училницата, како и од своите другарчиња. Со модерната технологија родителите може да ги поврзат своите деца и нивните другарчиња со помош на сите видеоапликации кои постојат на нашите мобилни уреди и компјутери. Со тоа ќе се подобри и самата мотивација кај децата, а ќе се намали и анксиозноста.

Ги советувам родителите да играат многу игри за самосвест со нивните деца, кои ги има во изобилство на интернет, а со кои ќе се подобри нивната умствена работа, ќе се заврти свеста кон себеси, ќе се релаксира работата на брзиот мозок кај децата и ќе има емоционално поврзување на целото семејство.



912

X