Има мноштво работилници кои се бесплатни за децата, на пример, работилници за рачна изработка на предмети, спортски работилници, јога за деца, керамика, драма, во зависност од возраста. Секоја недела има разни видови детски претстави и театри, кина. Во Чанаккале често се организираат саеми на книги и активности поврзани со мотивирање на децата да читаат
Славица Јорданова, по потекло од Кочани, веќе седум години живее во градот Чанаккале во Турција. Таа е компјутерски инженер и работи во училиште по роботика и истовремено е координатор во невладина организација. Освен тоа, Славица е мајка на четиригодишната Икра Леона и сопруга на Кахраман, кој е професор по историја во средно приватно училиште.
Овој град, кој се протега на двата континента, нуди многу содржини и активности за децата, а токму тоа, според Славица, е нешто што го прави убаво детството во оваа земја. За животот во Чанаккале и во Турција, за секојдневието и за можностите што им се нудат на децата, за Деца.мк раскажува Славица.
Наместо таблет, јога за деца
Овде е навистина убаво да си дете. За разлика од кај нас, иако правам споредба со Кочани, каде што сум јас родена, условите и можностите за децата се многу подобри, вели мајката.
– Има голем број места каде што децата можат да присуствуваат на работилници и тоа бесплатно, на пример, работилници за рачна изработка на предмети, спортски работилници, јога за деца, керамика, драма, во зависност од возраста. Секоја недела има разни видови детски претстави и театри, кина. Во Чанаккале, кој е студентски град, често се организираат саеми на книги и активности поврзани со мотивирање на децата да читаат. Има голем број игротеки и места каде што секоја недела се организираат различни настани. Просто кажано, децата овде имаат сè на дланка. И наместо времето да го минуваат пред телевизори и таблети, имаат можности да најдат што им се допаѓа и да минуваат време со своите врсници – раскажува Славица.
Децата си одат по родендени
Родителите во Турција се пријателски расположени, слично како во Македонија. Има комуникација и дружби меѓу родителите и децата.
– Еднаш месечно или еднаш на два месеца организираме заеднички средби со родителите и децата. Секако, со некои сме поблиски пријатели и се гледаме често. Имаме група на социјалните мрежи каде што сме поврзани и разговараме речиси секој ден за тоа како поминал денот, споделуваат слики од училишните активности итн. Поради работните обврски, не сме во можност да се гледаме почесто, но за време на родендените овие средби се неизбежни – додава Славица.
Таа ја чувала нејзината ќерка Икра Леона до 3,5-годишна возраст. Одлучила првите неколку години да не работи и да се посвети на нејзиното воспитување и да помине време со неа.
– Од оваа учебна година почна да оди во приватно училиште-колеџ каде што работи татко ѝ. Причината поради која го избравме училиштето е тоа што истовремено наставата се изведува на турски и на англиски јазик (настава на англиски имаат 4 дена во неделата). Дома ние зборуваме на три јазици и уште од мала истовремено и со исто темпо ги учи и таа. Од основно училиште ако продолжи таму со едукација, како плус јазик ќе изучуваат и германски. Секоја недела имаат различна наставна програма и програмата ни ја испраќаат нам, на родителите, за да бидеме во тек со тоа што ќе го учат. Освен странски јазик, имаат спортски активности, ликовно, музичко, екологија, математички активности и од 4-годишна возраст воведуваат и јога, шах и роботика. Во државните училишта наставата се изведува на турски јазик, со еден или два часа неделно англиски јазик. На училиште тргнуваат од шестгодишна возраст. Системот е ист како во Македонија – деветгодишно образование и потоа четири години средно – вели Славица.
Работната недела е динамична
Секој работен ден на семејството Узан почнува во раните утрински часови.
– Мојот сопруг и мојата ќерка, која оди во градинка, излегуваат од дома околу 8 часот наутро. Училиштето се наоѓа надвор од центарот на градот и поради тоа дотаму и назад патуваат со превоз организиран од училиштето. Часовите им почнуваат во 9 наутро и траат до 17:30. Додека тие се на училиште, јас сум исто така на работа. По завршувањето на работните обврски и училиштето заедно вечераме и се трудиме останатото време да го поминеме заедно. Кога времето е убаво, често излегуваме покрај крајбрежјето и парковите во центарот на градот. Чанаккале е прекрасен град кој е полн со активности. Често одиме на кино или во шопинг-центар каде што може да се помине време кога временските услови не се баш за шетање во природа – додава мајката.
Кајмак, џемови, кифли, маслинки и чај за појадок
Во Турција во текот на викендите, кога не се работи, луѓето уживаат да минуваат време со своите сакани. Денот почнува со традиционален појадок, кој се разликува од оној во Македонија.
– На маса се става сè што се има во фрижидер: масло, неколку вида џем, мед и кајмак, намаз, салча, неколку вида различни маслинки, неколку вида сирење, крем, менемен (пржени јајца со пипер и домати), омлет, таан и пекмез, пржени компири, пржени рибанки, питулици, кифли и секако – никогаш без чај. Од наброеното не дека сè се јаде, туку за нив е важно да се стави на маса и со саати може да се јаде и зборува. Потоа често знаеме да отидеме на европската страна од Чанаккале. Чанаккале е место кое географски се наоѓа на два континента – Европа и Азија. Луѓето знаат да кажат на шега: „Кога ќе ми здосади, се качувам на брод и за 10 минути сум во Европа“. Природата е прекрасна, погледот за восхит, а имаат и прекрасна риба. Место кое вреди да се посети – порачува Славица.
912