Здравје

Зошто викендите се лоши за здравјето на децата?

Работните денови можат да бидат исцрпувачки за родителите. Ги будите децата, ги носите онаму каде што треба да одат и им помагате со домашната работа. Пазарите, готвите, чистите. До викендот, секој е исцрпен и подготвен за забава. Пица за вечера, газирани пијалаци, пуканки со филм и сладолед за десерт бидејќи викендот е време за опуштање и лежерност. Ако ова е и ваша навика – тогаш не сте сами.

Викендот е време за релаксација

– Исхраната за викендот е многу различна од исхраната во текот на работните денови. Тогаш одите на родендени, на базен, купувате сладолед и семејството се собира и има големи оброци – вели Сибил Кранц, нутриционист од Универзитетот во Вирџинија.

– Во текот на викендите децата помалку јадат здрава храна и повеќе пијат газирани пијалаци – вели Дебра Хофман, клинички психолог од Државниот универзитет во Охајо. Нејзиното истражување ги анализирало навиките во јадењето кај децата, вклучувајќи го и викендот.

Децата опфатени во истражувањето јаделе поголеми оброци нездрава храна и пијалаци почесто во текот на викендите.

– Мислам дека родителите ги гледаат викендите како време кога можат да се опуштат и релаксираат. Децата јадат почесто и семејството почесто оди во ресторан – вели Хофман.

Холи Рејнор, професорка по исхрана на Универзитетот „Тенеси“ во Ноксвил, вели дека разликата е предизвикана од недостиг на структура во текот на викендите во споредба со работните денови. Експертите предупредуваат дека токму поради оваа навика, постои зголемување на бројот на деца со прекумерна тежина.

Клучот е во умереноста

Истражувањето на Рејнор открива дека децата во викендите гледале телевизија двапати повеќе, додека други истражувања покажале дека децата во викендите помалку вежбале. Експертите додаваат дека здравата исхрана е особено критична бидејќи децата што растат имаат голема потреба за хранливи материи. Телото активно создава ткиво, а микронутриентите, како што се витамините и минералите, се важни за правилен развој, вклучително и во мозокот.

Родителите треба да внимаваат и во текот на летните одмори, кога се соочуваат со слични предизвици како во викендите. Потребно е родителите да им помогнат на децата да воспостават здрави долгорочни практики.

– Не велам дека родителите треба да речат: „Не може да имаме забавна викенд-рутина“. Мислам дека е во ред викендите да бидат време за релаксација. Но треба да се пронајде рамнотежа бидејќи клучот навистина е во умереноста – вели Хофман.

 

Поврзани написи

To top