Цветанка Петрова, инженер-технолог и нутриционист

Цветанка Петрова, инженер-технолог и нутриционист

Нутрико диет клуб
магистранд на Диететика
е-пошта: nutrikodietklub@gmail.com
веб: www.mojnutricionist.mk

Повеќе од авторот

Иако често се искажуваат со слични симптоми, овие реакции во суштина се разликуваат во неколку клучни карактеристики

Според медицинските студии, хиперсензитивноста е сè почест проблем. Впрочем, од пречувствителност страдаат околу 20 отсто од светската популација. Реакциите што се последица на пречувствителност на храна можат да се манифестираат на два начина: како интолеранција на храна или како алергија на храна.

Иако често се искажуваат со слични симптоми, овие реакции во суштина се разликуваат во неколку клучни карактеристики.

Интолеранција

Интолеранцијата е неспособност на организмот да обработи одреден вид храна, односно нејзина состојка. Најчесто се работи за недостиг на ензим кој би ја разложил самата хранлива состојка. Па така, при интолеранција на лактоза има недостиг од ензимот лактаза, кој ја разградува лактозата. Во случајот на хистаминска интолеранција станува збор за недостиг на диаминоксидаза (DAO), кој го разградува хистаминот во храната. Кога велиме интолеранција на фруктоза, всушност, мислиме на недостиг на ензимот фруктаза.

Фармаколошко-хемиската нетолерантност, пак, е предизвикана од биогени амини и други супстанции присутни во храната кои поседуваат одредена фармаколошка активност, а нивната активност најчесто зависи и од внесената доза.

Интолеранцијата може да е и недефинирана, односно да е последица на автоимуно заболување, како што е случајот со целијакијата, каде што има појава на антитела кои го препознаваат глутенот како „туѓо тело“ и почнуваат да реагираат напаѓајќи ги сопствените клетки.

Симптомите на интолеранцијата на храна можат да потекнуваат од речиси сите системи и органи, но навистина многу ретко луѓето ги поврзуваат со храната. Уште повеќе затоа што не станува збор за бурна и моментална реакција, туку задоцнета, бавна појава на симптомот, кој преминува во хроничен. Симптомите се јавуваат во облик на отежнато дишење, отекување, кивање, исипи на кожата, иритации, течење на носот, замор, дијареја, повраќање и истите може да се појават веднаш по консумирањето храна или со задоцнување до 2 часа.
За разлика од алергиите, интолеранцијата на храна се чини дека не е наследна. Интолеранцијата на храна може да се јави и како последица на пребрз премин од течна на цврста храна во детството, додека системот за варење сè уште не бил оформен и не бил способен целосно да се приспособи.

Доколку забележите дека вашето дете е уморно/летаргично, има чиреви во устата, болки во мускулите, хроничен пролив или, пак, губење на тежина и забавен раст, веднаш обратете се кај вашиот лекар и побарајте да се направат тестови за интолеранција.

Алергии

Алергиите на храна, пак, се релативно ретки. Се смета дека околу 2,5% од популацијата имаат дијагностициран ваков проблем. Алергијата на храна претставува агресивна реакција на имунолошкиот состав на одредена белковина во храната, која ја нарекуваме алерген.

Што се случува при алергиските реакции? Всушност, имунолошкиот систем дава лажен сигнал дека одреден протеин е штетен. Кога протеинот ќе влезе во телото, имунолошкиот систем развива IgE (имуноглобулин Е) антитела со цел да го неутрализира натрапникот во телото. Формираните антитела веднаш ослободуваат хемиски состојки (невротрансмитери), меѓу кои и хистамин. Хистаминот е одговорен за појава на симптомите.

Симптомите при алергиите се далеку посериозни и потребна е најмала количина на алерген за да се појават. Затоа треба добро да се читаат ознаките на производите што ги купуваме. Причина за алергиска реакција може да бидат и алергени во траги.

Симптомите при алергиите можат да бидат различни и со различен интензитет. Во зависност од местото на кое алергенот ќе дојде во допир со телото, симптомите ги делиме на респираторни, гастроинтестинални, дермални…. Најчесто се манифестираат со исип на кожата, оток, црвенило, чешање, конјунктивитис, замор. Гастроинтестиналните симптоми, пак, вклучуваат гадење, повраќање, болки во стомакот, дијареја (пролив). Но, неретко може да се случи и анафилактичен шок.

Анафилаксата е најопасната манифестација на алергиска реакција. Може да биде предизвикана од лекови, каснувања од инсекти, како и при консумација на одредени прехранбени алергени. Риба и јаткасти плодови најчесто предизвикуваат анафилактичен шок. Ако се сомневате дека можеби вашето дете јадело храна на која е алергично, веднаш јавете се на лекар. Исходот од анафилактичниот шок зависи од навремено и соодветно реагирање.

Значи, лесно може да се помеша алергијата на храна со интолеранција на храна. Но, иако може да имаат слични симптоми, интолеранцијата на храна е помалку сериозна состојба, каде што најчесто се работи за недостиг на одреден дигестивен ензим. Интолеранцијата не го вклучува имунолошкиот систем и не е наследна. Алергијата, пак, е сериозна појава, каде што имунолошкиот систем бурно реагира и има изразени симптоми, кои можат да доведат и до анафилактичен шок. И во двете состојби од клучно значење е рестриктивната диета, односно избегнување на намирниците што содржат алергени.



912

X