Грантови за општините за изградба на нови градинки, за реновирање на постојните, како и пренамена на постојни објекти во институции за деца на предучилишна возраст, најави министерот за финансии Драган Тевдовски на отворањето на првата градинка во Општина Чашка, каде што присуствуваше и министерката за труд и социјала Мила Царовска.
– Во тек е мисија на тимот на Светска банка за процена на проектот. Преговорите помеѓу Владата и банката треба да почнат во јули. За крај на септември се планира проектот да биде одобрен од бордот на директори на Светска банка. Потпишувањето на договорот треба да се случи на крајот од годинава – изјави Тевдовски и истакна дека се затекнати многубројни проблеми во предучилишното образование.
Станува збор за проект во износ од 33,4 милиони долари, кој Светска банка, за време на Пролетните средби во Вашингтон, изразила интерес да го финансира.
Освен за изградба и реконструкција на градинки, парите од заемот од Светска банка би се користеле и за подобрување на квалитетот на услугите во предучилишните установи, унапредување на наставните програми и обуки на кадрите. Исто така, ќе се доделуваат грантови и за други социјални услуги на локално ниво.
912