Пред пет години Министерството за образование и наука (МОН) донесе правилник за екскурзии во кој прецизно е дефинирана целата постапка за избор на агенција и условите што таа треба да ги исполни за да може да превезува и сместува деца во одморалишта и хотели

Во основните училишта веќе е започната процедурата на избор на агенции што треба да ги организираат ученичките екскурзии. Се распишуваат јавни огласи, се прибираат понуди и се бараат најевтините понудувачи, кои треба да ги реализираат екскурзиите согласно годишната програма на училиштата.
Пред пет години Министерството за образование и наука (МОН) донесе Правилник за екскурзии во кој прецизно се дефинирани целата постапка за избор на агенција и условите што таа треба да ги исполни за да може да превезува и да сместува деца во одморалишта и хотели. Овој правилник беше усвоен и затоа што имаше реакции за нетранспарентен избор на фирми кои ги реализираа екскурзиите.

Возачот не смее да вози 12 часа пред да превезува деца

Ученичка екскурзија се организира и изведува ако има согласност од најмалку 30 отсто од родителите на учениците во одделението. За оние деца што не сакаат да одат на екскурзија, училиштето е должно да организира настава.

Според правилата, возачот кој превезува деца треба да има лекарско уверение не постаро од шест месеци, како и потврда од одговорното лице дека пред да превезува деца, претходните 12 часа не возел воопшто.
„Еден ден пред реализација на патувањето директорот, од превозникот кој го изведува превозот, треба да добие доказ за вонредна техничка исправност на возилото за јавен превоз согласно постојните важечки закони и записник за извршен вонреден технички преглед на автобусот не постар од шест месеци“, стои во Правилникот.

Не смее да се патува без доктор

Според членот 22 од Правилникот, директорот на училиштето склучува договор со понудувачот кој понудил најниска цена за екскурзијата и ги исполнува пропишаните критериуми. Договорот кој го склучува директорот на училиштето со понудувачот треба да содржи сè што е наведено во понудата, согласно барањето за прибирање понуди. Тука спаѓаат поединечната и вкупната цена на услугата (сместување, превоз и исхрана), условите за сместување, менито за исхрана и превоз. Во цената треба да влезе и посебното осигурување на учениците. Мора да е утврден начинот на плаќањето, да бидат наведени водичите, бројот на наставници и лекарот, како и поволностите за ученици што потекнуваат од социјално загрозени семејства.

Што ако ученик се разболи

„Ако за време на екскурзијата и другите слободни активности ученикот се разболи или повреди, лекарот е должен да постапи според своите стручни надлежности и да побара помош во најблиската здравствена установа. Доколку ученикот се задржи на лекување, со ученикот треба да остане еден наставник, а другите ученици го продолжуваат патувањето. Раководителот на екскурзијата е должен да ги извести училиштето и родителите на повредениот или разболениот ученик и да организира превоз до неговото место на живеење“, стои во Правилникот.

Миревски: Нема простор за отстапки

Борче Миревски е директор на Основното училиште „Кирил Пејчиновиќ“ во Општина Кисела Вода. Тој за Деца.мк вели дека нема простор за импровизации бидејќи правилата за организирање екскурзии се јасни и прецизни.
– Започна периодот на организирање екскурзии. Ние распишавме јавен оглас за избор на понудувач, но изборот сè уште не е направен, тоа ќе го направиме во следниот период. Задолжително треба да се почитува сè што се бара, водич со лиценца и доктор кои мора да им се на располагање на учениците додека трае екскурзијата, а најповолниот понудувач мора да ги исполни и другите критериуми – вели Миревски.

МОН: Училиштата внимателно да избираат кој ќе вози деца

По несреќата што неодамна се случи кај Ласкарци, а во која загинаа 16 лица, МОН неделава им укажало на сите основни и средни училишта во Македонија да бидат особено внимателни при изборот на туристичките оператори што ќе бидат ангажирани за да ги организираат училишните екскурзии.
– Овие патувања се составен дел од воспитно-образовниот процес на учениците. Доставивме укажување до сите основни и средни училишта да бидат особено внимателни при изборот на правните субјекти, односно туристички оператори кои ќе бидат ангажирани за реализација на екскурзиите, со оглед на последните случувања, односно сообраќајната несреќа со фатални последици за животот и здравјето на повеќе наши сограѓани – рекоа во МОН.



912

X