Од Општината најавуваат дека ќе сторат сè што можат за да ѝ обезбедат услови за тренирање на петтоодделенката родена во Москва и да ја задржат во родниот град на татко ѝ

Кога Елвира изведува точка од ритмичка гимнастика на некоја приредба или настан што го организираме во училиштето, во салата е штама! Луѓето занемуваат. Вака со одушевување ни раскажа Мирјана Гошевска, наставничка по физичко воспитување во ОУ „Св.Кирил и Методиј“ во Македонска Каменица. Нејзиното долгогодишно искуство во работа со млади таленти и уште повеќе ентузијазмот во работата ги спои многу брзо откако 11-годишната Елвира Јангеловска се доселила со своето семејство од Русија, во родниот град на нејзиниот татко Драгче. За десетина дена Елвира освои два златни медала на турнири во Ниш и во Благоевград.

Брзо се врати во форма

Триесетина медали од натпревари главно во Русија, но во последната година и од балкански натпревари го красат домот на Јангеловски.

Во малото рударско гратче Елвира едвај има услови за да се занимава со овој спорт. Го нема неопходниот тепих за тренирање ритмичка гимнастика.

– Имаме спортска сала и ентузијазам. Кога дојдовме во Македонска Каменица, таа направи пауза од една година од ритмичката гимнастика. Не можевме да најдеме каде да тренира. Дознавме за клуб во Скопје и во Благоевград и сепак ја избравме Бугарија зашто таму овој спорт е многу поразвиен – вели мајка ѝ Ина, која е Русинка.

Елвира тренира во спортската сала на училиштето, на паркет, како што всушност не треба зашто може да се предизвика повреда на стапалата. Од пред неколку месеци решението го пронашле во Благоевград, Бугарија, каде што постои професионален клуб за овој спорт и каде што таа одлично напредува. Таму оди трипати неделно и е задоволна од условите што ги има.

Посветената гимнастичарка почнала со овој спорт на 5 години во Москва.

– Во градинка имаше часови по гимнастика и директорот на градинката организираше отворен час за спортска школа и ни предложи Елвира да се приклучи зашто од почеток покажуваше дека има талент за ова. Таму тренираше секој ден по четири часа, а за викенди имаа натпревари – вели мајка ѝ Ина.

Јажето ми е омилен реквизит

Многу ми е убаво кога вежбам, ни сподели Елвира. Омилен реквизит со кој настапува е јажето. Ја прашавме што си размислува додека настапува.

– Кога настапувам со реквизит, си мислам како да не ми падне некој реквизит. Мислам на колената, да бидат исправени, да ги правам правилно вежбите, да се смеам, оти тоа е дел од настапот. Со јаже сакам најмногу да настапувам. Секогаш кога нема да реализирам нешто како што требало, тоа ми дава сила наредниот пат да бидам подобра – вели Елвира.

Таа е многу борбена и упорна, а тоа е исклучително важно за секој што се занимава со спорт, вели нејзината наставничка, инаку директорка на единственото основно училиште во градот.

– Елвира ја забележав на тренинг на ракомет, видов дека е грациозна и кога ми покажа што знае да прави, знаев дека детето мора да се поддржи некако и да продолжи да работи во тоа што е најдобро. Таа тренира и ракомет, добра ни е за голман. Има огромна самодоверба и тоа е голема предност. Но, таа не смее да вежба на душеци. Условите за овој спорт не се соодветни, спортската сала во училиштето има висина, може да се фрлаат реквизити, но подот е основен проблем. Почнавме да лобираме секаде каде што можеме –се надеваме дека со здружени сили ќе успееме да ѝ обезбедиме услови за да може да напредува. Очекуваме Агенцијата за млади и спорт да ни излезе во пресрет, чекаме одговор и од рудникот „Саса“, како и од Општината – изјави Гошевска.

Елвира со наставничката Мирјана и мајка си Ина

Во Бугарија е одлично развиен овој спорт, а од другите земји во регионот се издвојуваат: Грција, Хрватска, Босна и Херцеговина – во последните години. Овој спорт девојките прилично престануваат да го практикуваат, приближно до 16 години.

– Ова не е ниту финансиски издржливо, родителите треба да одвојуваат многу пари за да може да се развива како што треба, оти и натпреварите се плаќаат. Кога би имала тепих во Каменица, нема да мора толку често да оди во Благоевград.

Градоначалничката Соња Стаменкова за Деца.мк изјави:

– Девојчето ни пристигна тука како готов талент и ние со сите заложби треба да ја задржиме овде. Воспоставив контакти со руската амбасада, каде што имаат задолжено човек што се грижи за помагање на луѓето дојдени од Русија. Ќе се заложам да обезбедиме Елвира да вежба тука, да не оди во Благоевград или во Скопје. Детето е вистински талентирано, едно од ретките во Македонија што се занимаваат со овој спорт и ќе биде штета да не му обезбедиме услови да вежба.

Сакам да бидам тренер

Во ритмичката гимнастика се користат следниве реквизити: јаже, лента, кегли, топка, хулахоп, а може и без реквизити. Секој реквизит се работи во одредена фаза од развојот на една гимнастичарка. Лентата се воведува најнакрај.

Елвира сака да стане тренер за ритмичка гимнастика. Во Русија секој натпревар носи поени и се добиваат степени на мајсторство, преку кои се стигнува до титула тренер. Секој што тренира ритмичка гимнастика во Русија води и спортски дневник во кој го внесува секој тренинг – постигнато, успех, што јадел тој ден, во што грешел, во што бил добар.

Петтоодделенката вели дека никогаш нема да ги заборави првиот натпревар и првиот златен медал што го освоила на него. Шампионката ни раскажува дека за секој натпревар имала голема поддршка и од нејзините другарки.

Елвира многу сака да чува кучиња, а физичко и ликовно ѝ се омилени предмети.

Таа треба да биде поддржана од државата, нагласува наставничката. Во земјава нема натпревари за овој спорт, таа мора да патува, да учи во странство, а доколку се обезбеди тепих, ќе може да се формира клуб и повеќе девојчиња да го изучуваат спортот.

Следен нов предизвик за Елвира е натпревар во Софија, кој треба да се одржи на 26 мај. Деца.мк ѝпосакува уште многу успеси!

 



912

X