Цветанка Петрова, инженер-технолог и нутриционист

Цветанка Петрова, инженер-технолог и нутриционист

Нутрико диет клуб
магистранд на Диететика
е-пошта: nutrikodietklub@gmail.com
веб: www.mojnutricionist.mk

Повеќе од авторот

Исхраната и физичката активност влијаат врз мозочните функции, а физичката активност дејствува и антидепресивно

За одржување на темпото во учењето и постигнувањето на домашните задачи и активности, од голема помош е исхраната, богата со одредени нутритиенти кои ги стимулираат когнитивните функции, како и физичката активност.
Концентрацијата е нешто што може да се подобри со промена на начинот на живот. Истражувањата велат дека исхраната и физичката активност влијаат врз мозочните функции. Имено, физичката активност активира одредени механизми, невротрансмитери и хормони, кои спречуваат појава на воспаленија и овозможуваат подобра мозочна работа. Физичката активност дејствува и антидепресивно.
Исхраната богата со одредени нутритиенти, како омега 3-масни киселини, алкалоиди, терпени, феноли и др., има исклучително поволно влијание врз нервниот систем и е препорачлива за подобрување на концентрацијата, како и за превенција од деменција, Алцхајмерова болест, мозочен удар и сл.

Во продолжение, ви ги претставувам најдобрите намирници за стимулација на когнитивните способности на учениците, а кои лесно би се вметнале во нивната секојдневната исхрана.

1. Лосос и други масни риби

Масните риби се извонредно добар извор на полинезаситени масни киселини, омега 3, како и витамин Д, витамин, растворлив во масти (липосолубилен).
Имено, човечкиот мозок е изграден претежно од масти (дури 2/3!) и затоа тие се неопходни за неговата функција. Составен дел се на миелинската обвивка на нервите, ги подобруваат нервните синапси и импулси, ја подобруваат крвната циркулација околу мозочната мембрана, а мозокот може и да ги метаболизира кога се во облик на кетонски тела.

2. Мешавина од јаткасти плодови и суво грозје

Одлична комбинација од незаситени масни киселини и гликоза – двете неопходни храни за мозокот. Јаткастите плодови изобилуваат со добри масти, додека сувото грозје содржи гроздов шеќер или гликоза, која брзо се ресорбира, транспортира низ крвотокот и искористува од страна на мозокот.
Оваа комбинација е идеална ужина помеѓу предавања или часови, а неопходна е кога се учи, пишува домашна или за време на испитна сесија.

3. Интегрален леб и житарици (Б-витамини)

Витамините од Б-комплексот се од голема важност за когнитивните функции затоа што имаат повеќе улоги. Прво, го подобруваат метаболизмот и помагаат при обезбедување хранливи материи за мозокот, а витаминот Б12 ја поттикнува продукцијата на еритроцити (црвени крвни клетки), кои носат кислород во мозокот.
Потоа, влијаат врз расположението со тоа што се неопходни за создавање супстанции како допаминот, кој е невротрансмитер и е одговорен за чувството на среќа и задоволство.
Витаминот Б12 помага во производството на миелин, заштитна супстанција која ги обвиткува невроните, и која е неопходна за пренос на импулсите.

4. Куркума

Куркумин е активната компонента во зачинот куркума и има невропротективно дејство. Дејствува антивоспалително и спречува оштетување на крвно-мозочната бариера. Многубројни истражувањата укажуваат на дејството на куркуминот во подобрувањето на меморијата, затоа често се употребува како суплемент при деменција и Алцхајмерова болест. Зачинот куркума додавајте го во кашести сокови, јадења, сосови, чорби…

5. Маџун

Маџунот е гроздов сок кој изобилува со гликоза. За гликозата е значајно тоа што лесно и брзо стигнува до мозокот, го снабдува со енергија и ја подобрува концентрацијата веднаш. Маџунот го препорачувам при долготрајни и обемни периоди на учење, но и во секојдневна употреба, како природен засладувач.

6. Бобинки (боровинки, малини, капини)

Изобилуваат со антоцијани – антиоксиданси, кои се од голема важност за оксидативните процеси во мозокот. Имено, ги врзуваат слободните радикали, со што ги штитат нервните клетки од разни оштетувања, ја подобруваат крвната циркулација така што се обезбедува добра размена на хранливи материи. Генерално, ги подобруваат имунитетот и антиоксидативниот статус во телото, што секако влијае и врз когнитивните способности.

Мозокот, и нервниот систем воопшто, сè уште е неистражен систем во човековото тело. Иако многу од механизмите на дејствување сè уште ни се непознати, досегашните истражувања укажуваат на одредени хранливи материи кои имаат влијание врз нервните клетки.
Правилната исхрана е од големо значење за целиот организам, и многу од процесите можат да се подобрат со нејзино практикување.
Со „нахранет“ мозок и подобрени когнитивни функции, до повеќе знаење и одлични резултати!



912

X