Играта да ја води детето, а родителот да ја насочува само кога ќе види дека безбедноста е загрозена и се движи кон негативна активност

Многу често како родители сме во костец со дилемата што е најдобро за нашето дете и кои методи треба да ги примениме за да го поведеме на вистинскиот пат. И неретко секој родител кога ќе се постави кон своето мало детенце како „родител“ (бидејќи тој е родител и треба да му ги укаже сите добри и лоши работи и последиците од нив) и му кажува како треба, а како не, доаѓа до недоволна конекција помеѓу неговите искази и исказите и другите реакции на неговото дете. А од друга страна, некои родители очекуваат од своите деца да се однесуваат на начин каков што тие преферираат, а многу ретко седнуваат да разговараат за тој начин со своето дете бидејќи нели, денес сите се многу зафатени и едвај наоѓаат време за да бидат со своето дете и семејство.

Но, сепак, квантитетот на времето поминато со детето не е доволен и најбитен показател за тоа колку ние ќе се посветиме и колку ќе го научиме и воспитаме нашето дете на правилен начин на живот. И, за жал, како последица на оваа недоволна и неправилна конекција помеѓу родителите и детето, најчест облик на справување е казната (малку физички, многу повеќе вербални). Казна, бидејќи детето не ги слушало своите родители, иако тие сè му кажале 100 пати!

Како психолог, во работата со родители и деца (предучилишна и училишна возраст) многу често го добивам исказот од загрижен родител: „Јас сè направив, секој ден зборувам дека не треба така, но пак моето дете прави спротивно од она што јас ќе му го речам. Пробавме и со физичка казна, но стана полошо! Ние како родители цело време се трудиме да го воспитаме детето да биде добар човек, но не знам зошто не сме успешни во тоа…“

Начинот на кој треба да се однесуваме кон своето дете често е недефиниран, а не секој родител прифаќа совети за начинот на воспитување на неговото дете. Воспитувањето е битен и тежок дел и за родителот и за детето во првите години од животот. Токму во тој период детето учи од она што го гледа, од односот на родителите, од децата околу него. Таа релација што се гради помеѓу детето и родителите во раните години, и како родителите го разбираат своето дете, е пресудна за создавање подлога за идната возрасна личност.

Ставете се во кожата на детето

Потребно е родителите да создадат стимулирачка и позитивна средина за детето. Подоцна исто таква средина е потребна да се овозможи од страна на воспитниот кадар во градинка и во училиштата. Е сега, се поставува прашањето што е стимулирачка средина за детето за добро да се воспита. Секој родител си гради со своето дете свој начин на однесување, но средината која треба да му се овозможи е начин на кој родителот треба да се приспособи. Потребно е да се создаде конекција меѓу дете и „родител-дете“. Бидејќи – „децата најдобро учат од децата“.

Ајде заедно да се воспитуваме, и децата и родителите, бидејќи децата најдобро учат од децата!!!

За да можеме да го разбереме однесувањето на нашето дете (било да е позитивно било негативно), треба да се ставиме во кожата на нашето дете, да ја поиграме неговата улога, да го направиме и ние неговиот чекор… Така родителите ќе бидат поприфатени од своите деца кога пристапот нема да биде еднострана комуникација (родителот му кажува што треба и што не и зошто е тоа добро, а зошто не и очекува детето тоа да го разбере со една реченица и да прави така), туку пристапот ќе биде онаков каков што детето сака да го слушне, односно да биде слушнато.
Можеби нешто во неговата глава „вреска“ да биде слушнато, но не го искажува бидејќи знае дека може да биде казнето. Ама, како последица на неискажаното, многу често имаме ситуации на фрустрации, револт, бунт, изразена агресија, лутина од ништо итн. Можеби детето не може да прифати некоја реалност и начин на однесување бидејќи во неговото главче не се „варат“ зборовите упатени од неговиот родител. Можеби, пак, слушајќи го мислењето на родителите за одредено негово однесување, не може да го прифати бидејќи реакциите што ги гледа дома или надвор од своите врсници се различни од тоа мислење. Можеби прифаќа сè што ќе му изнакаже родителот како начин на однесување, но не знае да го примени во практика тој начин. Постојат многу причини зошто родителите се неслушнати од своите деца.
Најчести се оние причини кога детето не ги слуша своите родители бидејќи се доживува како неслушнато од нив. Доживувањата и емоциите на децата во одреден период имаат свои специфичности кои родителот треба да ги следи, истражува, да се советува, да побара помош и поддршка. Не дека родителот не знае да си го воспита своето дете, но промените што ги носи возраста не се многу видливи и најчесто се премолчани од децата, а и изразени на поинаков дури и спротивен начин во некои случаи, па родителите неретко го доживуваат своето дете на следниов начин: „Не си го препознавам своето дете!“

Играта – основа за градење на личноста

Љубовта што ја имаме кон нашите деца ни прави бариера да се ставиме во неговата кожа и да ги погледнеме работите со неговите очи. Децата во раните години реагираат инстинктивно и по автоматски научени чекори. Тие чекори најчесто се учат низ игра и остануваат да бидат носечки реакции за понатамошно однесување бидејќи најлесно и најпродуктивно се пренесени на детето. Затоа, во раниот период се гради воспитувањето. А најлесен начин и најдобар начин на воспитување е играта.
Играта е состојба на вклучување на сите субјекти и сите сетила кај детето. Низ играта го учи начинот на однесување, како најдобар показател за тоа како треба да се однесува. Глумците во играта во раниот период му се показател на нормалното и пожелното однесување. Тоа однесување, начини на реагирање, случки и зборови што ќе бидат пренесени преку играта, ќе станат реалност за детето и ќе бидат основа за градење на неговата личност понатаму.

Најприфатливи начини на игра со своето дете се: глумење претстава (претстава во која ќе се пренесуваат само позитивни однесувања или, пак, во неа ќе се укаже јасно на негативноста на некои однесувања; интересни и добро прифатени се претставите со животни), играње замена на улоги (родителот да е дете, а детето родител), коцки и сложувалки (заедничко редење каде што предност ќе му се даде на детето да води и ќе се поттикне неговото изградено дело, но во правењето форми родителот е добро да направи форми на луѓе или улица со возила за да го научи детето како да се однесува на улица, како во училница, на пример со своите соученици и слично), цртање (заедничките цртежи на одредена детска тема, но цртеж кој заеднички ќе го доцртувате, родителот ќе го додава она што го смета за добро за одредената тема итн.), пеење (песни што имаат позитивна содржина, измислените песни се добра метода за воведување бонтон кај детето, важност и самодоверба, песнички кои само ќе ги создаде со помош на родителот), заедничко читање приказни (приказни кои може да бидат и измислени, но содржината да води кон она што сакате да му го укажете на своето дете како родител, добро е да се воведе и глума во читањето со извици и восхит), игри со кукли (театар, куклите на многу девојчиња им се модел на однесување, односно облекување, став итн., често им се идоли од цртан што го гледаат, театар да се направи со нив и низ дијалогот да се внесе она однесување што сакаме да им го укажеме), друштвени игри (игри со топка, ластик, криенка, карти кои поттикнуваат позитивна енергија, учат на тимски дух и толеранција, се развиваат телесни предиспозиции, учат снаоѓање и трпение итн.), заедничко играње едукативни игри и игри за интелигенција на компјутер со своето дете, заедничко пишување домашна, дружба на улица со неговите врсници каде што родителот ќе биде исто така дете итн.

Слушајте, поттикнувајте, не давајте упатства

Играта има широк опсег на активности кои можат да се манипулираат во изведувањето и содржината во зависност од целта што сакаме да им ја пренесеме преку таа игра. Неколку насоки за родителите во врска со играта што треба да ја реализираат со детето и со неа да поттикнат развој кај детето: детето да ја води играта, а родителот да ја насочува само кога ќе види дека безбедноста е загрозена и се движи кон негативна активност, слушајте го – не давајте упатства, поставувајте му прашања со кои ќе го поттикнете да размислува за себе и за своето однесување, играјте повеќе време со детето без разлика колку ви е тоа здодевно, допуштете го да експериментира, пофалете го за неговиот труд и не натпреварувајте се со него.
Особено битно е во раната возраст да се разговара со детето низ игра.

„Многу повеќе се открива за личноста и она што се случува во главата на детето преку еден час игра отколку преку една година разговор“, Платон

Играта е најкорисната преокупација на децата. Преку неа тие се спознаваат себеси, учат за своите постапки и за постапките на другите, се градат како личности и играта им носи многу други придобивки. Една придобивка е најголема и најбитна за општеството: играта е најдобриот начин да се развијат најголемите умови на човештвото!



912

X