Како што е правилото за зајакнувањето на имунитетот – дека детето мора да дојде во допир со вируси и да се извалка во парк, истото важи и за неговата психичка стабилност. Психолошкиот имунитет е способност на детето да се соочи со неуспех, фрустрација и одбивање, да ја обработи непријатната ситуација и од неа да излезе посилно.
Со желба да им го олеснат животот, родителите често паѓаат во замката на прекумерна заштита. Кога родителот го решава секој конфликт во парк или му пишува порака на наставникот за секоја лоша оценка, тој создава „стерилно опкружување“ што го спречува развојот на емоционалната отпорност кај детето.
Како се манифестира неразвиениот психолошки имунитет на училиште?
- Брзо откажување: На првата потешка задача детето се повлекува со изговори како „јас не го знам ова“или „претешко е“.
- Непочитување на правилата: За да избегнат пораз, некои деца мамат во игрите или препишуваат на тестовите бидејќи неуспехот го доживуваат како катастрофа.
- Префрлање на одговорноста: Навикнати родителите да ги спасуваат, овие деца ги обвинуваат другите за сопствените грешки („наставникот ме мрази“ или „другарчето е криво“).
Како да го изградите психолошкиот имунитет кај децата?
- Фалете ги трудот и упорноста, а не талентот: Наместо да му велите дека е „најпаметно“, пофалете го неговиот труд: „Видов колку многу се потруди за оваа домашна работа, браво!“ Ова го учи детето дека упорноста носи успех.
- Овозможете му да почувствува досада и фрустрација: Не нудете му веднаш телефон или нова играчка кога му е досадно или кога ќе изгуби во игра. Оставете го самостојно да го надмине тој момент, тоа е вистински емоционален тренинг.
- Редефинирајте ја грешката: Научете го детето дека грешката е само чекор кон целта. Прашајте го: „Што мислиш дека можеме да научиме од ова за следниот пат?“
- Бидете сојузници, а не адвокати: Кога ќе се појави проблем на училиште, помогнете му на детето да преземе одговорност и да го реши, наместо да го штитите од последиците на неговите постапки.
Детето со развиен психолошки имунитет полесно го поднесува врсничкиот притисок, знае да се справи со критиките и нема потреба преку агресија да ја лекува сопствената несигурност.