Семејниот животен циклус не е линеарен процес, туку серија од преодни периоди кои бараат од членовите на системот да ги реорганизираат своите односи и да прифатат нови одговорности. Секоја фаза што следува е детерминирана од успехот на претходната, ако семејството не успее да ги реши задачите во една фаза, тие тешкотии преминуваат во следната, честопати манифестирајќи се како симптоматско однесување кај некој од членовите. Поделбата на фази ни овозможува да ги препознаеме специфичните емоционални процеси и промените во статусот кои се неопходни за напредок на семејниот систем.
1. Почетно семејство
Со влегувањето во брак или заеднички живот, двајца поединци од различни семејни системи ја формираат примарната дијада и треба да создадат нов, трет систем. Клучниот процес овде е формирање нови граници и правила кои ќе го дефинираат односот на парот кон пријателите и поширокото семејство. Парот мора да помине низ фаза на емоционално приспособување каде што се преговара за секојдневните навики, финансиите и емоционалната поддршка.
2. Семејство со мало дете
Доаѓањето на првото дете предизвикува најголема структурна промена бидејќи дијадата (парот) станува тријада. Главната задача е приспособување на брачниот систем за да се направи простор за децата и преземање на родителските улоги. Оваа фаза бара од партнерите да ги редефинираат своите односи не само како сопружници, туку и како соработници во воспитувањето, што често е извор на развојни кризи.
3. Семејство со предучилишно дете
Во оваа фаза детето интензивно го шири својот социјален круг надвор од примарното семејство преку градинки, игралишта и игротеки. Главна задача на семејниот систем е понатамошно приспособување на правилата за да се поддржи детската љубопитност и иницијатива, но и воведување јасни граници и дисциплина. Родителите мора да балансираат помеѓу заштитата на детето и поттикнувањето на неговата рана самостојност. Оваа фаза бара и усогласување на воспитните стилови меѓу партнерите, како и прво посериозно соочување со надворешните институции.
4. Семејство со дете на школска возраст
Тргнувањето на детето на училиште носи нови барања за семејството. Клучна развојна задача е приспособување на семејниот систем кон барањата на училишниот систем и општеството воопшто. Семејството сега се оценува преку успехот и однесувањето на детето во јавната сфера. Родителите треба да му помогнат на детето да развие работни навики, одговорност и капацитет за справување со неуспех и врснички притисок, додека истовремено го реорганизираат семејното секојдневие околу училишните обврски.
5. Семејство со адолесцент
Адолесценцијата на децата претставува еден од најкомплексните и најдинамични периоди во животот на едно семејство бидејќи бара целосна реорганизација на воспоставените правила. Во овој период семејниот систем мора да стане максимално флексибилен и емоционално пропустлив за да му овозможи на адолесцентот безбедно да се движи помеѓу двете спротивставени сили: силната потреба за семејна припадност и природната, развојна потреба за индивидуална независност и автономија. Ова е фаза на интензивно преговарање на границите, каде што секое прекумерно стегање или, пак, преголемо олабавување на контролата може да доведе до сериозни дисфункции во комуникацијата.
Родителите, од своја страна, се наоѓаат во исклучително специфична и психолошки оптоварена позиција. Тие се соочуваат со тешкиот предизвик радикално да го променат својот модел на авторитет, од некогашниот заштитнички и директивен став кон подемократски и советодавен пристап кој го почитува идентитетот на младиот човек. Додека го менаџираат овој „бурен“ однос со адолесцентот, тие истовремено се наоѓаат на врвот на сопствените кариери, каде што притисоците за успех и економска стабилност се на највисоко ниво. Како дополнителен товар во овој дел од циклусот, овие поединци честопати стануваат примарни негуватели на своите остарени и изнемоштени родители, со што се создава феноменот на двојна грижа, истовремено насочена кон генерацијата што доаѓа и генерацијата што заминува. Оваа повеќеслојна одговорност бара од семејните лидери огромна психолошка сила за да ги балансираат потребите на сите членови, притоа обидувајќи се да го зачуваат сопствениот интегритет и партнерски однос.
6. „Празно гнездо“
Оваа фаза започнува кога децата се осамостојуваат и го напуштаат примарниот дом заради студии, работа или формирање сопствено семејство, што означува процес на постепено растурање на дотогашната семејна структура. Централната задача е прифаќање на заминувањето на децата и редефинирање на брачниот однос како заедница на двајца возрасни луѓе кои веќе не се примарно фокусирани на родителските улоги. За многу семејства, ова е период на соочување со „празнината“ ако претходно бракот се одржувал само преку децата.
7. Постродителско семејство
Оваа фаза го опфаќа периодот кога сите деца веќе го напуштиле домот, но родителите сè уште се работно активни или во рана фаза на пензионирање. Клучна развојна задача е стабилизација на новиот начин на живот, преструктурирање на слободното време и зајакнување на партнерската блискост. Во овој период партнерите честопати ја доживуваат улогата на баба и дедо, што бара емоционално приспособување и воспоставување нови граници во односите со семејствата на нивните деца, без прекумерно мешање во нивната автономија.
8. Остарено семејство
Последната фаза од циклусот е примарно насочена кон прифаќање на промените во генерациските улоги и соочување со неизбежното физичко опаѓање. Клучните психолошки и емоционални процеси вклучуваат адаптација на животот по пензионирањето, одржување на функционалноста и личните интереси, како и справување со загубата на сопружникот, пријателите или врсниците. Интеграцијата на дотогашните животни искуства и подготовката за сопственото заминување се завршните развојни задачи во овој период.
Автор: Даниела Димитриевска, дипл. педагог