Прашај психолог храна

Не сака ништо да јаде и не сака да ја џвака храната, само млеко пие… Што да направиме?

ПРАШАЊЕ: Детето има две години и два месеци и проблемот е што ништо не сака да јаде. Оди во градинка и воспитувачките ни кажуваат дека јаде ама, не ја џвака храната, само ја голта. До пред една година сѐ јадеше, но потоа изгуби интерес за храна. Дома само да пие млеко. Нова храна не сака ни да проба и не сака да џвака. Што да направиме?

ОДГОВОР: Ја разбирам вашата загриженост. Она што го опишавте укажува дека овој образец се одржува малку подолго време. Би било добро да подразмислите дали се случила некоја поголема промена во животот на вашето дете во периодот кога почнало одбивањето на храната. За малите деца, големите промени се стресни и тие не можат да го кажат тоа со зборови, но го изразуваат преку однесувањето. А потоа ние, родителите, за да не го оставиме детето гладно, се сложуваме и на некој начин го поддржуваме ваквото однесување поради чувството на страв, па даваме и нудиме само храна која детето ја прифаќа. Но ова е само круг кој постојано се врти и нема некое решение и излез бидејќи стравот го води родителот и ништо не се менува, а деновите поминуваат.

Од друга страна, околу втората година детето природно влегува во фаза на градење на својата автономија. Тоа значи дека преку „не сакам“, „не јадам“ и други негови избори се обидува да има контрола и еден вид самостојност. Така што, со одбивањето и одбирањето одредена храна почнува да ја изразува оваа своја потреба.

Велите дека пие само млеко, но млекото на децата им е познато, лесно и доста смирувачко, а и не бара некој поголем напор, за разлика од цврстата храна и џвакањето, кои бараат ангажман и толеранција на нови сензации.

Но, во градинка јаде, а не џвака, тоа покажува дека детето јаде, но начинот на кој го прави тоа изгледа како еден вид адаптација на средината, а не навикнат процес на јадење. Бидејќи само голта, веројатно јаде од навика проследена со напнатост, и во градинка и нема баш време за да се посвети на храната, па само се внесува со избегнување на каква било сензација. 

Но затоа сте тука вие, родителите, да му помогнете.

Прво, не плашете се дека детето ќе биде гладно! Почнете да му нудите храна без убедување и притисок, да има мирна и доста предвидлива атмосфера дома. Нудете храна релаксирано, без инсистирање, ако инсистирате и вршите притисок, уште повеќе ќе одбива. Дозволете да ја допира и истражува храната без да очекувате дека ќе јаде. Заедно подготвувајте ги оброците, да додава, меша, бидете разиграни и насмеани. Направете го процесот пријатен. Бидејќи млекото e заситувачко, постепено намалувајте го за да се појави природно чувство на глад.

Колку помалку притисок има околу храната, толку поголема е веројатноста детето постепено да почне да прифаќа.

Потрудете се да имате структура во денот, кога легнува, станува, кога оди надвор, кога јаде и постојано држете се на таа дневна структура. Од друга страна, нека одбира помеѓу две работи, за облекување, за играње итн.

Доколку состојбата продолжи, особено ако детето и понатаму не џвака или значително ја ограничува исхраната, би било добро да се консултирате со педијатар и логопед.

Во најголем дел од случаите ова е развојна фаза која поминува. Со смирен пристап и чувство на сигурност, односот на детето кон храната постепено ќе се менува.

Доколку имате потреба од разговор и дополнителна помош, потребно е да закажете советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Билјана (Манасова) Јовановиќ, https://www.facebook.com/PsihoterapevtManasova

To top