ПРАШАЊЕ: Имам проблем со однесувањето и поврзаноста на мојата 2-годишна ќерка. Од раѓање досега сум ја чувала само јас и сами сме речиси по цел ден, па донекаде ми е јасно дека затоа е толку поврзана со мене, меѓутоа, ова она го прави е премногу. Цело време е до мене и со никој друг не сака да седи ако јас не сум присутна, вклучувајќи го и татко ѝ, со него седи вкупно 3 минути. Ако влезам во друга соба или одам до тоалет, одма плаче по мене. Моментално и со однесувањето не знам како да се справам. Не знам дали е период или едноставно е таква. Ако нешто сака, а сме во продавница и ако ѝ речеме дека не ни треба, без противење го враќа на место. Но доколку сме дома и ѝ кажеме да не прави нешто, го прави за инает, нема да послуша или ќе почне да плаче. Кога одиме да шетаме, цело време бара да ја носам в раце, а кога треба да си одиме од лулашки, на пример, вреска на цел глас и во тие моменти нема никакво разбирање.
ОДГОВОР: Ова е развоен период во кој се развива приврзаноста мајка-дете. Емоционалната врска што детето ја има со родителите, најчесто мајката, се нарекува приврзаност, а се манифестира со барање и одржување интимност, особено во стресни ситуации. На приврзаноста на детето многу влијае чувствителноста на родителот кон потребите на детето, но врз приврзаноста влијае и сопствениот темперамент на детето. Постојаното плачење во непријатни ситуации е показател на емоционална нерегулираност, а понекогаш и преплавеност од чувства кои нервниот мозок на дете во оваа возраст не може да ги обработи.
За да се намалат зависните сили на приврзаност, потребно е постепено и адаптибилно да ја тренирате сепарацијата, која засега е најголема причина за страв кај детето. Детето досега научило дека единствен сигурен објект е мајката. Таквата сепарација тренирајте ја постепено, најпрвин во кратки интервали во присуство на друг сигурен објект како таткото. При разделбата и по враќањето покажете сигурност и топлина. Играјте игри на улоги во кои таа е мајка и вие сте дете кое се сепарира од неа. Истата игра префрлете ја со кадифените играчки или животинчиња што ги имате дома. Охрабрете го секое одвојување како позитивно, со насмевка.
Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Психит“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com