Во училишната практика често се случува наставниците и стручните служби да се соочат со ситуација во која ученикот покажува однесување во училиштето што значително се разликува од сликата која родителите ја имаат за своето дете. За родителот, неговото дете е мирно, воспитано и послушно. Но, во училишната средина понекогаш се појавуваат конфликти со врсници, непочитување на правилата или несоодветни реакции.
Кога ќе се појави проблем, речиси секогаш следува разговор со родителите. Тогаш често излегува на виделина уште една појава – детето дома раскажало сосема поинаква приказна. Во таа приказна најчесто детето е претставено како жртва, додека вината се префрла на други ученици или на наставникот.
Разбирливо е што родителите имаат силна потреба да го заштитат своето дете. Родителската љубов природно носи доверба и поддршка. Но проблемот започнува тогаш кога таа доверба станува слепа – кога родителот безрезервно ја прифаќа секоја верзија на приказната што ја слуша од своето дете, без да ја разгледа и другата страна.
Во вакви ситуации родителите понекогаш ги бранат своите деца без оглед на фактите и информациите со кои располага училиштето. Наместо заедничко барање решение, се создава конфликт меѓу родителот и институцијата. На тој начин несвесно се испраќа порака до детето дека секогаш ќе биде оправдано, дури и кога направило грешка.
А вистината е дека децата, особено на помала возраст, понекогаш знаат да ја искриват приказната. Не секогаш од лоша намера, туку од страв од казна, срам или желба да избегнат последици. Токму затоа е важно возрасните – и родителите и училиштето – заедно да му помогнат на детето да научи нешто многу поважно од тоа „кој е во право“.
Да научи што значи искреност. Да научи што значи одговорност.
И да разбере дека грешките се дел од растењето, но и дека за нив треба да се преземе одговорност.
Вистинската љубов кон детето не значи секогаш да го браниме, туку да му помогнеме да ја види вистината, дури и кога таа не е пријатна.
Затоа што детето кое никогаш не се соочува со сопствените грешки, утре може да стане возрасен кој никогаш не презема одговорност.
А најголемата услуга што родителот може да му ја направи на своето дете не е секогаш да го оправда, туку да го научи да биде искрено.
Автор: Стефанија Георгиев, лиценциран психолог