Конфликтите меѓу децата се многу чести. Социјалното опкружување, како и карактерните особини на секој ученик, доведуваат до најразлични конфликтни ситуации. Неуспешното решавање на нивните меѓусебни судири претставува закана за непречено одвивање на наставниот процес. Од друга страна, успешното решавање на проблемите може да послужи како директна поука која е важна за самиот процес на учење.
Способноста на наставникот да реши конфликтна ситуација е многу битна за да се обезбеди здрава клима во одделението. Најважно е проблемот да се воочи навреме. Наставникот би требало да ги сослуша двајцата ученици и претходно да им објасни дека секој има право на свој став, како и да им укаже на фактот дека секој поединец има сопствено видување за одреден настан. Интервенцијата на наставникот не е секогаш неопходна бидејќи способноста на учениците самите да го решат проблемот расте заедно со развивањето на нивните вербални способности. Важно е да се охрабрат самите да предложат начини кои би им помогнале да ги избегнат кавгите и физичките пресметки.
Неопходно е да се поттикнуваат учениците да разговараат за проблемот, да настапат мирољубиво, да не се напаѓаат меѓу себе без причина, да научат како да ги почитуваат чувствата на другите и да преземат одговорност за своите постапки. Во одделенијата каде што наставникот често зборува за значењето на меѓусебната соработка, поретко доаѓа до судири. Најдобар момент за отворање на оваа тема е на првиот час на одделенската заедница. Различни активности, игри, приказни и примери од секојдневниот живот кои наставникот прво ќе ги раскаже, а потоа ќе ги повика и учениците да споделат свои искуства, веројатно нема целосно да ги спречат потенцијалните судири, но сигурно ќе ги ублажат и ќе придонесат да ги има што помалку.
Треба да им се објасни на учениците што се тоа „Јас-пораки“ и да се поттикнуваат што почесто да ги користат. Ако наставникот ги охрабрува своите ученици да зборуваат за себе, а не само да ги критикуваат другите, веројатно ќе има и повеќе меѓусебно разбирање.
Колку подобро ги познава своите ученици, нивниот темперамент и социјалното опкружување од каде што доаѓаат, толку полесно ќе му биде на наставникот да им помогне да ја решат конфликтната ситуација на подобар и побезболен начин. Многу е важно наставникот да биде непристрасен и да не зазема страна, туку трпеливо и внимателно да ги сослуша учениците. Она што наставникот треба да го избегнува е наметнувањето свои решенија.
Учениците од помала возраст главно очекуваат од постарите да го решат проблемот. Многу конфликти не се претерано сложени и децата можат сами да ги решат, иако е потребно наставникот да ја надгледува ситуацијата и да ја држи под контрола. Дали е потребно да се интервенира или не, ќе одлучи наставникот, но дури откако ќе ги утврди причините што довеле до судирот. Многу е важно да се знае дали учениците инаку се во добри односи. Доколку е така, голема е веројатноста дека многу брзо самите ќе пронајдат начин да стигнат до решение.
За секој конфликт се потребни две страни, исто како и за негово решавање. За да се прекине каков било судир, потребно е да се разговара за заедничкиот проблем без меѓусебно навредување. Двете страни во конфликтот би требало заеднички да го „нападнат“ проблемот, а не да се напаѓаат меѓусебно.
За жал, честите конфликти станаа неизбежен дел од нашето секојдневие. Понекогаш е многу тешко да се реши конфликтна ситуација, но вреди да се вложи труд. Успешното решавање на проблемите е голем предизвик и за наставниците и за учениците и претставува вештина која треба да се развива и постојано да се усовршува.
Автор: Марина Раичевиќ