Родителските совети секогаш ни се важни, без оглед дали сакаме да го признаеме тоа или не. Но, постои разлика во начинот на кој се соопштуваат. И самите знаеме дека не прифаќаме лесно совет што ни изгледа како „солење памет“ или како нешто сосема непримерно. А родителските совети се посебна категорија и зависат и од животната фаза во која се наоѓаме.
Во тинејџерските години советите од родителите не ни се омилени, но подоцна, кога ќе пораснеме, сепак ги прифаќаме со поголема подготвеност. Но ако подоцна, кога децата ќе станат возрасни, повеќе не ги прифаќаат нашите совети, па дури и воопшто не ги бараат, причината најчесто не е непочитување. Причината е тоа што знаат каков совет ќе добијат.
Еве кои се вистинските причини:
Советот го третирате како информација, а детето сака поврзаност
Замислете дека станува збор за ресторан. Луѓето не се враќаат само поради храната, туку поради целокупниот впечаток и како се чувствуваат во ресторанот. Истото важи и за советите. Можеби имате одлични идеи и совети, но ако ги искажете на начин што изгледа како осуда, притисок или нешто слично, детето нема да ги сака. Не затоа што советот е лош, туку затоа што не го сакаат „целиот пакет“.
Мешате помагање со контрола
Многу родители мислат дека даваат поддршка, а всушност само сакаат да управуваат со животот на детето. Тоа е навика и го правите истото што сте го правеле години претходно, штитите. Но тоа може да се протолкува како недостиг на доверба. Советот не треба да звучи вака: „Треба да го направиш тоа“, „Ова е погрешно“, „Не ми се допаѓа тој план.“
Сето ова му кажува на детето дека не му верувате. А ако некој не ви верува, нема да го сакате неговиот совет.
Веднаш сакате да решите сè затоа што не ја поднесувате непријатноста на детето
Ова можеби ви изгледа правилно, но всушност не е доказ за љубов и во тоа нема љубов. Детето споделува нешто болно, вам не ви се допаѓа што детето страда и имате потреба веднаш да го решите проблемот. Понекогаш тоа го правите за да му помогнете на детето, а понекогаш за да се смирите себеси. Тоа е исцрпувачки.

Давате совет што никој не го побарал
Суровата вистина е следнава – многу возрасни деца престануваат да прашуваат затоа што однапред знаат дека ќе добијат совет уште пред да го побараат. Велат дека се уморни, а потоа слушаат дека мораат поквалитетно да се хранат. Велат дека ги мачи финансиската состојба, а добиваат лекција за планирање на буџетот.
Зборувате повеќе отколку што прашувате
Сите ние бараме совети од луѓе кои изгледаат навистина заинтересирани. Ако разговорите се сведуваат на објаснување, предупредување, поучување или раскажување приказни, децата ќе почнат да се чувствуваат како да се на училиште. А тие сакаат да бидат разбрани.