однесување Прашај психолог

Kога бара нешто, веднаш почнува да плаче, дури и легнува на земја… Како да го променам таквото однесување?

ПРАШАЊЕ: Би сакала да знам каде грешам и дали сум на вистински пат. Моето дете има 2 години и сметам дека е добар во однос на зборување, разбирање, посочување… Но многу често, уште од 1,5 година, кога бара нешто знае одма да почне да плаче. Одреден период знаеше одма да нѐ удира и мене и сопругот кога се обидувавме да го смириме и да му објасниме нешто. Кога сака нешто, веднаш плаче, сум се обидела и да не му го дадам тоа што го бара, сум пробала и да му објаснам, сум пробала и да го оставам да плаче, меѓутоа, не гледам дека има подобрување. Знае да легне на земја и да плаче сѐ додека еден од нас не му го скрене вниманието. Прашањето ми е дали е во ред ова однесување, каде и како можам да променам нешто. Бидејќи знае и кога шетаме да ги има овие тантруми. Ова се случува веднаш што ќе помисли на нешто, дури и да сака цуцла, одма почнува да плаче, што се вика уште не сум успеала да му ја дадам.

ОДГОВОР: Тантрумите во овој период од возраста на децата се карактеристични и зачестени. Тантрумите се јавуваат кај децата при лутина или бес за неисполнета желба од страна на возрасните и забележливо е дека колку повеќе внимание им се придава на ваквите ситуации, толку повеќе се засилуваат. Причина за ваквите емоционални реакции кај детето може да бидат: неможност детето вербално да го изрази своето незадоволство; начин за привлекување внимание; причина од физиолошка природа како измореност, глад, оздравување од болест; ако во моментот е оттргнато од играта во која ужива заради некоја друга активност; преголема заштитеност на детето од страна на родителите и неизграден однос кон неговите постапки, било позитивни или негативни; различен стил на воспитување кај родителите; однос на возрасните, т.е. научено е да добива сѐ што сака и сѐ да му е дозволено (не знае за „не”).

Она што, исто така, е карактеристично за тантрумите е дека тие се неволни и се резултат на тешко справување на детето со сопствените емоции. Во таква состојба детето не реагира на зборовите на родителите и обидите да го смират. Тантрумите би биле ретки кога причините кои ги наведов претходно се сведени на минимум, кога детето има воспоставено дневна и вечерна рутина и кога секоја ситуација во која настапил тантрум подоцна ја користиме како пример од кој треба да научиме нешто.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Психит“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

To top