Доењето не е само физички чин на хранење, туку претставува и емоционална врска помеѓу мајката и детето. Многу мајки се прашуваат што смеат, а што не смеат да јадат додека дојат. Исхраната во овој период не само што влијае врз здравјето на мајката, туку и врз удобноста, варењето и развојот на нејзиното бебе.
Иако повеќето намирници не треба строго да се избегнуваат, некои би можеле да предизвикаат непријатност кај бебето, да му го нарушат сонот или дури и да влијаат врз количината на млеко. Одредени видови храна и пијалаци, според советите на одредени експерти, треба да се консумираат со голема претпазливост или, уште подобро, целосно да се избегнуваат во овој период.
Кофеинот може да влијае врз расположението и сонот на вашето бебе
Ако не можете да го започнете денот без шолја кафе, ова може да биде проблем за вас. Кофеинот се пренесува во мајчиното млеко и може да влијае врз бебето. Консумирањето до 300 милиграми кофеин дневно за време на доењето се смета за безбедно за мајките и доенчињата. Прекумерниот внес може да предизвика тешкотии со спиењето, немир, анксиозност, вртоглавица и забрзано чукање на срцето кај мајките.
Кофеинот не се наоѓа само во кафето, туку го има и во црниот и зелениот чај, чоколадото, енергетските пијалаци и некои газирани сокови. Ако чувствувате потреба за дополнителна енергија, обидете се да преминете на бескофеински варијанти.
Алкохолот може да влијае врз моторичкиот развој на бебето
Иако чаша вино понекогаш може да изгледа како начин за опуштање, алкохолот преминува во мајчиното млеко и може да има негативни ефекти врз бебето. Клиниката „Мајо“ предупредува дека одредени студии покажуваат оти бебињата кои се изложени на алкохол преку мајчиното млеко може да имаат тешкотии во моторичкиот развој и промени во навиките за спиење.
Доколку планирате да испиете еден пијалак, експертите препорачуваат да почекате два до три часа пред повторно да доите. Алтернативата се безалкохолни вина и коктели.
Рибите со висока содржина на жива претставуваат ризик
Рибата е одлична за развојот на мозокот на бебето бидејќи содржи омега-3 масни киселини и протеини, но некои видови риба содржат високо ниво на жива. Изложеноста на жива може да влијае врз развојот на мозокот и нервниот систем на детето за време на бременоста и по раѓањето, наведуваат Центрите за контрола и превенција на болести.
Избегнувајте риби како што се сабјарка, ајкула, скуша… Наместо тоа, изберете лосос, сардини, ракчиња, кои се вкусни, безбедни и разновидни.
Зачинетата храна може да предизвика надуеност
Многу мајки уживаат во зачинета храна, но понекогаш силните јадења можат да предизвикаат непријатност кај бебето, како што се надуеност и плачење. Ако забележите дека вашето дете станува раздразливо по зачинет оброк, обидете се да ги намалите зачините некое време и следете ја реакцијата.
Преработената и брзата храна не е добра ниту за мајките ниту за бебињата
Чипсот, колачињата и брзата храна може да бидат примамливи кога сте исцрпени, но овие намирници често содржат премногу шеќер, заситени масти и адитиви. Редовната консумација може да доведе до недостиг на хранливи материи и да го намали квалитетот на мајчиното млеко.
Повремено ваков оброк не е проблем, но дефинитивно се препорачува да изберете поздрави закуски како што се одредени јаткасти плодови, свежо овошје, јогурт и интегрални намирници кои ви даваат енергија без штетни последици.
Некои млечни производи може да предизвикаат непријатност
Некои деца може да реагираат на протеините од кравјото млеко кои се пренесуваат во мајчиното млеко. Доколку забележите исип, грчеви, дијареја или крвава столица, контактирајте го вашиот педијатар. Привременото елиминирање на млечните производи може да помогне во дијагностицирање на потенцијална нетолеранција.

Премногу лук може да го промени вкусот на млекото
Лукот е здрав и корисен, но прекумерната консумација може да го промени вкусот на млекото, што некои доенчиња може да го отфрлат. Нема потреба целосно да го прекинувате, но ако забележите дека вашето бебе одбива града по оброк богат со лук, обидете се да го намалите.
Газираните и засладените пијалаци носат празни калории
Слатките и газираните пијалаци содржат големи количини шеќер и не даваат никаква хранлива вредност. Тие, исто така, можат да предизвикаат надуеност и непријатност. Многу подобар избор се водата, билните чаеви и природни сокови без адитиви.
Дополнително: Некои јаткасти плодови можат да предизвикаат алергиска реакција
Иако јаткастите плодови се богат извор на здрави масти и протеини и се препорачуваат за консумирање, во ретки случаи тие можат да предизвикаат алергиски реакции кај бебињата. Доколку имате семејна историја на алергии, разговарајте со вашиот педијатар за консумирање на овие намирници и можното влијание врз здравјето на вашето бебе.