Секое излегување надвор е возбудливо искуство за детето, но и за родителите. Малите едвај чекаат да ја истражат околината, да се спуштат по тобоганот или да го зграпчат песокот и да гледаат како им бега од рацете. Оваа желба е толку силна, што во првата пригода децата ви се лизгаат од прегратките и одат на сонце да се забавуваат.
Родителите знаат дека заштитата од сонце е важна за секоја активност на отворено. Треба да се запомни дека сонцето влијае врз кожата не само кога е сончево, туку и преку облаците, дури и кога врне. УВ-зраците, особено УВА, исто така допираат до нас во затворени простории преку прозорските стакла.
Детската кожа е почувствителна
Многу студии покажале дека луѓето грешат кога користат крем за сончање со тоа што не ја нанесуваат рамномерно или во вистинско време. Правилната и редовна примена на кремот за сончање е од суштинско значење за заштита на кожата од штетните УВ-зраци. УВА-зраците влијаат врз кожата така што таа старее, а УВБ предизвикуваат изгореници (горење).
Заштитата на децата од сонце е исклучително важна поради неколку причини. Детската кожа е 20 проценти потенка, почувствителна и склона кон атопија отколку возрасната кожа. Покрај тоа, можете да им помогнете на децата да научат да нанесуваат крем за сончање и да развијат навика која ќе ги штити до крајот на нивниот живот.
Поради оваа причина, децата се посклони кон изгореници од сонце, што не само што е болно, туку може да го зголеми ризикот од развој на проблеми со кожата подоцна во животот. Прекумерното изложување на сонце во детството без заштита може да го зголеми ризикот од развој на меланом и други форми на рак на кожата во зрелоста, бидејќи кумулативните ефекти на УВ-зрачењето во текот на животот значително придонесуваат за овој ризик.
Кога да се заштитат децата?
Ако сте родител, знајте дека со тоа што ќе ги научите вашите деца за важноста на заштитата од сонце ќе им помогнете да развијат здрави навики кои ќе ги паметат цел живот. Така, веќе во детството ќе се намали ризикот од штетни последици од изложувањето на сонце.
Лесна и мека кожа како детската е чувствителна на штетни зраци штом УВ-индексот ја надмине бројката 3. Освен изгореници, изложувањето на сонце може да предизвика и други проблеми со кожата, како што е алергија на сонце (имунолошка реакција на УВ-зраците што предизвикува црвенило, чешање и исип) или предвремено стареење на кожата. Со цел да се заштитат децата од штетните ефекти на сонцето, се препорачува да се користи крем за сончање со висок заштитен фактор, да се носи заштитна облека, капи и очила за сонце и да се избегнува изложување на сонце во најинтензивните часови, обично помеѓу 10 и 4 часот.
Правилна употреба на заштитните кремови
Првиот чекор при изборот на соодветна заштита е да се обрне внимание на заштитниот фактор. Но, пред да го земете шишето на кое пишува 50+, застанете малку и проучете ги овие упатства.
Една од главните карактеристики на кремовите за сончање е тоа што на пакувањето секогаш има бројки. Поголем број не секогаш значи дека кремот е подобар бидејќи начинот на кој го користите има многу поголемо влијание. Кога станува збор за детската кожа, изберете крем за сончање со заштитен фактор 30 или повисок, која е водоотпорен и обезбедува заштита со широк спектар (УВА и УВБ-зраци).
Факторите се означени со бројки од 2 до 100, каде што 2 значи дека производот штити од 50 проценти УВ-зраци, 30 против 97 проценти, а факторот 50 и 100 штитат од 98 и 99 проценти од УВ-зраците.
Заштитата не треба да се занемарува додека децата се во вода или ако се потат додека си играат во парк. Производите за заштита мора повторно да се нанесуваат на секои два часа или по пливање.
Дополнително, важно е да се примени заштитата на време, што е втор чекор од правилна примена. Многу луѓе чекаат да стигнат до плажа и потоа го нанесуваат првиот заштитен слој. Во исто време, тие забораваат дека се потребни приближно 15 минути за кожата да го впие кремот и тој да почне да заштитува. Ако почекате да излезете на сонце за да му нанесете крем на вашето дете, кожата е незаштитена и може многу брзо да изгори.
Колку крем е доволно?
Другите чекори во правилната примена на заштитата се поврзани со количината на кремот, па дури и со нанесувањето. Не е лесно да се одреди колку крем е доволна, но општо правило е дека на повеќето возрасни лица им требаат приближно 30 милилитри за своето тело, што е доволно за да наполнат мала чаша.
За деца, нанесете капка со големина на бисер на секој дел од телото и добро втријте.
Понекогаш забораваме на некои делови од телото затоа што не ги гледаме, но секогаш треба да ја заштитиме целата кожа што не е покриена со облека. Не заборавајте на вратот, лицето, ушите, горниот дел од стапалата и нозете. Децата со ретка коса треба да нанесат крем за сончање на скалпот или да се заштитат со капа.
Не заборавајте, кожата на вашето дете е изложена на штетни УВ-зраци секогаш кога ќе излезе надвор, дури и во облачни денови. Без разлика дали сте на одмор или шетате низ соседството, заштитете ги вашите малечки со крем за сончање.
Доколку се сомневате дека вие или вашето дете имате последици од изложувањето на сонце, најдобро е да се консултирате со дерматолог.
912