Воспитување

Дали се откажавме од себеси?

За жал, училиштето стана место каде што креативноста само понекогаш наминува, но не живее таму. Затоа сме ние тука. Родителите, старателите, дедовците и бабите, тетките, соседите и пријателите. За најпрво да го разбудиме духот во себе

Креативност. Во живеењето, однесувањето, решавањето проблеми… Што е за вас креативноста? За мене, таа пред сè е слобода за креација на сопственото време. На начин на кој нам ни одговара и кој ни ја ослободува душата. На начин со чија помош растеме и се спојуваме со својот Извор, независно како го нарекуваме.
Често во разговорите со возрасни луѓе го слушам она: „Немам време за креативност“. Тоа толку натажува. Да не се најде својот канал за да се изрази исконското во себе. Да не се најде начин да се изрази автентичноста, да се пронајдат своите бои, ноти, стихови… што било. Дали се сеќавате на својот почеток? Дали се сеќавате на оние моменти кога сте се здрвиле од убавината на необјасниво возвишеното чувство од кое сте се чувствувале толку „дома“, толку целосни?
Сигурно неконтролирано ја мрдате ногата на некаква песна, ви потекуваат солзи на некој филм… се наежувате читајќи некои редови во кои како некој да го спакувал вашиот живот. Мислите се креативни, оној дух во нас никогаш не мирува. Постојано е гладен за слободата што самите упорно ја оградуваме со световните рамки.

Време за креативност!

Набљудувајќи ги децата секој ден во училиштето, често ме воодушевуваат со начинот на кој го исполнуваат своето време. Но исто така се ужасувам кога гледам колку им недостигаат инвентивност и храброст. Да ги обвиниме? Апсолутно немаме право на тоа. Знаете за оние ситуации кога мајката упорно ја опоменува својата ќерка дека треба да излезе надвор и да си игра со врсниците наместо времето да го поминува гледајќи видеа на „Јутјуб“. Таа иста мајка не го трга својот мобилен од рацете, поминувајќи часови на социјалните мрежи. Децата учат визуелно, кинестетички, аудитивно. Учат на сите достапни начини, несвесни дека учат постојано и секогаш. Се сеќавам дека пријателките малку ме исмејуваа кога ќе кажев колку време ѝ посветувам на креативноста. Си го подарувам сама на себе. Не исклучувајќи ги оние што ги сакам.

Кога пишувам, не ми пречи детето, кое покрај мене пишува, црта, танцува или работи некој свој проект. Создадовме време за такви работи. Кога ги боиме старите тегли за цвеќиња, кога правиме фаќачи на соништа, садиме зачински растенија на балконот… кога правиме домашни колачи, рачно нацртани честитки, цртаме на ѕидот во собата, ја лепиме скршената вазна, растеме заедно. Зошто би морало да постои време за домашни задачи, а време за креативност не?

Сите знаеме колку ни е природно децата да ги учиме да се поздравуваат, да ги соберат садовите по ручекот, да ги измијат рацете, да се пресоблечат, да бидат пристојни кон секого… да ги врзат врвците, да ги избришат носињата, да се исчешлаат. А да бидат креативни? Вежбањето соживот со есенцијата на своето битие од мали нозе е наследство кое им го подарувате засекогаш. Увереноста дека имаат право да бидат храбри во своето себеизразување.

Слики од лисја, поправач на светот, робот од тапи…

Запознав девојче по име Ана кое собира лисја наесен и од нив прави прекрасни слики, а има само 8 години. Момчето Марко снима видеа за тоа како може да се поправи светот, Ива разговара со стебла на, како што ми кажа, „стебловски јазик“… Хрвое се обидува да направи робот од тапи од пластични шишиња (мајка му собира шишиња заради враќање на амбалажата, а тој ги користи тапите)…

Системот е таков каков што е. За жал, училиштето стана место каде што креативноста само понекогаш наминува, но не живее таму. Затоа сме ние тука. Родителите, старателите, дедовците и бабите, тетките, соседите и пријателите. За најпрво да го разбудиме духот во себе, оној истиот со кој стигнавме на оваа планета. Она живо и неописиво во нас што нè прави нијанса повеќе во убавиот спектар на соѕвездијата. Ветете си го тоа време. Пронајдете си го. Заедно барајте го, отворете се. Креативноста не исчезнала, само сме ја ставиле на втор, трет… деведесетти план… А не ѝ е таму местото. Креативноста сме ние.

Автор: Наташа Јукиќ

 

Поврзани написи

To top