Кога имав 20 години, мислев дека знам каква мајка сакам да бидам. Сметав дека мајчинството започнува кога ќе се вљубиш во своето дете и потоа како со магија наеднаш ќе знаеш што треба да правиш и сѐ ќе си дојде на свое место. Смешно, зарем не?
Не бев подготвена за тоа дека мајчинството ќе ме научи повеќе за мене, а особено не дека сопругот ќе ме научи што значи да се биде мајка. Еве на кои работи ми укажа тој:

1. Во ред е да се побара помош

Прва признавам дека сум тврдоглава личност. Многу тврдоглава. Поради некаква причина, сметав дека ако сакам да сум добра мајка, треба сѐ сама да правам. Да се грижам за куќата, сопругот, децата и некаде помеѓу да ја „спакувам“ и сопствената кариера. Дали тоа е изводливо? Никако. Нема шанса.

Не само што не можев сѐ совршено да вклопам, туку и ги занемарував важните работи (квалитетно време поминато со семејството и време за себе) и многу брзо се чувствував истрошено.
Всушност, јас воопшто не морав сето тоа да го правам сама. Мојот сопруг секогаш беше тука, секогаш сакаше да помогне и правеше работи што ми беа од помош. Јас сама си наметнав преголеми очекувања мислејќи дека сѐ ќе можам сама.
Првиот пат кога паднав во очај сопругот ме натера да почнам да прифаќам помош. И малку по малку примав помош од другите, не само од него. Убаво е чувството да знаеш дека постои некој што ќе ти помогне.

2. Не мора сѐ да биде совршено

Пред да ги добијам децата бев перфекционист. Во стил: „Ако нешто нема да биде совршено, зошто воопшто треба да се прави“. Луксуз за кој може да размислува само некој што нема мали човечки суштества околу себе кои бараат внимание.
Мојот перфекционизам не се однесуваше само на тоа како изгледа домот или дали креветите се наместени, туку и како се испланирани годишните одмори и, воопшто, целиот мој живот. Имав совршени сценарија во главата и ако не течеше сè според мојот план во реалноста, станував вознемирена и гневна.

Сопругот ме научи дека и тогаш кога не оди сѐ според планот, се создаваат убави спомени. И тоа е вистина! Сетете се само на некое убаво доживување, дали тоа се случи според план или не?
Научив како да ја проширам својата визија за она што е совршено и да го прифатам она што се случува секој ден.

3. Ценете ги малите работи

Бидејќи сметав дека сѐ морам сама да правам и се стремев кон совршенство, не обрнував внимание на малите детски работи што го разубавуваат секој ден.
Лесно е да се биде преплавен со обврски и да се гледа само на пошироката слика. Купишта облека, расфрлани играчки, чевли на сите страни. Тоа навистина е секојдневие кога имате деца, но исто така тука постојат и други работи што се многу важни.
Кога детето ќе ве погледне в очи и кога ќе ви раскажува, застанете и слушајте го. Кога ќе ве прегрне со рачињата и ќе ви рече „те сакам“, уживајте во тоа чувство. Кога со многу возбуда ќе ви го покаже цртежот што го нацртало, покажете возбудување заедно со него. Тие мали работи го прават денот прекрасен.

4. Времето за себе е исто толку важно како и времето поминато со семејството

Мојот сопруг, како интровертна личност, отсекогаш го ценел времето одвоено за себе, да ги наполни батериите. Отсекогаш знаел дека има потреба од моменти да се релаксира и да се ресетира за обврските што следуваат. Јас тоа сѐ уште не сум го совладала.
Секогаш сметав дека е себично да се одвојува време за себе и дека јас како мајка целото време треба да им го посветам на децата. Проблемот е во тоа што кога постојано давате и давате, на крајот ништо не ви останува за давање.
Сопругот ме научи дека не само што ми треба време за себе туку и дека тоа е неопходно.

5. Посилна сум отколку што мислам

Мојата најголема поддршка и потпора е мојот сопруг. Сме поминале низ многу стресни и емотивни ситуации, и тогаш кога ќе помислев дека не можам да издржам повеќе, тој беше тука да ме поддржи и да ми покаже дека сѐ уште има сила во мене.
Постојано ме потсетува колку е прекрасно да се биде мајка и колку сум силна, сила за која не знаев дека постои во мене додека не станав мајка.

Тоа не се однесува само на физичката сила (иако таа е потребна секојдневно додека растат децата), туку и на емотивната и менталната сила.
Мајчинството е турбулентно, емотивно, исцрпувачко, ти дава сила, моќно е и те надградува повеќе отколку што можеш да замислиш. И сето тоа во еден ден. Мора да бидете силни да го поднесете тоа, а мојот сопруг ме потсетува на тоа секој ден.

Никогаш не помислував дека сопругот ќе може да ме научи нешто за мајчинството, но драго ми е што навистина го прави тоа бидејќи ова се важни лекции што ме прават подобра мајка.



912

X