Воспитување

13 важни работи што треба да ги правите за вашето дете

1. Ограничувања
Не е некоја филозофија, нели? Но… Тешко е да се постават граници и да се почитуваат. Особено е тешко кога децата се истргнуваат, врескаат и велат: „Те мразам“. Треба да запомните дека кога детето се однесува така, тоа само се соочува со своите проблеми на единствениот начин што го познава. Во зависност од поставената граница, прифаќањето од страна на детето може да потрае. Кога детето ќе намали со врескањето и оттргнувањето, тоа значи дека веќе почнало да ги прифаќа поставените правила. Доколку сте истрајни во ограничувањата, односно поставените граници се како ѕид, а не како врата која повремено се отвора, детето ќе се „одбие“ од ѕидот и ќе почне да размислува за алтернативните начини за исполнување на своите потреби.

2. Рутина

Во детството постојат толку многу работи што се нови и предизвикувачки за детето. Учење самоконтрола и емпатија. Да научи како да се спријатели и како да функционира со други личности. Ова се огромни работи за децата. Можете да користите разни методи, на пример, картички за секојдневни активности кои ќе му помогнат поопуштено да ги извршува задолжителните активности. Всушност, кога детето знае што се очекува од него, тоа ќе биде побезгрижно. Имате тврдоглаво дете? Уште подобро. Воведувањето рутина ќе му дозволи да мисли дека контролира нешто, а таа работа многу им значи на тврдоглавите деца.

3. Време за спиење

Спиењето влијае врз развојот на мозокот. Детскиот мозок константно се развива, создавајќи нови невронски врски. Сонот им е неопходен за да се негува овој развој. Поради детските активности, училиштето, користењето на технологијата, децата подоцна одат на спиење и имаат проблеми да се смират пред спиење. Една од основните работи што треба да ја практикувате заради нивното однесување, нивното здравје и за нивно добро е да им го обезбедите сонот што им е потребен.

4. Емпатија

Што им треба на децата за да бидат среќни и успешни? Многумина ќе бидат зачудени од одговорот: Емпатија. Тоа е способност да влеземе во туѓите чевли. Новите истражувања покажуваат дека емпатијата игра голема улога во предвидувањето на среќата и успешноста на децата. Емпатијата како однесување се учи, таа не е стекната особина.
– Со емпатијата изразуваме љубезност, социјализираност, како и морална храброст и таа претставува лек против малтретирање, агресија, предрасуди и расизам – вели д-р Мишел Борба, психолог и експерт за родителство.

5. Прегратки

Вирџинија Сатир, семеен психотерапевт, вели: „Ни требаат 4 прегратки на ден за да преживееме, 8 за да ја одржиме рамнотежата и 12 за да се развиваме“.
„Преку прегратките нашето тело ослободува окситоцин, познат како хормон на љубовта, кој има битно влијание врз нашето тело – го стимулира развојот. Истражувањата покажаа дека прегрнувањето автоматски го подигнува нивото на окситоцинот. Кога тоа е во пораст, неколку хормони на раст исто така се подигаат, како што се инсулинот (ИГФ-1) и невронскиот хормон на раст. Нежните допири и прегратки можат да придонесат за развојот на детето“ – вели Памела Ли, автор на книгата „Воспитување на детскиот ум“.

6. Разиграни родители

Сè помалку време издвојуваме за забава и игра. Деновите ни се исполнети со стрес, обврски и напорна работа, па речиси и да не забележуваме дека сме сè пооддалечени од децата. Играта е основната работа на нашите деца и за да оствариме врска со нив, мораме да си играме заедно.

7. Поминувајте доволно време во природа

Различни физички активности, особено на отворено, придонесуваат за многу работи, пред сè за креативноста, преку остварувањето успех, до емоционалната стабилност.

– Децата што не се активни можат да имаат многу проблеми, од емоционални, на пример, плачат за секоја ситница, до проблем каков што е правилното држење на моливот – вели Мерил Дејвидс Ландо, автор на книгата „Просветлувачко родителство“.

8. Секојдневни обврски

Иако е тешко да се натера детето да завршува дел од секојдневните куќни обврски, тоа може да има голема корист. Истражувањата покажуваат дека децата што вршат некои куќни обврски имаат поголема самодоверба и се поодговорни, но и подобри се во соочувањето со гневот и со жртвувањето на одредени задоволства, што доведува и до подобри резултати на училиште.
Дополнително, истражувањето што го спровел Марти Росман покажува дека вклучувањето на децата во куќните работи има позитивно влијание врз подоцнежниот живот. Всушност, Росман вели дека најдобар показател за успех на млад човек (средни 20-ти години) е токму учествувањето во куќните работи во детството.

9. Поголеми ограничувања на користењето технологија

За нормално да се развиваат невронските врски во критичниот период од детскиот развој, тоа мора да добива специфична стимулација. Видовите стимулација се развивале во текот на еволуцијата на човекот – па затоа не можат да се најдат на екраните на современите технолошки уреди.

– Кога детето премногу време поминува пред екраните, не добивајќи квалитетна стимулација од реалниот свет, неговиот развој се забавува – вели д-р Лираз Маргалит.

10. Доживувања, а не предмети

На децата помалку им требаат материјални подароци, а многу повеќе значајни доживувања. Кога ќе пораснат, нема да се сеќаваат на добиените подароци, туку ќе се сеќаваат како ловеле риби или како заедно сте изградиле кула од песок која ја потопил еден бран… Најдобрите искуства во животот чинат малку пари – пикник во природа, правење балончиња од сапуница, цртање со креда на бетон или играње со топка. Сите овие работи имаат нешто заедничко: ги правите заедно.

– Децата сакаат да поминуваат квалитетно време со своите родители – вели Сели Вајт.

11. Забавете

– Им советувам на родителите да одвојат одредено време и да ги набљудуваат своите деца додека си играат, додека ги работат домашните задачи или додека јадат. Издвојте ги тие моменти и впијте ги. Потсетете се колку ви се прекрасни децата. Овие паузи, макар биле и минимални, доведуваат до регулирање на темпото на живеење – вели Џон Дафи, психолог.

12. Читајте им книги

Една од најважните работи што треба да ги направи родителот (освен грижата децата да се здрави и безбедни) е да им чита на децата. Почнете по самото раѓање, читајте им и кога не умеат да зборуваат и читајте им сè додека не почнат самите да читаат.

– Сите истражувања на оваа тема покажуваат дека читањето придонесува за развој на говорот, интеракција и поврзување со родителите и кога ќе научат сами да читаат, тоа ќе ги направи да се чувствуваат важни, ќе го разбираат светот и ќе бидат сочувствителни личности – вели Ејми Џојс.

13. Музика

Научниците докажале дека кога детето учи да свири на некој инструмент, неговиот мозок станува способен да слушне и да обработи звуци кои инаку не би можел. Ова им помага да распознаваат одредени невропсихолошки разлики меѓу звуците, што доведува до подобрување на севкупните резултати кај детето.

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top