Разговорот со детето за сексуално насилство треба да биде смислен преку игра, без заплашување и закана. Треба да се следи детето и да се задоволи неговата потреба за сигурност. Родителите имаат многу стравови кога е во прашање оваа тема и често се прашуваат дали за тоа треба да зборуваат со децата. Обично ја ставаат под килим, со желба децата дополнително да не ги изложуваат на страв и непријатности, бидејќи не се доволно спремни да ја разберат појавата на сексуално насилство. За малите деца, родителите мислат дека се под нивна контрола и со самото тоа тешко дека може нешто лошо да им се случи, па затоа не треба непотребно да ги плашат.
Понекогаш родителите се тешат дека тие разговори треба да ги завршува некој друг, како воспитувачите кои се обучени да разговараат со деца на различни теми. Или сметаат дека тоа може да го направат и некои други лица во животот на детето, затоа што тие не се толку емотивно вклучени во односот со децата, на пример, бабите или тетките. На крајот, за жал, за тоа не се зборува ниту во градинка, ниту во кругот на блиските возрасни лица. Главно ваквите разговори се оставаат за тинејџерскиот период, а истражувањата покажуваат дека најчесто не се водат ни тогаш.
Како што и самите родители знаат, има многу прашања на оваа тема. Затоа не е лошо да се запишат бидејќи потоа сите некако стануваме свесни дека на родителите не им е лесно и дека им треба поддршка да ги споделат своите недоумици, стравови, верувања, надежи. Родителите треба да знаат некои работи кои се засновани и на искуствата на лицата што работат со деца жртви на сексуално насилство, како што треба да знаат и некои наоди од студии кои се занимаваат со истражувања од оваа област.
Прв чекор е да се нарекуваат работите со вистинското име
Постојат лица кои ги оставаат децата да престојуваат долго време сами, не им даваат доволно храна и вода, ги оставаат премногу да седат пред екраните или не им дозволуваат да си играат и да се дружат. Тоа го прават само од за нив познати причини. Кога ваквото однесување трае во континуитет, треба да се знае дека таквите луѓе ги занемаруваат децата. Таквото однесување нема врска со тоа дали во семејството има или нема пари. Кога се случува некој намерно да го повредува телото на детето, да го удира, влече за коса, толку силно што на детето ќе му останат модринки или расеченици, а некогаш се случува да има и скршеници, детето е изложено на физичко насилство. Постојат лица кои намерно ги повредуваат чувствата на детето. Велат или прават нешто за да го растажат, исмејуваат или да направат да се чувствува непријатно и да почне да мисли за себе дека е лошо. Тогаш се работи за емоционално насилство.
Дури и кога детето само присуствува и гледа што се случува, тоа е жртва на семејно насилство. Тогаш го боли душата
Кога детето присуствува на ситуации каде што возрасните лица се повредуваат едни со други, без разлика дали физички дали емоционално, па затоа детето се чувствува исплашено, тажно, загрижено, тогаш тоа е насилство во семејството. Дури и кога детето само присуствува и гледа што се случува, тоа е жртва на семејно насилство. Тогаш го боли душата, а трагите не ги гледа никој друг. Кога некој ќе го натера или бара од детето тоа истото да му го направи на друго лице, така што ќе го/ја допира по интимните делови од телото или бара од детето да покажува или да гледа интимни делови од телото на друго лице, тогаш тоа се нарекува сексуално насилство. Сексуалното насилство се случува и кога некој покажува филмови или фотографии, книги или списанија на телевизија или на мобилен телефон со такви содржини.

10 препораки како да водите разговор со детето за сексуално насилство:
– Сè што ви кажува детето сфатете го сериозно и вистински верувајте и уважете ги неговите доживувања и чувства.
– Не минимизирајте, не забошотувајте, не бегајте од темата и не вртете ги сериозните работи на шега.
– Разговарајте со детето за личните граници, добрите и лоши тајни, за различните видови допир – оние што се пријатни и оние што не се.
– Научете го и покажете му дека неговото тело му припаѓа само нему.
– Објаснете му дека и чувствата се важни и дека е потребно да го следи својот внатрешен глас. Тоа најдобро ќе го направите така што вие ќе ги препознаете, именувате и ќе управувате со сопствените чувства.
-Научете го дека има право да каже НЕ или ЈАС НЕ САКАМ, дека има право да побегне, да вреска, да трча кога му се заканува опасност.
-Објаснете им на децата дека интимните делови на телото се оние што се покриени со долна облека или костим за капење.
-Децата треба да знаат дека постојат добри и лоши тајни. Добрите тајни се однесуваат на роденденски подароци, на чување информации каде ќе летуваат, на подготовка на доаѓање на нов член на семејството. Лоша тајна е онаа во која детето треба да ветува дека нешто нема да каже, а тоа нешто не му одговара, не му е пријатно, го загрижува, го плаши, го растажува, збунува, му создава немир. Кога детето трепери од страв од тајната што треба да ја чува, тогаш тоа е лоша тајна.
– Објаснете му на детето дека секој авторитет може да се сруши ако се гради на нешто што тој авторитет го прави, а детето поради тоа се чувствува исплашено, тажно и засрамено.
-Детето треба да знае дека никогаш нема да биде обвинето од страна на своите родители ако доживеало насилство на кое било изложено, како што треба да знае дека родителите се првата адреса за обраќање ако нешто тргне на лошо.
Сето ова можете да го остварите со заемно воспитување и така што за вашето семејство тоа нема да биде тема која ја оставате за утре. Разговорот треба да биде осмислен преку игра, без заплашување и закана. Треба да го следи детето, а не вашата желба што повеќе да му кажете. Добро е да се користат сликовници и играчки. Во тој разговор на децата треба да им биде задоволена потребата за сигурност. Детето останува безбедно кога нешто што го мачи им го кажува на родителите и кога тие го разбираат. Кога не добива обвинувања дека е самото виновно за нешто што се случило. На тој начин детето се чувствува задоволно, сигурно и учи да води грижа за себе. Подоцна во животот се потпира на тоа доживување и потоа семето кое е посеано во семејството раѓа сигурност и го подготвува детето со алатки за живот кој е убав, но кој, како што знаеме ние возрасните, може да биде и комплициран.
Автор: Смилјана Грујиќ, психолог и психотерапевт