Ова девојче пред две години се вљубило во магичниот звук на виолончелото, уште кога првпат го чула, а оттогаш не запира со освојувањето на срцата на оние што ја слушаат, но и со освојувањето награди

Во период од само две години, колку што десетгодишната Ева Малинковска од Скопје свири на виолончело, имала над 20 јавни настапи и има освоено десетици меѓународни награди. Талентот за овој инструмент кај ова девојче, кое е третото дете од вкупно четирите во семејството Малинковски, го препознала професорката по виолончело Маре Видевска, кај која веднаш почнала да оди на часови. Во шестчленото семејство единствено Ева свири на инструмент, но и нејзиното помало братче Лука има желба да оди во музичкото училиште.

Првата средба на Ева со нејзиното виолончело, на нејзиниот 8. роденден

Интересот на Ева за инструментот виолончело се појавил на еден од часовите по солфеж во првата година од нејзиното музичко образование, кога нејзината сегашна професорка Видевска била дојдена со нејзина ученичка да го презентираат инструментот, за децата одблиску да се запознаат со него и воедно да го слушнат звукот, кој навистина е магичен. Тој час за девојчето бил пресуден за да го избере виолончелото за нејзин инструмент. Таа се вљубила во него во истиот момент, а нејзините родители ја испочитувале нејзината силна желба и решиле да ја поддржат во понатамошното музичко образование.

– На седумгодишна возраст таа почна со часови по солфеж кај професорката Мери Проданоска, а веќе следната година почна да свири на виолончело кај професорката Видевска. Освен настапите, во овие две години има посетувано семинари кај многу познати професори по виолончело. Музичката програма за нејзини години ја совладува многу лесно и самата наметнува напредно и брзо темпо во учењето. Новите песни што треба да ги свири брзо ги учи напамет без да ѝ требаат ноти. Цел успех за овој краток период од две години немаше да се оствари без нејзината професорка по виолончело Маре, која веднаш го препозна талентот кај Ева и која цел овој период несебично и целосно ѝ се посветува – вели таткото на Ева, Трајче Малинковски.

Со професорката по виолончело Маре Видевска

Десетгодишното девојче во овие две години има освоено прва награда на општинскиот и прва награда на регионалниот натпревар на млади музичари од основните училишта во Македонија. Исто така, прво место освоила и на државниот натпревар во 2018 година, како и прва награда на меѓународниот натпревар „Полихимниа“. Прва награда освоила и на меѓународниот натпревар и фестивал „Охрид те сакам“, како и втора награда со освоени високи поени на престижниот натпревар во Ниш оваа година. Ева има дипломи за успешно совладани семинари кај професор Милтиадис Казарас од Грција и кај професор Дејан Митровиќ од Република Србија. Исто така, има добиено и диплома за отворање на фестивалот „Богородичен покров“.

Кротка е и послушна

– Ева е е навистина посебно дете во секоја смисла и ја чувствуваме за вистински благослов од Бог. Кротка и послушна кон родителите и наставничките, одговорна е, перфекционист е во сè што работи, креативна е и исполнителна на училиште. Кон секого се однесува со почит и каде и да е, во која било средина, умее да го пренесе нејзиниот внатрешен мир и убавина. Нашите деца ги воспитуваме во христијански дух. Тоа значи да ги сака и почитува сите луѓе, да простува ако некој ѝ згреши, да биде дарежлива и хумана личност, и без разлика на нејзините големи успеси што ги постигнува со музиката, да остане скромна и едноставна личност – додава таткото Трајче.

Целото семејство Малиновски

Од искуството со воспитување четири деца, тој смета дека за добро воспитување се потребни секојдневни разговори со децата и почит кон нивната личност и нивните ставови и размислувања за животот.
– Кога на овие работи ќе ја додадеме и љубовта што ја имаме кон своите деца, сме ја постигнале целта и сме изградиле вистински личности спремни да се соочат со сите предизвици во животот – вели тој.

Свири, но и танцува

Освен интересот кон музиката, Ева многу сака и да танцува, и тоа навистина добро го прави. Исто така, од мала секое слободно време го користи за нешто да креира, нејзината соба е полна со разни креации.
Ева има многу другари. Летово нејзината најдобрата другарка се сели во странство и таа многу тагува по неа.

Ева свири, а нејзиното папагалче Коко пее

Сон ми е да настапувам на големи концерти

Работните денови на Ева се многу исполнети. Кога трае учебната година, по часовите оди на часови по странски јазици и многупати оттаму директно оди во музичкото училиште.
– Во деновите кога не одам на часови во музичкото училиште, дома вежбам на виолончелото по час и половина до два. Најмногу од сè сакам да свирам на виолончело, а секое слободно време го користам да си играм и да разговарам со мојата постара сестра и моите две братчиња. Мојата најголема желба е да бидам музичар и да настапувам на големи концерти – вели Ева.



912

X