Звукот од петардите и пиротехниката предизвикуваат разни трауми кај децата со аутизам и тешкотии во развојот, предупредуваат стручните лица и родителите на овие деца. Поради силниот звук, децата се вознемируваат, се плашат и се јавуваат последици како страв, вознемиреност, агресија, напади, испади, автоагресивни испади и друго.

– Лицата со аутизам и лицата со тешкотии во развојот имаат проблем при процесирање јаки сензорни дразби, како што се аудитивни (изненадна бучава) или визуелни (силна светлина). Поради тоа, многу често и најмала таква стресна состојба може да предизвика бурна реакција. Најчести реакции на вакви дразби се претерана нервоза, вознемиреност, страв. Силните сензорни дразби, доколку лицето има сензорни проблеми, ги доживуваат болно – објаснува дефектологот Милица Серафимовска.

Таа посочува дека некои лица реагираат со панични стравови, општа вознемиреност, плачење, агресивни и автоагресивни испади.

– Лицата ги затвораат ушите, се јавуваат и стереотипни движења, повторувачки фрази, нарушен сон, нарушена дневна рутина, која е многу значајна за функционирање на лицата со аутизам и сензорни нарушувања. Новогодишните празници за многу семејства се „ноќна мора“ и наместо празниците да носат радост во сечиј дом, во овие семејства носат солзи, повреди и користење многу лекови за смирување – потенцира Серафимовска.

За време на празниците најчесто лицата со аутизам се затворени дома, за да се заштитат од овие силни и непредвидливи дразби.

И полицијата упатува чести апели до граѓаните да не се користат пиротехнички материјали поради прекршување на законските одредби, но и поради опасност од повреди.

Продавањето, односно купувањето и пукањето петарди и пиротехнички средства на јавни места (улица, дворови, влезови на станбени згради и слично) претставува законски прекршок, за кој е предвидена глоба од 100 до 250 евра во денарска противвредност. Дистрибуцијата на пазарот во поголеми количини е спротивна на Кривичниот законик и за ова дело, казниво по член 396, е предвидена казна затвор од 3 до 10 години.

Извор: МИА



912

X