Дефиниција за „тринејџер“: малечко човечко суштество што живее со тебе, кое според изводот на раѓање е тригодишно, но според однесувањето е тинејџер

– Шшшш. Мама, јас сум зафатена. Оди си.
– Мамо, јас ќе го направам сама.

Ова се изјави што сум ги слушнала безброј пати од мојата ќерка. Во една секунда од прекрасно слатко девојче кое сака милион прегратки и бакнежи може да се претвори во тврдоглава мала жена.

Како што мојата ќерка ја искажува својата независност, со остри зборови и доминантен карактер, понекогаш не знам дали да се смеам или да ѝ вратам со исто однесување.

Во тие моменти на тинејџерска болка се обидувам да пронајдам какво било трпение што не сум го искористила кога таа имаше две години, и се потсетувам дека на три години таа поминува низ некои големи животни транзиции.

Во ова малечко суштество почнува да расте чувството за себе, наоѓајќи свој глас и независност, а моја работа е да го охрабрам тоа. Иако ќерка ми може да биде некултурна и груба, оваа развојна фаза служи како огромно искуство за учење и за двете. Време е таа да порасне во личноста што е, а време е јас да ѝ дадам простор да го направи тоа, истовремено покажувајќи ѝ како соодветно да се изрази себеси.

Ако имате тинејџер дома, знаете каков предизвик е тоа. Тригодишниците поминуваат низ некои големи животни транзиции во оваа фаза од нивните животи, па затоа е важно да ги сфатите и да запомните некои работи.

1. Учат да управуваат со своите емоции

На тригодишна возраст децата почнуваат да ги сфаќаат своите емоции. Тие дури и може да почнат да ги идентификуваат своите чувства со зборови.

Сепак, тие сѐ уште не се развојно подготвени да ги контролираат своите чувства. Ако мислат дека нешто е смешно, ќе се смеат неконтролирано. Ако нешто им се случи и се тажни, ќе плачат неутешно.

Нивните емоции се интензивни и за нив може да се премногу – обидете се да бидете трпеливи и да сфатите дека на три години тие немаат капацитет правилно да ги контролираат своите емоции.

2. Тие сакаат моментално задоволство

Тригодишниците немаат контрола врз импулсите. Ако чувствуваат потреба да направат нешто, тие ќе дејствуваат без многу размислување.

На пример, тие може да ви го извадат чоколадото од чантата дури и ако сте кажале не, или може да удрат друго дете кога ќе се налутат. Задоцнетото задоволство треба да се научи со текот на времето, а тоа не е нешто што тригодишните деца го разбираат.

3. Учат како да решат конфликт

Тригодишниците може да удрат, да каснат или да турнат некого како начин да се справат со конфликтот. Бидејќи тие дејствуваат во момент на импулс, не ја разбираат разликата помеѓу соодветни и несоодветни вештини за разрешување конфликти.

Како родител, важно е да му кажете на вашиот „тринејџер“ дека постои соодветен и несоодветен начин за изразување на емоциите и да ги реши проблемите со другите. Треба да му го покажете ова преку вашето реагирање на конфликти и така што ќе разговарате за неговите решенија на конфликтот.

4. Развиваат смисла за хумор

Децата на оваа возраст развиваат вистинска смисла за хумор. Иако вашиот вкус за хумор може да биде поинаков, запомнете дека во оваа фаза тригодишниците учат како да бидат смешни.

5. Учат за емпатија

Емпатијата почнува да се развива кај децата на околу три години. Тие можат да се поврзат со другите кога се повредени и може да добиете одговор од нив кога ќе ги прашате како се чувствуваат. Може и да плачат ако мислат дека ве повредуваат, особено ако не мислеле да го направат тоа.

6. Учат да играат со другите

На 3 години децата учат да играат со другите. Пред тоа имаше паралелна игра, но на оваа возраст тие почнуваат да играат и со други. Може дури и да ве викнат да играте со нив.

Вашето дете расте брзо и се претвора во сопствена личност. Колку и да е страшно, возбудливо е вашите деца да растат во личности. Тие почнуваат да сакаат или да не сакаат работи и да бидат љубопитни за животот општо.

Колку повеќе се изразуваат за тоа како се чувствуваат, толку помалку тантруми ќе имаат. Важно е за секој родител да знае дека ова е деликатна возраст и да се сети дека доследноста и трпеливоста се клучни. Не сфаќајте ги нивните зборови премногу лично и обидете се да ги објасните работите без преголема емоција или лутина.

Автор: Ајлен С. Коен, психотерапевт



912

X